Флин е еден од најпознатите истражувачи на интелигенцијата. Во осумдесеттите години од минатиот век тој извршил серија психолошки истражувања (на пример, во 1980, 1984, 1987) и нашол дека во период од 60 години IQ скоровите на тестовите на интелигенција се зголемувале, од една генерација до друга, при што зголемувањето било стабилно.
Клучниот труд бил објавен во 1984 година. Во овој труд Флин соопштил докази дека репрезентативни мостри на Американци постигнувале сѐ подобри и подобри резултати на тестовите за интелигенција во текот на 46 години (во периодот од 1932 до 1978), при што вкупната добивка на пораст на просечниот коефициент на интелигенција изнесувала 13,8 поени, односно 0,3 поени годишно или околу 3 поени за една декада. Слични податоци биле добиени и во други земји, надвор од САД, пред сѐ, во индустриски земји, на пример, во Канада, Австралија, неколку земји во Европа, Кина, Израел, Јапонија и Нов Зеланд, вкупно во 30 земји. Овој феномен е забележан и во рурална Кенија.
Општо земено, се покажало дека децата од една генерација имале IQ кој бил повисок од IQ на нивните родители за 5 до 20 поени.
Што значи тоа? Кога тестовите на интелигенција првобитно се стандардизираат, објаснува Флин, користејќи мостра на кандидати, како што е вообичаено, просекот на резултатите се поставува на 100, а стандардното отстапување на 15. Кога тестовите се ревидираат, тие повторно се стандардизираат, користејќи друга мостра на кандидати, обично родени подоцна од првата мостра. Повторно, просекот се поставува на 100, а стандардното отстапување на 15. Меѓутоа, кога новите субјекти ги работат старите тестови, скоро секогаш нивниот просечен скор е значајно над 100. Во студијата од 1980 г., Флин соопштил дека во период од 60 години, IQ скоровите стабилно се зголемувале од една генерација до друга. Подоцнежните истражувачи, во чест на човекот што го забележал овој наод, го нарекле Флинов ефект. Терминот првпат го користеле Хернштајн и Мареј во 1994 година.
Да заклучам: Флинов ефект е зголемување на IQ скоровите на тест на интелигенција со текот на времето.
Зголемувањето на мерките на IQ тест со текот на времето наметнува интересни прашања. На пример, зошто децата од една генерација имаат повисоки скорови на тест на интелигенција од нивните родители? Флин заклучил дека причина не е тоа што човечкиот мозок брзо еволуирал - затоа што период од околу 30 години не е доволен да се случи еволуција на мозокот, туку нешто друго. „Ми требаа околу 25 години да го објаснам овој феномен, наведува Флин. Сега светот го гледаме поинаку отколку што го гледавме порано. Светот сега го гледаме со „научни“ очила. Со текот на времето, со модернизацијата, ние рефлексивно ја организираме информацијата во апстрактни категории и ги препознаваме (discern) односите помеѓу поимите“, вели Флин.
Зошто се случува Флиновиот ефект?
Флиновиот ефект е последица на заемно дејствување на повеќе фактори. Ќе споменам неколку од нив.
Еден од факторите што влијае врз Флиновиот ефект е бројноста на семејството. Психолошките истражувања покажуваат дека постои тенденција децата од помали семејства, а тоа значи дека во семејството има помалку браќа и сестри, имаат поизразен Флинов ефект, односно имаат повисоки когнитивни резултати. Тоа се објаснува со фактот што семејството има на располагање повеќе ресурси, може да обезбеди подобро образование и подобра исхрана за децата, но исто така и со фактот дека родителите можат да им посветат поголемо внимание на децата и да им дадат поголема поддршка. Кога во семејството има повеќе деца, ресурсите на семејството се делат помеѓу сите нив, што влијае врз развојот на когнитивните способности.
Еден друг фактор што влијае на овој ефект, смета Флин, е што се променил општиот карактер на образованието. Сега луѓето се образоваат да користат апстракции, логично да ги поврзуваат фактите, да најдат сличност помеѓу различни работи, апстрактно да решаваат проблеми. Тоа се вештини (или способности) кои се барани во современиот свет, смета Флин. Но подобрувањето на квалитетот на образованието не е единствен фактор. Образованието сега е помасовно и подолго трае.
Треба да се спомене дека и методите на изведување на наставата се подобриле.
Понатаму, пристапот до информации е олеснет. Сега живееме во век на информации и преку интернет може многу полесно да се добие информација за која било тема отколку што било можно за претходната генерација. Со зголемениот пристап до информации, наведува Флин, и нашата интелигенција се зголемува..
Изложеноста на посложени задачи може да биде едно од објаснувањата за Флиновиот ефект. Секојдневно, со текот на времето, светот околу нас се менува. Работните места стануваат сѐ посложени и поставуваат сѐ поголеми барања. Современите технички постигнувања од работникот бараат ум за да може да ги разбере и да може да ги користи.
Здравјето и исхраната, исто така, можат да помогнат да се објасни Флиновиот ефект. Последниве неколку декади се зголеми свесноста за здравјето, за штетните последици од пушењето и употребата на алкохол и слично, како и за важноста на превенцијата и третманот на инфективните болести и подобрувањето на исхраната.
