X
 10.10.2021 Наша тема

„Да се побара стручна помош е храбар чекор“, порака од психолог за Светскиот ден на менталното здравје

Менталното здравје е особено значаен дел од општото здравје и вклучува емоционална, психолошка и социјална добросостојбa. Врвното ментално здравје не значи само отсуство на болест, туку постигнување и на високо ниво на лично задоволство, исполнетост и среќа.

Секој човек во одреден период од животот може да развие нарушување на менталното здравје, без разлика на возраста, полот или етничката припадност. Имено, биолошките и социјалните фактори, како и животниот стил, може да придонесат за негово нарушување.

Гледано од системски-семеен аспект, симптом (нарушено ментално здравје) може да се појави кај најранливиот член, пред сè, во дисфункционални семејства. Симптомот, како знак на нарушено ментално здравје, може да се јави како последица од одредена криза - очекувана (развојна) или неочекувана (смрт, болест, временска непогода, миграција итн.).
Циркуларната поврзаност на поединецот - семејството - заедницата го одразува балансот помеѓу потребите на поединецот наспроти барањата и очекувањата од пошироките општествени системи. Иако е најважна поддршката од семејството, сепак, унапредувањето на менталното здравје претставува и општествена одговорност и е одраз на општествената зрелост која се гледа преку дестигматизација и прифаќање.

Подигнувањето на свеста за менталното здравје создава побезбеден простор за лицата што имаат предизвици на ова поле, да живеат подостоинствено, да се почитуваат нивните човекови права, да бидат еднакви и на тој начин да се премостуваат граници.
Постојат голем број знаци кои упатуваат на нарушување на менталното здравје кај децата и возрасните.

Можни знаци за нарушување на менталното здравје кај возрасните:

1. Социјална интроверзија, т.е. повлекување од пријателите, семејството или колегите
2. Избегнување активности во кои обично уживале
3. Нарушувања на квалитетот или должината на сонот
4. Нарушувања во исхраната
5. Чувство на безнадежност
6. Зголемена емоционална нестабилност
7. Ниска мотивација дури и за основните секојдневни навики и дневни рутини
8. Појава на опсесивни мисли, илузии или халуцинации.

Можни знаци за нарушување на менталното здравје кај децата:

1. Одбиваат да играат активни игри, срамежливи се, повлечени и покажуваат малку интерес за други луѓе/деца
2. Појава на говорни проблеми
3. Тврдоглави се, намуртени, раздразливи или избувливи
4. Несреќни се, тажни, депресивни и/или многу плачат
5. Имаат кошмари, зборуваат, плачат во сон или премногу често се будат во ноќта
6. Имаат главоболки, стомачни болки, кожен исип и слично (соматизација) кои не потекнуваат од медицинска природа
7. Појава на генерализиран страв
8. Непослушни се, ги уништуваат своите и нештата на другите
9. Појава на тикови, нервни движења или компулсивни реакции
10. Училишна недисциплина и/или низок училиштен успех

Консултирајте се со стручно лице од областа на менталното здравје доколку забележите појава на еден или повеќе знаци кај вас или кај вашите блиски и реагирајте навремено со цел да не се продлабочат тешкотиите. Барањето стручна помош и поддршка претставува разумен и храбар чекор.


Подготвила: Мирјана Цветковиќ, психолог
Институт за брак, семејство и системска пракса - „Алтернатива“

Издвојуваме

Наша тема