X
 06.03.2021 Наша тема

Солистките Ангела и Теодора на 17 години се китат со најпрестижни награди

Ангела Андовска и Теодора Пејиќ се соло-пејачки. Ученички во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, двете се трета година. Со своите 17 години имаат богато и импресивно искуство, имаат освоено многу награди, а велат дека нивната професионална авантура допрва почнува

Ангела Андовска и Теодора Пејиќ делат заедничка љубов, хоби, пасија. И двете се солистки со високи амбиции. И во време на пандемија неуморно се надградуваат, натпреваруваат и неретко освојуваат награди, лаурети, први места. Ученички се во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, двете се трета година. Со своите 17 години имаат богато и импресивно искуство, а велат дека нивната професионална авантура допрва почнува.

Она што ги спојува Ангела и Теа е последниот настап во Малезија, каде што настапиле и двете и ги освоиле најпрестижните награди.



- Една од наградите на која сум многу горда ја освоив неодамна во Чопин, Малезија. Се закитив со прво место со композицијата ,,nel cor piu non mi sento-Giovanni Paisiello“ каде што ја претставивме Република Македонија во најдобро светло со Теодора Пејиќ, која исто така освои прва награда на меѓународниот онлајн-натпревар „Persatuan Chopin“ - вели Ангела.

Вежбам секојдневно по 2 до 3 часа пред огледало


Ангела учи соло-пеење веќе 7 години во класата на професорката Гонца Богоромова-Краповски. Во последниве 9 месеци освои многу први награди и лаурети во Бугарија, Македонија, Италија. Покрај академското пеење, го обожава и џезот, со песната ,,Dream a little dream of me“ од Дорис Деј освои прво место со плус степен и лаурет во Бугарија на фестивалот „Stars of the world“.

- Мојата детска желба да играм и пеам пред моите родители ја пренесов и на сцената. Обожавам да пеам сè што сметам дека е убаво и привлечно за уво и душа, а омилени жанрови ми се рок, џез, блуз, шлагери, опера и понекогаш поп. Ова е професија што прави да сте секогаш исполнети со убави емоции, задоволство од среќа, многу насмевки и секојдневни предизвици. Вежбам секојдневно по 2 до 3 часа пред огледало, а на часовите го потврдувам сработеното и ги поправам забелешките што ќе ги уочи мојата професорка, и заедно работиме тоа да звучи сè подобро и подобро. Во овие услови каде што се промени секојдневното живеење, се разбира имаше и влијание и врз текот на нашето школување, но кога се сака, сѐ се може, па така благодарение и на технологијата, мојата работа со пеењето се одвива без проблем и во континуитет. Впрочем, и резултатите од сите мои учества на онлајн-натпреварите го потврдуваат тоа - вели Ангела, додавајќи дека нејзините најсилни адути се посветеноста, упорноста, креативноста и поставувањето нови цели.


Ангела Андовска

Сакам да застанам на сцената на Бољшој

За натпреварот во Малезија, иако онлајн, вели дека е голем предизвик бидејќи се работи за интернационален настан со учество на голем број земји и учесници.

- Предноста кај онлајн-натпреварите е тоа што потребната снимка што треба да се прати може да се повтори доколку нешто не ти звучи како што треба, за разлика на натпреварите во живо, каде што ја немаме таа можност. Секако, претстои гала-концерт во Малезија, за кој се радувам да настапам, но поради околностите поврзани со пандемијата, треба да причекаме за да видиме како ќе се реализира. Морам да напоменам, конкуренцијата е голема бидејќи тоа се деца на кои пеењето им е главен инструмент, а во мојот случај, го изучувам како втор изборен инструмент. Затоа оваа награда ми е особено драга и сум навистина среќна и горда на мојот успех - вели Андовска.