Флин ја согледал улогата на факторите што влијаат врз овој феномен и ги споменал во т.н. ТЕД-разговори. ТЕД (Technology, Entertainment, Design) разговори се влијателни видеоснимки од разговори на експерти за образование, бизнис, наука, технологија, креативност. Станува збор за една американска медиумска организација која постира разговори до кои пристапот е слободен, под слоганот „идеите вреди да се шират“. ТЕД разговорите на Флин се преведени на 34 јазици и се гледани повеќе од 4.439.315 пати.
Зошто е важен Флиновиот ефект
Флиновиот ефект е важен (значаен) од теориска и од практична гледна точка. Од теориска гледна точка тој е значаен затоа што покажал дека факторите на животната и општествената средина, како што е на пример образованието, влијаат врз когнитивните способности и тоа така што мерките на IQ, од генерација до генерација, се зголемуваат. Флин дал конкретна мерка за ова зголемување (0,3 за една година; 3, за една декада).
Од практична гледна точка, Флиновиот ефект наметнува потреба тестовите со кои се мери интелигенцијата постојано да се апдејтуваат, а со цел поединците прецизно да се проценат. Процената треба да ја одразува реалната состојба, а за да биде така, проценувачот треба да користи стандардизирани тестови. Флиновиот ефект бара тестовите на IQ периодично да се ажурираат и ренормираат. Тест развиен во минатото го преценува IQ на една личност во сегашноста, правејќи ја старата верзија од тестот неважечка. Според Флин, старата верзија на тестот ја преценува интелигенцијата, односно ја прикажува повисока отколку што е. Со тоа ФЕ влијае врз одлуки со висок (high-stake) ризик, каква што е дијагнозата за интелектуална попреченост, пристапот до специјални услуги, па дури и на судски постапки, како што е процената дали едно лице може или не може да следи суски процес. Со тоа се оспорува хипотезата дека интелигенцијата е определена исклучиво од генетскиот фактор, а се истакнува улогата на културата, екологијата, образованието, врз човековиот когнитивен развој.
Наодите на Флин го поттикнуваат развојот на наставните програми затоа што тие се релевантни за развојот на когнитивните способности. Флиновиот ефект е клучен фактор за прецизно проценување на интелектуалниот капацитет на едно лице.
Долгорочниот пораст на просечните резултати на IQ го наметнува прашањето дали ние сме попаметни од поединци, важни низ историјата, како на пример Чарлс Дарвин, Исак Њутон, фараонот Имхотеп, и од други лица, како и од старите грчки филозофи, на пример, од Аристотел, Платон итн.? Ова прашање го допрел и Флин. Еве што вели тој: „Ако ние ја меревме интелигенцијата на луѓето од пред еден век, според сегашните норми, тие би имале просечен IQ =70. Ако ја оцениме нашата интелигенција наспроти нивните норми, ние просечно би имале IQ=130“ (Flynn, 2013).
Интелигенцијата на кој било филозоф или научник од минатото не е можно да се процени на начин на кој таа сега се проценува. Психолозите што се занимаваат со проценување на интелигенцијата користат други начини за процена на нивната интелигенција. Интелигенцијата на значајните луѓе од минатото ја проценуваат врз основа на нивниот аутпут, односно врз основа на нивните значајни постигнувања во науката, уметноста, покажувајќи ги нивните придонеси.
Платон се смета за еден од највлијателните филозофи во западната мисла. Неговиот придонес во филозофијата, етиката и политиката го обликувал интелектуалниот дискурс со векови. Затоа интелигенцијата на Платон би била проценета како исклучително висока, особено во областа на критичкото мислење, филозофијата.
Луѓето од минатото имале вештини што се барале и што се ценеле тогаш, во тоа време. Тие биле добри земјоделци или добри ковачи, можеле да исковаат добри мечеви или да го изгравираат ликот на кралот на металните пари.
Сакам да истакнам уште еден битен момент на ФЕ. Од фактот што една генерација има повисоки мерки на тест на IQ од претходната генерација, или од фактот што ако една генерација е тестирана два пати со ист тест во растојание од – да речеме 25 години – постигнува подобри мерки на второто тестирање, не треба да се заклучи дека инхерентната интелигенција се зголемила. Психолозите докажуваат дека развојот на интелигенцијата завршува околу дваесеттата година и потоа не расте или расте сосем бавно. Значи, интелигенцијата не се зголемува, но се зголемува нашето знаење, нашето искуство, се менува нашиот пристап кон тестовните прашања. Сегашната генерација уште од рана возраст е изложена на тестирање од различни видови. Покрај школските тестови, во медиумите (хартиени или електронски) често има неформални тестови на интелигенција.
Тие може да имаат различни облици, на пример, се прикажува слика на која има скриена фигура, предмет или лице кое треба да се пронајде, или броеви кои се нижат според некое правило што треба да се открие. Кога лицето ќе работи тест на IQ, веќе има искуство од работа на слични тестови. Затоа едно лице кога работи ист тест по втор пат, постигнува подобри резултати.
Современите генерации имаат многу пошироки знаења и многу пософистицирана технологија отколку што имале генерациите во минатото.
Стандардите и мерките на интелигенција се менувале, а современите мерки може да бараат различни вештини и различно знаење, кои не се ценеле во времето на Платон.
Значи, интелигенцијата на поединец може да се процени само во даден историски и културен контекст.
Автор: д-р Томе Николоски, професор на УКИМ во пензија