X
 05.07.2022 Наша тема

Денис Милошески дизајнирал за „Гугл“ и „Самсунг“, а сега има своја компанија за мини-смартфони

Роден сум во Детроит, а моите родители се по потекло од различни предели на Македонија. Татко ми има потекло од Скопје и од тетовското село Вратница, додека мајка ми од Прилеп. Имам убави сеќавања од моето детство кога одевме на посета во Македонија, за време на летните одмори, и сѐ уште одржувам контакт со моите роднини таму

Како прва генерација на дете родено во САД, откако неговите родители мигрирале од Македонија во 70-тите години на минатиот век, Денис Милошески успеал да стигне до раководни дизајнерски позиции во „Гугл“ и во „Самсунг“. Тој моментално е коосновач и извршен директор на компанијата „Палм“, која произведува мали и практични мобилни телефони со функции на нормален смартфон. Компанијата е поддржана од најдобриот играч во НБА-финалето, Стефан Кари - ѕвездата на „Голден Стејт вориорс“. Исто така, тој неодамна се вработи како советник на Универзитетот во Калифорнија.

Кога се преселиле во САД, неговите родители работеле во ресторан, каде што и Денис често помагал, така што од тој секојдневен контакт со различни луѓе научил важни лекции кои сѐ уште му служат во животот.

- Роден сум во Детроит, додека моите родители се по потекло од различни предели на Македонија. Татко ми има потекло од Скопје и од тетовското село Вратница, додека мајка ми од Прилеп. Имам убави сеќавања од моето детство кога одевме на посета во Македонија, за време на летните одмори и сѐ уште одржувам контакт со моите роднини таму - вели Денис.


Кога ќе дојдат Американци на гости, веднаш бараат ракија

Со оглед на тоа што англискиот му бил втор јазик, Денис морал брзо да се адаптира и успеал добро да го совлада кога тргнал на училиште, бидејќи тогаш сфатил дека никој околу него не разбира македонски. 

- Да речеме дека морав брзо да се адаптирам. Израснав со силно македонско влијание. Во Детроит во тој период имаше многу Македонци, така што голем дел од македонските традиции беа присутни кога растев. Бурек, ајвар, тавче-гравче се само дел од традиционалните македонски јадења што ни беа пренесени нам, на помалите. Свадбите на Македонците тука се слични како во Македонија, така што мора да се знае да се игра оро, а кога на гости ќе дојдат Американци, веднаш бараат да пробаат ракија - додава Денис. 

Како мал, цело време чепкав нешто и поправав

Денис уште како мал се интересирал за технологиjaта и како работат апаратите. Тој постојано склопувал и расклопувал компјутери, а таа негова фасцинација од начинот на кој функционираат апаратите, како и желбата секогаш да пробува нови работи, хобија и слично, го насочила кон неговите студии, кои подоцна ќе се покажат како двигател на неговата кариера.

- Мојата љубов кон науката и дизајнирањето иднина која сѐ уште не постои датира од најрана возраст. Цело време нешто чепкав, поправав компјутери, средував мотори на стари автомобили, правев вино за пријателите. Едноставно бев љубопитен околу тоа како функционираат работите.  

Од тој аспект, првин студирав дизајн, а паралелно често киснев во компјутерските лаборатории и на тој начин ги комбинирав девет мои големи пасии, односно дигиталниот и физичкиот дизајн на продукти. Откако ја почнав кариерата, се вратив да студирам бизнис на „Харвард“ со цел да станам подобар лидер и да се надградам за да напредувам професионално - вели Денис.


Воден од сонот, спакував сѐ што можев и се преселив во Сан Франциско

Кога завршил со студиите, Денис го фатил првиот воз кога станува збор за развојот на интернетот во тоа што е денес. Тој рано сфатил дека иднината на светот, а со тоа и неговата иднина, лежи во интернетот и веднаш се обидел да се пронајде на тоа поле. Почнувајќи со работа во неколку стартап-компании, Денис ја добил својата прва голема можност како главен дизајнер во GE (The General Electric Company).

- Воден од сонот, спакував сѐ што можев во автомобилот и се преселив во Сан Франциско. Првин работев во неколку стартап-компании и тоа ми ги отвори очите околу потенцијалот што го нуди интернетот. Првиот посериозен кариерен тест го имав во GE, каде што влегов како доволно квалификуван и многу научив. Не помина многу време и мојот немирен дух и желба да напредувам ме одведоа во друга компанија. Станува збор за DivX. Таму стигнавме до 1 милијарда преземања на нашите видеа и притоа бев дел од тимот што постави стандард за квалитетот на видеа што ќе се користат на интернет во иднина - се присетува Денис.

6 години во „Гугл“

Успесите што ги имал во раната фаза од неговата кариера не останале незабележани од страна на регрутите на таленти во „Гугл“, па така Денис добил понуда која не можел да ја одбие и станал дел од овој гигант. Тој поминал 6 години во „Гугл“, првин како еден од водечките дизајнери, а подоцна конкретно работејќи на одредени алатки кои до денес се носители на оваа компанија.


- Првите 3 години во „Гугл“ ги поминав работејќи на Gmail, Google docs, Spreadsheets, Presentations и Reader, со цел овие алатки што е можно подобро да се пласираат на пазарот.  По одреден успех ми беше доверено да работам на новата видеотехнологија што ја нудеше „Гугл“. Тогаш правевме напори да смислиме хардвер со кој на наједноставен начин би можеле да се приклучите на вашиот телевизор, а смартфоните или таблетите да ви бидат далечински управувач. Тоа еволуираше во технологијата Google Chromecast, која до денес е едно од најиновативните парчиња хардвер што „Гугл“ ги има направено. 

По 5 години во „Самсунг“ се одлучил да ја основа „Палм“

По успехот во „Гугл“, Денис го прифатил новиот предизвик наречен „Самсунг“. Во оваа компанија поминал пет години со дадена задача да го реорганизира одделот Самсунг дизајн Америка во Сан Франциско. Откако успеал во тоа и со 15 продукти испорачани под негов надзор додека бил таму, Денис се решил за уште еден храбар чекор - да основа своја компанија.

- Ги регрутирав едни од најострите умови што можев да ги најдам и заедно изградивме една нова култура во „Самсунг“ од аспект на тоа како треба да работат дизајнерски тимови со цел да се извадат производите што им се потребни на потрошувачите. Паралелно сонував за тоа да ги охрабрам луѓето да погледнат нагоре и да ја остават технологијата малку невидлива. Така направив бизнис-план со цел да се задржи потребата од технологија, но да не биде примарна во нашите животи. Ја рестартиравме компанијата „Палм“ и еве до денес уште сум ѝ посветен - завршува Денис.  
 
 
Фото: приватна архива


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Наша тема