X
 11.11.2019 Култура

Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје од денеска до петок, 15 ноември, ќе ги организира четвртите Отворени денови. Целта е да се отворат вратите на Институтот за сите вљубеници и почитувачи на македонскиот јазик.

Манифестацијата ќе биде отворена денеска во 11 часот во амфитеатарот на Институтот, а потоа ќе бидат промовирани четири најнови институтски изданија. Тоа се списанијата „Македонски јазик“ за 2018 година и „Македонистика“ од минатата година, бр.17, и две книги произлезени од докторски дисертации – „Сложенките во македонските црковнословенски текстови“ од проф. д-р Весна Костовска и „Јазикот на првите преводи на Новиот завет на современ македонски јазик напишан со грчко писмо“ од доц. д-р Борче Арсов.

Вториот ден е посветен на професорите македонисти: Кирил Конески, Мито Аргировски, Ѓорѓи Ѓоргиевски. Ќе има беседи и за починатите професори Олга Иванова, Лилјана Минова – Ѓуркова, Љупчо Митревски, Аритон Поповски и Убавка Гајдова. Вториот дел од денот е посветен на подмладокот, на иднината на македонистиката.

Во рамките на манифестацијата ќе биде претставена наставната дејност на Институтот. Ќе биде отворена спомен-собата на Крсте Мисирков, која се наоѓа на приземјето на Институтот. Сите посетители ќе можат да се запознаат со животот на Мисирков, да погледнат факсимили, оригинални документи поврзани со животот и дејноста на овој наш културен деец.

Централно место во рамки на Отворените денови е меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на филолошки и на културолошки истражувања“, што ќе се одржува на 13 и 14 ноември во просториите на Институтот за македонски јазик.

За годинашнава тема на конференцијата пројавиле интерес над 60 учесници од осум земји. Покрај учесници од нашата земја, ќе има од Босна и Херцеговина, Полска, Русија, Србија, Турција, Хрватска и САД. Во рамки на конференцијата ќе бидат промовирани повеќе зборници.

Петтиот ден од манифестацијата е предвиден за посета на Кратово и разгледување на манастирите од тој крај.

Извор: МИА

Издвојуваме

Култура