X
 08.12.2021 Живот

Пензионерите препуштени на (не)грижата на државата додека сѐ повеќе млади ја гледаат иднината надвор од земјава

Дали личиме на ЕУ: предизвикот на генерациите

„За нас, старите, при крај е иднината, ама за младите е тешко за вработување бидејќи се затворени многу фабрики“ – вели Наум Јолески, пензионер. Неговата внука Бисера е студентка, но таа не очекува дека проблемите на нејзината генерација ќе се решат во наредните неколку години. Затоа, вели дека иднината ја гледа надвор од Македонија.


И, додека сѐ повеќе млади ја гледаат иднината надвор од Македонија, повозрасните генерации, сами и изнемоштени, остануваат во родните краишта, препуштени на (не)грижата на државата, но и на нивните деца.

Во Македонија има 324.000 пензионери, но кој се грижи за нив? Имаат ли достоинствен живот?

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите, вели дека 280.000 од пензионерите се членови во Сојузот, констатирајќи дека се работи за една голема целна група на која не треба да се гледа како статистичка бројка, туку да се бара решение.

- Им недостига подобра материјална и социјална сигурност, подобри услови во доменот на здравственото осигурување - истакнува таа.

Иако меѓугенерацискиот јаз се карактеризира со безброј разлики, предизвикот на генерациите е заеднички – што ме чека утре? - прашање во кое се крие неизвесност и за најстарите и за младите.

Иселувањето на помладите генерации, кое само по себе е проблем, со себе повлекува и други проблеми, како што е осаменоста на старите лица, а според истражувањата поддржани од Европската Унија, се покажало дека оваа состојба е проследена и со психо-социјални последици. Ова е сѐ поизразено во економски послабите држави, меѓу кои и РСМ.

Македонија заостанува зад европските стандарди

Децата треба да се грижат за старите и изнемоштени родители, но ако тоа од кои било причини не се случува или не може да се случи, државата треба да се грижи за нив. Институциите се должни да обезбедат достоинствен живот, услови и пристојни старечки домови. Сите знаеме такви добри примери од повеќето западни земји, но, дали е така и кај нас?

Зоран Блажевски, советник во Министерството за труд и социјална политика, потенцира дека во однос на сместувачки капацитети за стари лица ние сме многу зад европските стандарди.
Покриеноста на сместувачките капацитети во однос на старото население треба да биде од 3 до 5 отсто обезбедено покриеност со легла - што не е случај во нашата држава. Кај нас имаме околу 0,6 проценти обезбедени со институционално згрижување. Од институции постојат само четири установи кои се некаде околу 430 легла и еден дневен центар во населба Чашка.
Покрај ова, поддршка и помош им е потребна и на старите лица кои не се згрижени во домови, оние што живеат сами, оние што живеат во рурални или тешко пристапни средини.



Наспроти нашата држава, Шведска е една од оние земји што успешно ја водат оваа политика

- Не мора да бидете сместени во институција за да ги добиете грижата и негата што ви се потребни - констатира Гизела Грин, директорка за грижа на стари лица во градот Малме, Шведска.
На овој начин, во Малме им се помага на околу десет илјади луѓе секојдневно. Односно, им се обезбедува помош на осум илјади лица во нивните домови и на околу две илјади што живеат во посебни домови во градот Малме. Грин, исто така, укажува на фактот дека ниту е возможно ниту е потребно сите стари лица да живеат во установи и под надзор.
Домашната поддршка се покажала како успешна во многу земји. А институциите во Шведска се свесни дека овој модел дава подобри резултати, опфаќа повеќе луѓе, а троши помалку ресурси.
И Блажевски, советникот во Министерството за труд и социјална политика, смета дека такви алтернативни форми со мобилни тимови кои ќе му излезат во пресрет на секое семејство и ќе му дадат елементарни услуги во вид на набавка на лекови, храна, перење, пеглање, треба да бидат ставени во фокус.
Тука, покрај сето тоа се поставува прашањето дали пензионерот треба да чека пред банките, дали треба да чека во големите редици по амбуланти, дали треба да чека за место во автобус..
Но, не само тоа. Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова, истакнува и дека меѓу поважните работи е промена на односот кон повозрасните лица - да се биде попријатен со нив, поблизок, бидејќи едно „ало“ со еден осамен пензионер многу значи.
Иако нема единствени политики за тоа како треба да се постигне достоинствениот живот на повозрасните или добрите услови за напредок и професионално остварување на младите, плановите и документите на Европската Унија предвидуваат да се работи во овие насоки, а државите-членки се задолжени да го најдат најдобриот начин како да ги обезбедат овие права на генерациите.
И додека голем број прашања поврзани со достоинствениот живот на пензионерите, односно воопшто повозрасните лица се отворени и неодговорени, од другата страна се и предизвиците пред кои се исправени и младите.

Младинската невработеност на ниво на Европа е 17%, а кај нас достигнува вџашувачки 40%.

Па на младите често им останува изборот да прифатат неповолни услови или да си заминат од државата барајќи подобро утре.
- Главните проблеми на нашата генерација се тоа што немаме многу просперитет како млади луѓе во области на науката, уметноста итн., не ни се нудат многу опции – вели студентката Бисера Поповска.

Квалитетот на животот како главна причина за иселување на младите

Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет, пак смета и дека има многу млади луѓе што имаат сериозна финансиска поддршка и добри плати, но сепак си заминуваат. Според него, треба да се земе предвид сѐ што се вика живот, целиот систем што треба да работи за одржување на еден нормален живот, да се зборува за квалитет на живот, кој не е само финансии, туку и чиста животна средина, чист воздух за дишење, почитување на основните човекови права, демократски права. Има многу млади луѓе што си имаат заминато и поради дискриминација – истакнува тој и додава дека примамливата понуда да го добијат денес во некоја друга држава тоа што во својата земја би требало да го градат за во иднина да го имаат, тешко се одбива.
Образованието, исто така, игра една од клучните улоги помеѓу сите проблеми со кои се соочуваат младите. Но проблем е и нивната незаинтересираност за вклучување во креирање на младинските политики за опстанок и напредок на државата.
Повеќе на оваа тема може да погледнете и во епизодата „Предизвик на генерациите“, дел од документарниот серијал „Дали личиме на ЕУ“, креиран во рамките на истоимениот проект, финансиран од Европската Унија.



(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Живот