X
 08.11.2019 Култура

Актерот Диме Илиев ја доби наградата за животно дело „Петре Прличко“

Актерот Диме Илиев од Драмскиот театар-Скопје кој од неодамна е во пензија, е добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ што ја доделува Општина Велес. Илиев одиграл над 150 театарски улоги од кои поголем дел главни, осум улоги на филм, 18 телевизиски и 200 радиодрамски улоги. Наградата ќе му биде врачена вечерва во 20 часот во Велешкиот театар. Во негова чест театарот ќе ја изведе најновата претстава „Слуга на двајца господари“ во режија на Ненад Витанов.


Диме Илиев (лево), Дејан Лилиќ и Димитрија Доксевски во претставата „Фестен“ на Драмски

Претседателот на жирито за доделување на наградата „Петре Прличко“, Сашо Димоски, денеска на прес-конференција соопшти дека во конкуренција биле четворица актери и дека жирито едногласно ја донело одлуката добитник да биде 67-годишниот актер.
Илиев е добитник и на голем број награди, почнувајќи од 1977 кога ја добил Наградата за најдобар млад актер за улогата на Младичот во „Црнила“, до наградата „Актер на годината“ во 2015 што му ја додели „Дневник“.
Наградата што ќе му биде доделена вечер се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен износ од 500 евра. Општина Велес првично ја доделуваше заедно со Здружението на драмски уметници „Џинот“, а во последните неколку години самостојно.

Издвојуваме

Култура