X
 12.04.2022 Наша тема

Кога бев студент со проф. д-р Гордан Калајџиев: Бев одличен ученик и шизик истовремено

Првата година на студии ми беше тешка и поради дисконтинуитетот со воениот рок. Потоа неочекувано рано се оженив, еден вид збогум на младоста, вели професор Калајџиев

Дали еден студент се замислува себеси како професор на истиот факултет каде што студирал, магистрирал и докторирал? На проф. д-р Гордан Калајџиев не му била тоа целта, но повеќе од 30 години работи на Правниот факултет, несебично пренесувајќи им го своето знаење на студентите. Овој пат временската машина ја вклучивме за проф. д-р Калајџиев, редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

- Вие зборувате, 30 или 50 луѓе ве слушаат, тоа е предизвик. Кога сте универзитетски професор, не сте професор само на студентите, целото општество од вас очекува да објасните што се случува за многу работи што ја интересираат јавноста - вели тој во интервјуто за Факултети.мк.




На училиште умреа од смеа кога се појавив во „пумпарици“

Родум од Скопје, професорот до трето одделение живеел на местото каде што сега се наоѓа Соборната црква, а поради изградбата, им ја срушиле куќата. Па така од „Песталоци“ продолжил да учи во ОУ „Јан Амос Коменски“.

- На училиште умреа од смеа кога се појавив во „пумпарици“, тогаш модерни во Франција. Како и да е, ми годеше што бев центар на внимание кај девојчињата, а со сите момчиња морав да си ги одмерам силите. Се сеќавам и дека нам, на машките ни бранеа да носиме долга коса, а ние сите сакавме да бидеме како Битлси. Уште тогаш почнав да собирам плочи, Ролинг стонси, Ленон и Макартни, Хендрикс, Џенис Џоплин... Скопје беше поинакво, лете се бањавме во едно езерце, дури и во каналите во паркот. Постојано доаѓаа циркуси, а главна финта беа дневници и споменари.

По стапките на постарата сестра, средното образование го продолжил во гимназијата „Јосип Броз-Тито“.

- Секогаш имало мислење дека добрите ученици се бубалици и автоматски не се шизици. Јас, напротив, бев одличен ученик и шизик истовремено. Богами, во средно се намачив повеќе отколку на факултет. На факултет одговарате во сесија и тоа ако сакате, а во средно не е така. Ако те фатат неспремен, тешко тебе. Се сеќавам дека иако многу учев, сė нешто се плашев некој да не ме крене неподготвен. Најстрашно беше кога бев отсутен поради тоа што се занимавав со скијање, кога ќе се вратев, Мишевска, професорка по математика, намерно ме вадеше на табла; а да стоиш на табла пред задача што не знаеш да ја решиш е - ни повеќе ни помалку - понижувачки. Кога завршив втора година гимназија, со другарите бевме на прво подолго патување со воз низ Европа. Се сеќавам дека на женските им се јавувавме дома, на фиксен, па мора прво да разговараш со татко ѝ, морничаво... за да имаш девојка, мораше формално да ѝ „предложиш“, така се викаше тоа.


Студирањето не треба да се фетишизира

Според Калајџиев, студирањето право денес е многу полесно од времето кога тој студирал.

- Сега повеќето испити студентите ги учат по неколку дена, не оди тоа. За жал, критериумите за положување и за завршување на студиите се на половина отколку во мое време. За тоа има повеќе фактори, но преголемиот број факултети во државава ги спуштија критериумите насекаде. Веројатно сме рекордери по факултети според бројот на население. Короната, пак, нѐ дотепа. Жив човек нема на факултет, а врската на студентот со факултетот, колегите и професорите е под секое ниво. Среќа денес ситуацијата е подобра со континуираното образование. Правниците одат на многу обуки и семинари, што е добро, а и професионалецот секојдневно се надградува. Времињата се динамични, факултетот е само основа, учење на главните правила и смислата на правото, осет за правда и правичност, но допрва доаѓа главното учење, со секој предмет, проект, со секој работен ден. Затоа и студирањето не треба да се фетишизира, тоа само го дава правецот. Јас, впрочем, учев марксистички науки, а подоцна сам се образовав преку читање многу книги, научни престои и сл. Многу научив од Роулс, Харт, Дворкин... Нема крај на знаењето...

Правниот факултет го достигна својот зенит во осумдесеттите

- Немам некои правници од роднините, освен проф. Шкариќ, кој ми е тетин, па сигурно не е генетска желбата за студирање право.

Почетоците на факултет не му биле само нова образовна животна етапа, туку токму тогаш животот драстично му се променил.

- Животот не ми остави многу избор. Јас бев прва генерација што служеше војска веднаш по средно. Првата година на студии ми беше тешка, меѓу другото, и поради дисконтинуитетот со воениот рок. Потоа неочекувано рано се оженив. Девојката со која се забавував уште од средно остана бремена и тоа беше еден вид збогум на младоста. Како во песната „Ривер“ (Река) од Брус Спрингстин. Сакал-нејќел, морав да бидам одговорен, добив едно дете, па уште едно. Истовремено, бргу ги осознав предизвиците на правото, каде што се важни принципите и тоа што сакате да го постигнете. Проф. Марјановиќ имаше особено интересни предавања и начин на испрашување. Јас, впрочем, не го дочекав мојот испит, туку положив додека одев да видам како оди испитувањето, а тоа, како и наставата, беше со дискусија на сите присутни. Денес нема такви професори, беше тоа една златна генерација на Правниот факултет што својот зенит го достигна можеби токму во осумдесеттите.

Калајџиев речиси две години бил во најпознатиот институт „Макс Планк“ во Германија, шест месеци во Бирмингем и имал неколку студиски престои во Норвешка, Соединетите Држави, Франција, но и покрај големото искуство во странство, тој дипломирал, магистрирал и докторирал на факултетот на кој денес предава.

-  Верувам дека Правниот факултет е доволен да ви даде основа, а постдипломски студии во странство се голем бонус; секогаш треба да се види како се учи и работи во светот, со развиените држави не можеме да се мериме.

Согласно Законот за високо образование, за една и пол година никој не дошол да пријави корупција, вели Калајџиев, назначен за антикорупциски офицер на УКИМ.

- Пред малку споменав дека големиот број факултети го спуштија прагот на знаење потребен да се положи испит. Тоа, малку по малку, доведе до тоа толку лесно да се положува испит, што не остава простор за корупција. Според мене, оваа ситуација е полоша отколку корупцијата.

Што би ги советувале студентите кои Ве читаат во овој момент?

- Не треба да се учи само за да се положи испит. Глупаво би било да работите нешто што не го знаете; во таа смисла студиите ни го олеснуваат животот.
 
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Наша тема