X
 08.06.2020 Наша тема

Ова се професорите што ги освоија студентите со онлајн-предавањата

Човекот е херој, професор на кој му е битно ти да научиш... професор кој дава сѐ од себе за студентот, искрен, објаснува како за тројца професори што завршиле на „Харвард“ и докторирале на МИТ, вели студент за професорот Игор Мишковски од ФИНКИ

Дека студентите ценат искреност, посветеност, иновативност и искрен однос кај професорот, покажа и нашата онлајн-анкета во која ги прашавме студентите кој наставник заслужува пофалба за неговиот труд што го вложил во организирањето на онлајн-наставата. Ни пристигнаа околу 400 предлози на студентите од трите универзитети УКИМ, УКЛО и УГД. Најмногу пофалби убедливо доби професорот Драган Тевдовски од Економскиот факултет при УКИМ. Ова е целосната листа со универзитетски професори чии студенти ги предложија за најдобри во време на корона-кризата, oдносно во организирање на онлајн-наставата. 

Универзитет „Св Кирил и Методиј“


Ана Павловска-Данева - Правен факултет „Јустинијан Први“

Најубави зборови за својата работа во време на пандемија доби професорката Ана Павловска-Данева, редовен професор на Институтот за правно-политички науки. Еве што напишаа дел од нејзините студенти:


- Најдобро и на најлесен начин овозможува подготовка на материјалот, затоа што е концизна, јасна и поттикнува интерактивна настава.

- Се ангажира за разлика од останатите кои само испраќаат ПДФ-фајлови или презентации без никакви објаснувања.

Драган Тевдовски - Економски факултет, Скопје

Најмногу пораки со пофалби од студентите за онлајн-наставата доби професорот Драган Тевдовски, редовен професор на катедрата за математика и статистика на Економскиот факултет. Студентите се одушевени од начинот на кој им предава, посветеното време и велат дека едвај чекаат да се вратат на неговите предавања во живо. Зошто тој е омилен професор?


- Многу ми е криво што не го слушав цел семестар во живо, во амфитеатар, туку вака, онлајн, затоа што одлично предава, супер го пренесува знаењето. И иако не дава паузи, многу добро ни го задржува вниманието. И на е-предавањата ги задржува тие квалитети. Супер професор е, уште да го положам неговиот предмет и ќе ми влезе во топ-3 професори на сите времиња.

- Бидејќи навистина се труди да ни објасни и го споделува и своето слободно време надвор од наставата за да ни одржи некој час и да нѐ научи повеќе. Статистиката е многу тешка, се надеваме дека нема да бидат толку комплицирани испитите.

- Секогаш се труди максимално и исцрпно да ни го објасни материјалот, чувството е исто како во амфитеатар.

- Одлично се снаоѓа со онлајн-предавањата, успешно и со голем труд ни ги пренесува знаењата.

- Максимално се труди да ни објасни, и ако не завршиме, се одржуваат и дополнителни часови, како и часови за консултации.

- Секогаш посветен на нас и нашите потреби. Секогаш точен на предавањата, максимално се труди да ни го објасни и олесни материјалот за учење и секогаш е тука за нас кога и да имаме тешкотии во врска со предметот.

- Најубаво се снајде. Исто како да сме во амфитеатер. За табла се снајде преку „Пејнт“.

- Затоа што многу се труди да ни овозможи да го разбереме материјалот, користи различни алатки за да ни објасни и вложува навистина голем труд.

- Најпосветен, се обидува сѐ што е нејасно да го прикаже на наједноставен начин и премногу си ја сака работата што ја работи, па така и нас нѐ мотивира максимално.

- Човек кој, пред сѐ, се труди за неговите студенти да придонесе со знаење и покрај што сме 250 студенти, тој е оној што на сите им посветува исто внимание и го има воспоставено најдобриот однос студент-професор. Ќе речам само едно, професоре, најдобри сте, продолжете така.

- Затоа што е професор по предмет што треба да се разбере, да се сфати начинот на решавање на задачите. Иако предавањата беа онлајн, сепак, немаше значителна разлика од предавањата во амфитеатар и пред сѐ ефикасноста остана на високо ниво.

Проф. д-р Драган Тевдовски/ Фото: Министерство за финансии


Игор Мишковски - ФИНКИ


Се чини дека професорот Игор Мишковски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство е еден од омилените професори на студентите од овој факултет. Ова се најпозитивните коментари за него:

- Бидејќи вложува труд во секое предавање, секогаш знае да ни одговори на секое прашање, какво било, достапен е постојано и има редовен термин за консултации кој максимално го искористува.

