X
 10.10.2021 Наша тема

Балканскиот рекордер во крводарителство, наши музичари свират за Нетфликс, Дизни... Што пишувавме неделава


Некои факултети бараат потврда за вакцини, некои со онлајн или комбинирана настава - почнува академската година: Новото нормално што го наметна пандемијата на ковид-19 внесе нов стил на работа и функционирање и на студентскиот живот и наставата, не само кај нас туку насекаде во светот. Наставата, во зависност од состојбите со пандемијата, се одвива различно и се менува по потреба, од целосна онлајн до комбинирана, согласно протоколите и согласно условите со кои располагаат универзитетите во земјава

Неприфатлив е жестокиот притисок за одлични оценки - порака на Светскиот ден на учителот: Државата да прогласи деценија на поддршка и промоција на наставничката професија, а Министерството за образование и наука (МОН) и сите факултети што имаат наставни насоки да направат стратегија за поддршка, смета проф. д-р Кирил Барбареев

Анкета за родители: Дали сте „за“ тестирање за ковид-19 во училиште? Учениците од прво до деветто одделение во основните училишта и учениците од средните школи ќе бидат тестирани за присуство на вирусот ковид-19, доколку за тоа дадат согласност нивните родители. Ќе бидат опфатени околу 8.200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според број на ученици. Скрининот ќе трае пет дена и дневно треба да се тестираат по околу 1.600 деца. Мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите.

Современа терапија за хематолошките заболувања нема, листата на лекови не е обновена 15 години: Во Македонија околу 500 лица се дијагностицирани со некој вид леукемија, лимфом или миелом. Од почетокот на пандемијата досега во континуитет има пад на бројот на дијагностицирани лимфоми, што укажува на ненавремени прегледи и дијагностика.

Донирал над 83 литри крв за да спаси стотици животи – велешанецот Јордан Коларов е балкански рекордер во крводарителство: Велешанецот Јордан Коларов најдобро знае што значи да се помогне некому кога му е најтешко, а притоа да не праша за кого треба и колку треба, важно е да се помогне. Со 186 дарувани единици крв, 68-годишниот Јордан е балкански рекордер во крводарителство, односно тој донирал над 83 литри крв до неговата 65. година од животот.

Музика за Нетфликс, Универзал и Дизни отсвирена од македонски музичари: Fames Studio Orchestra продуцира музика за популарни серии на „Нетфликс“, за холивудските студија Универзал, Дизни, Марвел и многу други светски продукции. Музичарите се искусни, а голем дел од нив со години наназад се дел од оркестарот на Македонската филхармонија и Македонската опера.

Никола Маџиров, поет: Книжевноста има свои механизми на одбрана од порнографската баналност на дневната политика: Сепак, вулгарната партиска логика овде е здружување заради уништување некого, а потоа ваквата бизарна политичка оправданост се преселува и во дворот на секојдневието, во училницата, кафеаната, маалото, канцеларијата, болницата... Токму политичкиот прогнаник Бродски има речено дека единствени заеднички нешта помеѓу поезијата и политиката се буквата „п“ и буквата „о“.

Издвојуваме

Наша тема