X
 06.08.2024 Здравје

Акутен миокарден инфаркт со елевација на СТ сегментот (СТЕМИ)

Акутен миокарден инфаркт е животозагрозувачка состојба предизвикана од ненадеен прекин на протокот на крв во коронарните артерии (крвни садови кои доставуваат крв до мускулот на срцето).

Најчеста причина е руптура на атеросклеротска плака со формирање на оклузивен тромб. Поретки причини се ерозија на атеросклеротска плака, дисекција на коронарна артерија (почесто кај жени), емболизација и вазоспазам.

Ризик-фактори

Модифицирачки ризик-фактори:

• покачениот крвен притисок
• хиперлипидемија
• шеќерната болест
• пушењето
• зголемената телесна тежина

Немодифицирачки ризик фактори:

• позитивна фамилијарна анамнеза
• машки пол

Клиничка слика

Ретростерналната болка е главен симптом. Пациентите ја опишуваат како стегање, печење, жежење, тежина во пределот на градите. Болката е слична како кај стабилна коронарна болест (ангина пекторис), но трае подолго, со посилен интензитет, не се смирува од давањето на нитроглицерин сублингвално или доколку се јави при физичка активност не се смирува од прекинувањето на истата. Болката често се шири кон левата рака и долната вилица а во поретки случаи особено кај возрасни и пациенти со шеќерна болест може да има атипични симптоми како отежнато дишење, граден дискомфорт, болки во епигастриум, повраќање.

Дијагноза

За изходот на пациентот, клучно е брзото поставување на дијагнозата, и брзото започнување со третман. ЕКГ се прави во првите 10 минути од контакт на пациент со лекар, кога клиничката слика не посочува за акутен миокарден инфаркт.

Дијагнозата се поставува врз база на ЕКГ знаци за акутен миокарден инфаркт-

• СТ сегментна елевација повеќе од 2мм во два последователни одводи за прекордијалните одводи(V1-V6) или СТ сегментна елевација повеќе од 1мм за стандардните одводи(D1,D2,D3,aVF,aVL).
• Срцевите специфични тропонини се оптимални биомаркери за евалуација на пациенти со СТЕМИ и се знак за миокардна некроза. Се покачуваат во првите неколку часа од почетокот на срцевиот удар и остануваат покачени 7-14 дена.

Третман

Третманот на пациентите со акутен миокарден инфаркт вклучува давање на

– Антиагрегантна терапија
• Ацетилсалицилна киселина 300 мг
• Прасугрел 60мг или Тикагрелор 180мг, при контраиндикација или отсуство на овие два лекови се дава Клопидогрел 600 мг
– Антикоагулантна тх
• Нискомолекуларен хепарин (Enoxaparine, Fraxiparine)или
• Нефракциониран хепарин во дози 70/100 ИЕ/кг т.т
– Антисхемична терапија
• Б-блокатори-докажано е дека раното внесување на оваа тероија води до намалување на зоната на некроза кај пациентите со АМИ
• Нитроглицерин-Може да се дава сублингвално преку 5 минути до смирување на болките или до пад на крвниот притисок под 30% од иницијалниот. Треба да сe избегнува кај пациенти со низок крвен притисок, пациенти со инфаркт на долниот sид и пациенти кој претходно користеле фосфодиестеразни инхибитори (Виагра).
– Третман на болка
• Морфин, Фентанил
• НСАИЛ се контраиндицирани кај пациентите со акутен миокарден инфаркт заради тоа што го зголемуваат ризикот од руптура на меѓукоморна преграда
– Реперфузиона стратегија-Заради тоа што во основа на срцевиот удар е комплетна оклузија на една од коронарните артерии постојат две стратегии за реканализација на истите и тоа по строго дефинирани протоколи
• Примарна перкутана коронарна интервенција (PPCI) – Златен Стандард за за третман-низ артерија во пределот на раката (радијална) се внесува кратко цевче низ кое со специјални катетри се стигнува до коронарните артерии кој што ќе се прикажат со контраст и на тој начин ќе се детектира местото на комплетна оклузија на коронарната артерија.На местото на стеснувањето се поставува метална протеза (стент) што ќе ја држи артеријата отворена.
• Фибринолиза – Доколку во населеното место не постои специјализирана установа за инвазивни процедури (коронарографија) се дава фибринолитичка терапија при што се врши фармаколошка реканализација на коронарната артерија.

Тертман по реперфузионна терапија

Ацетилсалицилна киселина 100 мг (со исклучок при контраиндикации)
Прасугрел 10мг 1x1 , Тикагрелор 90 мг 2x1, или Клопидогрел 75 1x1- во продолжение на една година (со исклучок при контраиндикации)
Статин
+ Останата терпија за коморбидитети

Автор: д-р Дарко Китаноски

Издвојуваме

Здравје