- Затоа што се обидува да објасни сѐ со примери, да црта врз презентациите за да ни објасни нешто. По неговите предмети одржа онлајн-полагања и ги направи да бидат соодветни за полагање од дома. Едноставно, енергијата и начинот на кој предава се одлични.

- Извонредни способност за предавање и интеракција со студентите, едвај чекам да дојде денот за да го следам неговото предавање.

- Најмногу се труди, постојано нè потсетува и известува на е-порака за часовите, често повикува гости-спикери.

- Човекот е херој, професор на кој му е битно ти да научиш... професор кој дава сѐ од себе за студентот, искрен, објаснува како за тројца професори што завршиле на „Харвард“ и докторирале на МИТ.

Универзитетските професори што заслужуваат голем аплауз


Никос Чаусидис - Филозофски факултет, Скопје


Професорот Никос Чаусидис од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет од Скопје доби чиста десетка за своите онлајн-предавања. Еве зошто неговите студенти сметаат дека е еден од најдобрите:

- Долго пред донесувањето одлука од страна на Министерството или факултетот професорот самоиницијативно организираше предавања. Не само што предавањата редовно ги одржува со апсолутна точност во однос на предвиденото време кое би го минале на факултет, туку често организира дополнителни незадолжителни предавања со цел да го продлабочиме знаењето (речиси секоја недела, често повеќе пати неделно). Воедно, се труди околу материјалите и освен презентациите, често црта на компјутер со цел подобро да ни долови нешто. Исклучително е ангажиран за својата дејност (навистина може да се нарече просветителска), предавањата го имаат истиот висок квалитет како оние во живо. Нас, студентите, нè анимира, поставува прашања и нè поттикнува да размислуваме, понекогаш и да дискутираме. Заслужува благодарност и големи пофалби!

- Затоа што даде сѐ од себе и не почувствував дефицит во квалитетот на предадениот материјал. Неговите предавања, дали онлајн или во живо, се едни од најинтересните и најзабавните предавања. Никогаш не може да ми здосади, ниту да ми се изгуби желбата да го слушам предметот кој ми го предава.

- Ниедно негово предавање не пропуштивме и покрај кризната состојба. Сите студенти што учествуваат на неговата настава ќе се согласат дека се труди и успева да го извлече максимумот што навистина може да се извлече од наставата на онлајн-медиум. Секое предавање започнува точно во одредениот термин и никогаш не завршува порано од предвиденото. Немам други коментари, освен дека сум задоволен од неговата трудољубивост, знаење и професионалност.

- Затоа што уште од почеток се ангажира да започне и да ги адаптира предавањата во онлајн-форма. Предметот бара доста интеракција, во спротивно нема да може да се доловат главните поенти, но професорот успеа и тоа да го обезбеди. Убедливо најдобриот предавач досега, неговите предавања за мене се сјајната точка на карантинов.


Марина Стојанова - Факултет за земјоделски науки и храна

Професорката Марина Стојанова, редовен професор на Институтот за за животна средина на Земјоделскиот факултет, се издвои меѓу имињата на професори што добија најмногу предлози во изборот за омилен меѓу студентите во овој период. Ова се најдобрите коментари за неа:


- Ја предлагам затоа што редовно имаме и предавања и вежби кои од лабораториски успешно се приспособени во онлајн-форма. Професорката прави основни анализи, се вклучуваме во живо од теренски услови со цел максимално да надополниме за тоа што не можеме лично да отидеме.

- Најинспиративна е и најубаво предава, како онлајн, така и во амфитеатар.

- Секогаш е инспиративна, комуникативна и имаме најдобри предавања.

- Иако се онлајн, предавањата се најкреативни, интерактивни, активно се вклучени сите студенти, следиме интересни предавања и вежби кои се надополнети и со вклучување во живо од стручњаци од праксата, со цел да се надополнат практичните вежби кои редовно ги имавме во лабораторија пред оваа состојба.

- Бидејќи часовите продолжија да се одржуваат во редовните термини и покрај вонредната состојба, а освен теоретските предавања имаме и онлајн лабораториски вежби, вклучување на стручњаци од праксата од теренски услови, секогаш е интересно и креативно дури и преку компјутер.


Александра Бужаровска - Технолошко-металуршки факултет, Скопје

Како еден од најценетите професори од Технолошко-металуршкиот факултет меѓу студентите се издвои и професорката Александра Бужаровска од Институтот за органска технологија.

- Се труди и теорија и задачи да ни овозможи што подобро да сфатиме, достапна во секој момент за што и да ни треба.

- Се труди најмногу од сите, и покрај сите околности, сака нејзиното знаење да ни го пренесе најдобро што може, со многу големо трпение и вложеност. Секогаш спремна да ни даде одговор на сите наши прашања и покрај тешкотиите што ги имаме при онлајн-наставата.

