Зоран Јовановски беше дел од 17. Скопски маратон што се одржа неодамна. Успешно финишира во инвалидска количка. Ова е трет маратон за него, а еднаш има учествувано и на полумаратон на Скопскиот маратон.
- Да се пробам на маратон ме поттикна чувството на издржливост и желбата колку можеме да издржиме и ние што сме во количка - ни изјави Зоран.
Да се помине трката на раце е дефинитивно дефиниција за издржливост, упорност, храброст. Тој споделува дека додека е на патеката, го понесува само силна желба да успее лесно да ја помине целта.
- Се соочувам со параплегија и сум во инвалидска количка. Но тоа не ме спречува да бидам дел од овој голем спортски настан - вели Зоран.
Параплегија претставува намалување или губење на моторните и/или сензорните функции во торакалниот, лумбалниот или сакралниот невролошки сегмент поради оштетување на неврални елементи во ’рбетниот мозок. Параплегијата не ги зафаќа рацете, но во зависност од нивото, може да ги зафати трупот, нозете или карличните органи.
- Да си дел од еден маратон е доста возбудливо затоа што тоа е една од најтешките дисциплини. Пораката што сакам да ја испратам е да не се чудат што учествува лице со ваков проблем кое е принудено да биде во количка, дека секогаш стигнувам на целта - вели Зоран.
Секако, со своите подвизи тој ги охрабрува сите што посакуваат и можат да пробаат - да ја доживеат возбудата на трката.
За Зоран Јовановски, Скопскиот маратон е преубав настан што не сака да го пропушти. Други маратони и трки засега не му се предизвик.
- Откако помина Скопскиот маратон, едвај ја чекам зимската сезона, време поминато на снег. Редовно скијам и змиските месеци ми се исполнети со скијање. Најчесто скијам во Маврово и Пампорово, Бугарија.