X
 06.10.2021 Наша тема

Современа терапија за хематолошките заболувања нема, листата на лекови не е обновена 15 години

Септември е светски месец за подигнување на свеста за хематолошки малигни заболувања. Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели ХЕМА Скопје апелира граѓаните да одат на редовни прегледи

Во Македонија околу 500 лица се дијагностицирани со некој вид леукемија, лимфом или миелом. Од почетокот на пандемијата досега во континуитет има пад на бројот на дијагностицирани лимфоми, што укажува на ненавремени прегледи и дијагностика.

Пандемијата и нередовните термини за прегледи можат сериозно да се одразат на превенцијата на здравјето на луѓето. Анализите веќе покажуваат дека дијагностички има многу помал број на хематолошки заболувања во изминативе две години, од почетокот на пандемијата. Луѓето треба да се свесни дека ако не се откријат навреме симптомите за одредени заболувања, тие може да предизвикаат сериозни последици врз здравјето.
Септември е светски месец за подигнување на свеста за хематолошки малигни заболувања, кога Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели ХЕМА Скопје ги ревидира податоците преку целата година и апелираат граѓаните да одат на редовни прегледи.
Оттаму велат дека на превенцијата и лекувањето на овие болести треба да се посветува многу повеќе од еден месец.

Мирјана Бабамова, координатор во Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели ХЕМА Скопје, вели дека секоја година во Македонија околу 500 лица се дијагностицирани со некој вид леукемија, лимфом или миелом. Од почетокот на пандемијата досега во континуитет има пад на бројот на дијагностицирани лимфоми, што укажува на ненавремени прегледи и дијагностика.

- Согласно податоците на Универзитетската клиника за хематологија, во 2019 во Македонија биле дијагностицирани 150 случаи на лимфом, во 2020 до август имало 74 случаи, а оваа година за истиот период има само 52 случаи. Леукемијата е најчест тип на рак дијагностициран кај лица од 0 до 29 години. Пандемијата на ковид-19 и стравот од вирусот придонесоа сѐ помал број на лица да се јавуваат на редовни прегледи и со тоа болеста да се дијагностицира во доцна фаза, кога можноста за излекување е намалена и може да дојде до смртен исход - посочува таа.



Симптомите се слични со други болести, потреби се превентивни прегледи

Бабамова посочува дека проблемите се големи, но како пациентска организација се фокусирани на помош и поддршка на пациентите со хематолошки малигни заболувања (леукемии, лимфоми и миеломи).
Околу 74 отсто од глобалната популација не знаат дека лимфомот е тип на малигно заболување, а во светот од леукемија годишно умираат над 309.000 лица.
Таа вели дека најчести симптоми кај леукемиите, лимфомите и миеломите се невообичаено губење на телесната тежина, отоци, недостиг на здив, континуирани и повторувачки тешки инфекции, обилни ноќни потења, исип или чешање на кожата, болки во коските, зглобовите или стомакот, блед тен, покачена телесна температура, замор и друго.

- Овие симптоми се многу слични со симптомите на грип и симптомите на ковид-19 и честопати матичните лекари не можат да препознаат дека се работи за некој вид лимфом или некој вид леукемија, и потребни се понатамошни прегледи и испитувања. Да напоменеме дека не секогаш овие симптоми укажуваат на присуство на хематолошки малигнитет и најчесто се работи за некоја инфекција од вирус или бактерија или друга состојба - заклучува таа.



Потребно е овие пациенти да се вакцинираат

Докторите оценуваат дека лицата со хематолошки малигни заболувања се во имунокомпромитирачка состојба и дека кај нив почесто може да се јави тешка клиничка слика како последица на ковид-19.

- Затоа е потребно овие лица да се вакцинираат, секако, со претходна консултација од специјалист хематолог. Овие лица при вакцинација не секогаш ја добиваат истата заштита како здравата популација, честопати не создаваат одбранбен механизам против вирусот (не создаваат антитела). Вакцинацијата на целата популација и другите заштитни мерки (носење маска и држење дистанца) се најдобриот начин за заштита на овие лица - додава Бабамова.



До терапија тешко се доаѓа

Во Македонија сѐ уште нема пристап до есенцијална и современа терапија која ја има во другите земји на Западна Европа.

- Здравствените институции во државава прават обиди за овозможување одредени есенцијални терапии за лекување на хематолошките малигнитети, но честопати има техничко-административни препреки и се случува извесен период пациентите да останат без терапија. Решението е да се обнови позитивната листа на лекови, која во земјава не е обновена во последниве 15 години. На тој начин пациентите ќе имаат непречен пристап до есенцијалната терапија, а доколку се случи терапијата да не е достапна во моментот, тие може со свои средства да си ја набават, а потоа ФЗОМ да им ги рефундира средствата. Ние константно апелираме до здравствените власти за овој сериозен проблем и се надеваме на скоро разрешување - заклучува Бабамова.

Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Наша тема