X
 07.04.2022 Наша тема

Музиката влијае врз психата на човекот, вели Соња Андонов, музиколог, наставник и писател

Книгата „Бушава азбука на музиката“ е наменета за нејзините ученици, која ја подарува како лек за зачувување на менталното здравје во периодот на пандемијата

Соња Андонов денеска ја промовира својата нова книга, збир на приказни и избрани композиции, која се вика „Бушава азбука на музиката“. Музиката влијае врз психата на човекот. Таа се нарекува „јазик на човечките емоции“, па поради тоа често се смета дека музиката е лек за душата. Имајќи го сето тоа предвид, пролетта 2020 година почна да се создава оваа „Бушава азбука на музиката“. Веројатно тоа немаше да се случи да не се
појавеше коронавирусот. Вирусот создаде пандемија и наметна свои правила на живеење. Меѓу другото, заради спречување на негово ширење, светот беше ставен во карантин. Карантинот спречува ширење на вирусот, влијае да се зачува телесното здравје, но таквото социјално дистанцирање може да создаде тешкотии во менталното здравје и луѓето може да доживеат различни непријатни мисли и чувства. За многумина таквата состојба предизвика, повеќе или помалку, чувство на страв, неизвесност, вознемиреност, загриженост за своето здравје и за здравјето на блиските, вели Андонов.



Лек за подобрување на духовноста кај луѓето

За идејата за пишување на книгата таа вели:
- Благодарение на современиот начин на комуникација, во периодот на социјалното дистанцирање, културата стана достапна во секој дом. Многу светски институции од оваа сфера (музеи, театри, концертни сали и сл.) станаа достапни за пошироката публика. Најголем удел во користење на културата за зачувување на менталното здравје, поради своите специфичности, има музиката. Книгата беше резултат на желбата да се понудат сосема други информации кои ќе претставуваат своевиден еликсир во зачувувањето на менталното здравје. Овој лек, се надевам, ќе придонесе да се ублажи и да се подобри духовноста кај луѓето.



Покрај тоа што Соња е наставник по пијано во државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ и библиотекар, таа е и автор на книги. Таа дипломирала на одделот по музикологија, како и на наставно-теоретскиот оддел на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Исто така, таа е и коавтор на монографијата од 2000 година по повод 50 години од основањето на основното училиште во Тетово. Во 2020 година ја издала својата монографија „Драга учителке – животот и педагошката дејност на Анче Бојаџиева-Герасимовска“, која е посветена на нејзината учителка по пијано во музичкото училиште.

„Буквар“ за љубителите на музиката


Книгата „Бушава азбука на музиката“ е наменета за нејзините ученици, која ја подарува како лек за зачувување на менталното здравје во периодот на пандемијата. Како што вели Соња, целта на оваа книга е популаризација на музичката уметност, да се создаде „буквар“ за љубителите на музиката, меѓу сите генерации, образовни профили и класичната музика да допре до секого.

Наменет е првенствено за учениците од музичките училишта кои на некој начин се во допир со класичната музика и сакаат да научат нешто повеќе за оваа уметност, но во него можат да уживаат сите без оглед на нивната возраст или музичко образование. Оваа книга спаѓа под музичка лектира, која е пишувана на јазик кој е достапен и разбирлив за децата, младите и е од едукативно-забавен карактер, преку кој самиот читател се насочува и поттикнува да истражува и да открива нови тајни во царството на музиката. Голем дел од содржината на книгата е настанат спонтано во 2020 година, односно во годината која остана забележана по пандемијата на ковид-19, кога целиот свет запре. Во тој период, кога на човештвото му беше потребно и духовно, а не само физичко лекување, лекот го нашла токму во уметноста.



