X
 07.10.2020 Култура

Горчливиот живот на текстилните работници во пандемија во краткиот филм „Здравјето на конец“ на „Види вака“

Нѐ погоди моментот кога отидовме во домот на една од работничките. Таа е самохрана мајка која ја има изгубено работата пред неколку месеци, додека ја користела мерката за ослободување на родители на малолетно дете до 10 години, раскажува новинарката Ѓорѓиевска 

Краткиот документарен филм „Здравјето на конец“ зборува за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат текстилните работници во време на пандемијата. Изминативе години постојано слушавме за мрачната страна на текстилната индустрија и за тоа колку им се прекршени работничките права на овие граѓани. Сега гледаме дека кризата предизвикана од коронавирусот уште толку им го отежна животот и испливаа на површина сите недостатоци во овој сектор - вели новинарката Христина Ѓорѓиевска, автор на филмот во продукција на дигиталната платформа „Види вака“.



Ова е втор филм од серијалот од шест мултимедијални приказни за граѓани што се соочуваат со предизвици во време на пандемијата предизвикана од Ковид-19. Реализацијата на филмот не беше лесна, бидејќи голем дел од текстилните работници стравуваат да зборуваат јавно за проблемите со кои се соочуваат, бидејќи најголем дел од нив живеат во мали средини и егзистенцијата им зависи од работата, едноставно немаат друг избор, вели авторката. 

- Другиот проблем на кој наидовме беше кај фабриките, голем дел од нив не сакаа да ни ги отворат вратите за да можеме да снимаме. Единствено на ова се согласија од конфекцијата „Метас“ од Кочани, која важи како позитивен пример на фирма која изминативе месеци ги почитува мерките за справување со Ковид-19. Од голема помош ни беа Хелсиншкиот комитет и Здружението „Гласен текстилец“, кои со години работат на оваа проблематика. Она што особено нѐ погоди при реализацијата на филмот е моментот кога отидовме во домот на една од работничките. Таа е самохрана мајка која ја има изгубено работата пред неколку месеци, додека ја користела мерката за ослободување на родители на малолетно дете до 10 години. Без нејзино знаење, по 23 дена дознава дека е отпуштена од работа, со што е поминат рокот за приговор. Оваа работничка, освен секојдневната нејзина борба да одгледува две малолетни деца со игла и конец, сега доживува и системски пропуст. Од една страна, законот ја штити, а од друга - ја казнува. 

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Култура