Обожава џез и опера. И двата жанра еднакво ѝ ја исполнуваат душата.
- Секој настап е нова цел, секој нов натпревар е нов предизвик, секоја година што доаѓа носи нови возбуди и нови очекувања од себеси. Посакувам да сум здрава и мудра во сите одлуки што ќе ги донесам за да останам на правиот пат и да се реализирам во успешна и среќна личност, која ќе има можност да го прошета светот и да запее на големите сцени. Еден од моите сонови е да застанам на сцената на Бољшој театар во Русија - вели Ангела.

Освоени награди од онлајн-натпревари

И Теодора Пејиќ досега има учествувано на многу натпревари за пеење и вели дека секоја награда ѝ е голема мотивација да биде уште подобра.
- Љубовта кон пеењето расте со секој нов ден. Од мали нозе константно пеам. Во осмо одделение решив дека сакам да се занимавам со пеењето како идна професија и се запишав на соло-пеење во класата на професорката м-р Александра Коцевска, под чие будно око го продолжив и средното образование. Таа од самиот почеток ми дава мотивација и бескрајна поддршка - вели Теодора.


Теодора Пејиќ

Се пронаоѓа во оперската музика и многу сака да пее соло-песни од Шуберт и арии, како што се аријата на Орфеј „Che faro senza Euridice“ и аријата на Кармен „L'amour est un oiseau rebelle“, попозната како Хабанера.

- Исто така, како хоби, се обидувам да сум присутна и во забавната музика. Од забавната музика сакам да пеам поп и рок-песни и истовремено да се пратам/ги свирам на пијано или укулеле. Како најмоќни адути во моето пеење сметам дека се мојата музикалност, бојата на гласот и моќта на мојот глас. Секојдневно вежбам и ги развивам кондицијата и техниката на пеењето. Кога почна пандемијата, мислев дека нема да можам да излезам на сцена подолго време, но настапив на два преубави концерти (настап со камерниот оркестар АРКО и настап на чествувањето на деновите на Мајка Тереза) и на два меѓународни натпревари во Скопје (Полихимниа и Млади таленти) на кои освоив први награди. За среќа, се појавија многу онлајн-натпревари и така успеав да се претставам во повеќе земји, иако бевме затворени во нашите домови - сподели Теа.



Настапи низ светот без трошоци за сместување


Претходната година освоила лауреати на меѓународните онлајн-натпревари „Летај со мене“ во Москва, Русија, и „Соѕвездие на таленти“ во Кишињев, Молдавија, и прва награда на меѓународниот онлајн-натпревар „World super star“ во Лас Вегас.

Најновиот успех ѝ е освоената прва награда на меѓународниот онлајн-натпревар „Persatuan Chopin“ во Малезија.



- Со оглед на тоа дека натпреварот беше онлајн, немав достапност до изведбите на другите кандидати и не можев да ги слушнам, но јас испеав најдобро што можам, дадов сè од себе и се потрудив пред меѓународната комисија да се претставам себеси и Македонија во најдобро светло. Онлајн-натпреварите, по мое мислење, се полесната опција и има многу предности, но и недостатоци. За разлика од настапите и натпреварите во живо, на онлајн-натпреварите имам помалку трема затоа што единствената публика ми е камерата, нема дефокусирање и можам да се покажам најдобро. Исто така, онлајн-натпреварувањето дава можност да се настапува низ целиот свет без дополнителни трошоци како што се патување, сместување итн. Но најголемиот технички недостиг на овие натпревари е тоа што не може да се добие комплетна слика на изведувачот. Има голема разлика кога некој се слуша како пее преку телефон и во живо - објаснува Пејиќ.


Гонца Богоромова

Вели дека досегашниот успех е само почеток на нејзината пејачка кариера.

- Имам многу желби, предизвици, но потребна е и упорна работа за да стигнам каде што сакам. Најголемиот сон за мојата кариера е да настапувам во салите на Штац опера, Метрополитен опера, Гарние опера и многу други - вели Теодора.
Подготвил: Сања Јачевска / sanja.jacevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Наша тема