Виктор Гавриловски - Машински факултет, Скопје

Студентите од Машинскиот факултет од Скопје како еден од најомилените професори, кој одлично се снашол со онлајн-наставата, го издвојуваат професорот Виктор Гавриловски. Еве што велат за него:

- Се обидува колку што може повеќе да се чувствуваме како да сме на факултет, односно еднакви му се предавањата, не заостануваме со материјалот, редовно има прашања во врска со тоа дали ни е јасно нешто итн.

- Омилен ми е зашто објаснува буквално сѐ, исто како да сме во училница. Секогаш ни е достапен.


Проф. Гавриловски/ Фото: Машински факултет


Бојан Каранаков - Архитектонски факултет, Скопје 


Студентите од Архитектонскиот факултет како еден од најомилените професори, а особено добар во организирање на онлајн-наставата, го издвоија професорот Бојан Каранаков.

- Досега најдобро се снаоѓа со настава на далечина, го пробува секој начин за полесно да ни го долови најпотребното и направи измени во наставата, што ни овозможи да имаме подобри резултати, а истовремено и да научиме во овие тешки услови.

- Најдобар е затоа што секогаш се труди да ни овозможи дополнително знаење и нè мотивира да бидеме подобри студенти. Прецизен, точен, јасен.

Професорот Каранаков на прославата -70 години Архитектонски факултет - Скопје

Денис Поповски - Градежен факултет, Скопје 


Доц. д-р Денис Поповски, кој предава на катедрата за метални конструкции на Градежниот факултет, е професорот што доби најмногу позитивни реакции од студентите од овој факултет.

- Најдобар е затоа што го препознава и цени нашиот труд и посветеност во овие услови и неговите предавања се концизни и јасни.

- Денис Поповски би го номинирала и пред оваа ситуација. Тој продолжи со својата посветеност, со интеракција меѓу студентот и професорот. Секогаш достапен за консултации преку социјалните мрежи (Вајбер, Ватсап, електронска пошта, Зум), повратен одговор имаме во најкраток можен рок. Начинот на кој ни го пренесува знаењето нѐ прави уште повеќе желни за знаење и посветеност кон нашата струка. Накратко, херој!

Ивица Милевски - Природно-математички факултет


Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија на ПМФ организирал многу добра онлајн-настава за своите студенти. Ова се пофалбите за него:

- Најинспиративен, со големо знаење, прекрасен однос кон студентите, внимателен, умее да им го пренесе знаењето на студентите на одличен начин, дефинитивно најдобар. Онлајн-наставата ја предава учтиво.

- Празнината од отсуството во предавална ја надоместува со одличен пристап кон онлајн-предавањата и целосна посветеност.

Проф. Ивица Милевски

Студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип најмногу во своите одговори ги споменуваат професорот Кирил Барбареев и Бистра Ангелова.



Кирил Барбареев е професор на Факултетот за образовни науки во Штип.

- Што и да кажам за овој професор е малку. Едноставно е најдобар. Дури и во оваа ситуација е максимално посветен на студентите, мотивирајќи нѐ да бидеме сè подобри и подобри.

Професор Кирил Барбареев


Бистра Ангеловска
е редовен професор на Факултетот за медицински науки во Штип, на катедрата по социјална фармација и фармацевтска технологија.

- Затоа што е единствена професорка која ја вклучува камерата во тек на онлајн-настава, со тоа можеме да ја доловиме онаа невербална комуникација која го појаснува подобро материјалот.

- Бидејќи најмногу се труди и ми се допаѓа како професорка. Многу добро и јасно предава, дури и во оваа ситуација.

Студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола како најинспиративни професори ги избраа:

Бисера Костадиновска-Стојчевска
од Педагошкиот факултет. За неа велат дека е најпосветена на својата работа:

- Посветува најмногу внимание колку учиме и дали разбираме.

- Ни закажува и по неколку термини за предавање за да се осигури дека сме разбрале.

- На нејзините предавања се чувствуваме исто како и на редовна настава.

Светлана Вељановска – Правен факултет, УКЛО исто така е омилена професорка. Еве што велат студентите за неа.

- Бидејќи најдобро ги предава темите онлајн, посочува најдобри примери од реалниот живот и најдобро објаснува преку презентации.

- Бидејќи секогаш гледа да ни излезе во пресрет, со интересни часови кои нè потикнуваат да бидеме активни во текот на целиот час.

- Затоа што се труди да објасни, да ни пренесе знаење, да дофати дел од материјата и надвор од теоретско предавање, да нè вклучи и нас преку прашања и дискусија како да сме на факултетските клупи.

- Применува најлесен, најсовремен пристап на учење на материјата, со што ни олеснува да учиме од самото предавање.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Наша тема