„Разбушавена“ музика

Секоја нејзина приказна во книгата е поткрепена со соодветна музичка илустрација, а за изборот на композиции авторката настојувала да понуди примери што ќе бидат прифатливи за секого, композиции што ќе влијаат благопријатно и релаксирачки, но истовремено и едукативно, како и самите приказни. Затоа книгата содржи и цеде на кое се наоѓа по една композиција или дел од композиција, како музичка илустрација кон секоја приказна. Книгата е поделена на три дела - толкување, објаснување и значење на насловот и содржините, како и кратка историја на музиката во светот и во Македонија. Секоја буква од „бушавата азбука“ на почетокот има свој графички приказ, по што следуваат по две приказни. Првата се однесува на европската, а втората на македонската музика. Вели дека името на оваа книга потекнува од тоа што во самата книга сѐ е разбушавено.

- На почетокот на пандемијата, збор што најчесто се повторуваше, а звучеше како „страв од непознато“, беше зборот „корона“. Во музиката тој збор има сосема друго значење и чувствував потреба да го објасниме тоа на социјалните мрежи. Како што пандемијата се создаде од „короната“, исто така и „Бушавата азбука на музиката“ започна со приказната на буквата К – корона. Значи сè започна од „короната“, вели Андонов.

Зошто „…НА МУЗИКАТА“?

Приказните, вообичаено, започнуваат со зборовите „Во едно царство...“ Оваа книга иако не започнува со тие зборови, нејзините приказни, сепак, водат во едно царство, во царството на музиката. Познато е, исто така, дека приказните најчесто имаат среќен крај и завршуваат со зборовите „...живееја среќно уште многу, многу години“. Во оваа книга ги нема тие зборови, но ако внимателно се читаат приказните и се слушаат понудените музички примери, на крајот од прошетката, читателот е тој што останува да живее среќно. Приказните се тука да ги поттикнат неговите мисли, а музиката да ги разбуди неговите чувства.



Зошто „…АЗБУКА“?

Откако постои човештвото, постои и музиката. Врската меѓу човекот и музиката е нераскинлива, таа е вечна. Во низата векови од нејзиното постоење вткаени се многу мелодии, ритми, правци, личности, стилови... Оваа книга е напишана за да ја популаризира музиката, да ја прикаже како уметност во која секој може да ужива и да ја доближи до секој што сака да ѕирне во нејзиното царство. За да се претстават сите поими од музиката, потребен е поголем обем, па затоа во ова печатено издание се поместени онолку приказни колку што има букви во македонската азбука. Иако азбуката е составена од 31 буква, книгава содржи 62 приказни, бидејќи секоја буква открива две тајни. Едната тајна се однесува на музиката, воопшто, а другата на музиката во Македонија.

Зошто „БУШАВА…“?

Приказните во книгава се „бушави“ од две причини. Едната причина е што тие не се подредени по азбучен ред, енциклопедиски од А до Ш, туку се измешани. Втората причина е таа што приказните не се држат до одредена тема од музиката, туку се разновидни и опфаќаат повеќе поими и личности – композитори, изведувачи, музички форми, инструменти, правци итн. Сè со цел да бидат претставени разновидните богатства и убавини кои ги поседува големото „царство на музиката“. Кај некои личности ја користев првата буква од името, а некаде од презимето, затоа што сметав дека ликот и делата што ги избравме ќе бидат поприфатливи за сечиј вкус. (Па, нели е бушава?)
Кога почнаа да се репризираат емисиите на култната „Бушава азбука“, некако спонтано се роди идејата да направам своја бушава азбука на музиката. Едноставно – музика за сите.



Дали може да го замислите денот без музика?

Андонов верува дека многумина може да сметаат дека оваа книга, чиј избор на композиции се земени од класичната музика, е досадна, но „Бушавата азбука на музиката“ ги побива овие предрасуди и докажува дека и композициите на Моцарт, Бах, Чајковски, Лист и Бетовен може да го најдат патот до срцето на слушателот, да му ја вратат насмевката и да ги раздвижат чувствата, а тоа е најпотребно особено во периодот на социјалното дистанцирање. Без разлика каква е музиката, слушајќи ги тие хармонии и мелодии, вие го релаксирате телото и ја храните душата. Слушањето музика е една од најчестите навики и постојат милиони луѓе што го започнуваат и го завршуваат денот со музика. Музиката е насекаде и сите, свесно или несвесно, ја чувствуваат нејзината моќ, вели таа.

Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Наша тема