X
 12.10.2026 Живот

Зошто во Јапонија речиси и да нема канти за ѓубре, а улиците се беспрекорно чисти?

Ако поминете еден ден разгледувајќи го Токио, можеби во еден момент ќе се најдете со празна чаша од кафе и со обвивка од сендвич во рацете, одејќи со километри без ниту една канта на повидок. Како е можно земјата позната по беспрекорно чистите улици истовремено да биде место каде што е толку тешко да се фрлат отпадоците?

Тоа се прашуваат и многу туристи кои на социјалните мрежи ги споделуваат своите потраги по канта за ѓубре. Причината е едноставна: од луѓето се очекува ѓубрето да си го однесат дома. Многумина со себе носат мала кеса во која ги чуваат отпадоците додека не се вратат дома.

За туристите што се прашуваат како во текот на целиот ден да носат ѓубре, постои креативно решение - фурошики, традиционално парче ткаенина што се користи за виткање и носење работи, а може да се купи речиси во секоја продавница за сувенири во Јапонија. Фурошики може привремено да послужи за носење отпад, а подоцна да остане како украсен сувенир. Но, постои застрашувачката причина поради која кантите за отпадоци се реткост во Јапонија.

Сè се променило по нападот

- Станува збор за сложена мешавина од историски, економски и политички околности кои на различни начини го обликуваа однесувањето на луѓето - вели Еико Маруко Синиавер, професорка по историја на Универзитетот „Вилијамс“ и авторка на книгата „Отпад: Потрошувачката во повоена Јапонија“.

Јапонија не била отсекогаш земја без јавни канти за ѓубре. Голема пресвртница се случила во март 1995 година кога членовите на култот „Аум Шинрикјо“ пуштија отровен гас сарин во подземна железница во Токио.

Нападот се случил за време на утринскиот шпиц, на три линии од метрото. Загинале 14 луѓе, додека илјадници биле повредени. По оваа случка властите почнале целосно да ги отстрануваат кантите за ѓубре од јавните места.

Подоцнежните терористички напади низ светот, вклучително и нападите од 11 септември во САД, дополнително ја зацврстиле таквата практика.

Сепак, три децении подоцна безбедноста не може да биде единственото објаснување зошто кантите не се вратија, ниту пак зошто улиците и покрај тоа останаа чисти.

Од почетокот на 21 век некои јапонски општини намерно го намалуваа бројот на канти на улиците за да ги поттикнат граѓаните да го носат ѓубрето дома, објаснува Аја Јошида од јапонскиот Национален институт за студии на животната средина.

- Во Кјото, на пример, од 2011 година бројот на улични канти е намален за повеќе од половина. Луѓето во нив фрлаа домашно ѓубре, отпадот се трупаше и околу кантите, а сето тоа ги зголемуваше трошоците за нивно одржување - вели Јошида.

Па тогаш како улиците не се затрупани со ѓубре?

Јошида вели дека одговорот не треба да се бара само во претставата за Јапонците како посебно уреден народ. Чистите улици се резултат на долгогодишна работа - кампањи против фрлање ѓубре, едукација на граѓаните, редовно чистење и уредување на јавните простори на начин што ги поттикнува луѓето да не оставаат отпадоци зад себе.

Важна улога имаат и општествените навики. Во Јапонија се цени начелото меиваку о какенаи - да не им се создаваат непријатности и проблеми на другите.

Освен тоа, во Јапонија не е вообичаено да се јаде додека се оди по улица или додека се вози во воз, па многу луѓе во текот на секојдневниот пат од дома до работа не ни прават многу отпад.

Туристите, секако, имаат поинаков ритам. Со часови го обиколуваат градот, купуваат пијалаци и храна, па затоа се наоѓаат со празна амбалажа во рацете, а без канта на повидок.

Тоа на почетокот може да ги фрустрира посетителите, вели туристичкиот водич Џунко Јокоо, која живее во Јапонија. Сепак, многумина брзо се приспособуваат.

- Моите гости во почетокот се жалат што нема канти, но им се допаѓа тоа што на улиците нема ѓубре. Со текот на времето ги прифаќаат локалните навики - вели таа.

Кантите за ѓубре сепак не исчезнаа целосно. Можат да се најдат, на пример, на железничките станици. Често се проѕирни и поставени во близина на премините за контрола на билети, каде што можат да ги надгледуваат вработените и сигурносните камери.

На станицата Шинџуку во Токио овој месец почна и тестирањето на роботски канти за ѓубре кои се движат низ станицата и собираат отпад од патниците.

Додека таквите решенија не станат вообичаени, на посетителите им останува да се навикнат на она што жителите на Токио веќе долго го прават - своето ѓубре да го носат со себе додека не наидат на место каде што можат да го фрлат.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот