X
 13.08.2024 Здравје

Тадалафилот и неговата мултинаменска употреба

Во последниве години се прават студии за докажување на кардиопротективното дејство на тадалафилот и неговата поврзаност со намален ризик од голем несакан кардиоваскуларин настан или од венска тромбоемболија (MACE/VTE) кај мажи со СДУТ со и без историја на употреба на алфа-блокатори. Студиите покажаа дека додавањето на тадалафил за третман на СДУТ може да обезбеди кардиоваскуларен бенефит.

Автор: Д-р Ристо Пејков, Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје

Еректилната дисфункција (ЕД) се дефинира како неможност да се постигне и одржи ерекција доволна за задоволителен сексуален однос. Иако ЕД не е животозагрозувачка состојба, таа е тесно поврзана со квалитетот на животот на пациентот, сексуалните односи и стабилноста на семејството. Таа исто така е ран предикторен знак за многу заболувања, како што се мозочен удар, тумори, Паркинсонова болест, болести на ’рбетниот мозок итн. Проценките сугерираат дека ЕД погодува приближно 150 милиони мажи ширум светот. Со оглед на сегашниот тренд, истражувањето и третманот на ЕД се многу важни и значајни. Достапни се голем број терапевтски опции за лекување на мажи со ЕД. Од нив, фосфодиестераза 5 инхибиторите (ФДЕ5И) се препорачуваат како прва линија на третман.

Тадалафилот како претставник на фосфодиестераза 5 инхибиторите (ФДЕ5И) е познат лек кој што се употребува за еректилна дисфункција. Достапен е во дози од 5, 10 и 20 мг. Меѓутоа, поради неговата вазодилататорна фукција забележани се позитивни ефекти во подобрување на симтоми и на други заболувања.

Фосфодиестераза-5 (ФДЕ5) е ензим одговорен за разградувањето на цикличниот гванозин монофосфат (cGMP) во мазните мускули. ФДЕ5И е структурно сличен на cGMP и компетитивно се врзува за ФДЕ5, и на тој начин го зголемува cGMP. Зголемениот cGMP предизвикува намалување на калциумот во мазните мускули што доведува до релаксација на мазните мускули и кавернозните тела, а со тоа зголемен проток на крв и ерекција.

Употребата на ФДЕ5И, исто така, покажа потенцијално зголемување на подвижноста и морфологијата на сперматозоидите. Поради најдолгиот полуживот (17,5 часа) од најчесто користените ФДЕ5И, тадалафил, силденафил и варденафил, лекот има подолго времетраење на ефектот поради што некои пациенти претпочитаат тадалафил во однос на силденафил за третман на еректилна дисфункција.

ИПСС скорот (Интернационален простата скор систем) се користи за да се опише сериозноста на симптомите на долен уринарен тракт (СДУТ) и често се користи за споредба на ефективноста на различни лекови што се користат за лекување на СДУТ. Се покажа дека сам по себе тадалафилот го намалува вкупниот резултат на ИПСС, го подобрува измокрувањето и складирањето урина кај мажи над 40 години. Неколку студии покажаа дека комбинираната терапија на ФДЕ5И и алфа-блокатори делува подобро од кој било лек самостојно во третманот на СДУТ поради БПХ. Мета-анализите сугерираат дека комбинацијата на силденафил-тамсулозин е сигурна комбинирана терапија за мажи со СДУТ со или без ЕД. Мажите со СДУТ поради БПХ резистентен на третман со алфа-блокатори имале значително подобрување во нивните ИПСС скорови кога подоцна биле третирани со тадалафил, и обратно.

Употребата на ФДЕ5И не е ограничена на СДУТ и сексуална дисфункција, туку во комбинација со други лекови тие успешно се користат за лекување на пулмонална артериска хипертензија.

Во последниве години се прават студии за докажување на кардиопротективното дејство на тадалафилот и неговата поврзаност со намален ризик од голем несакан кардиоваскуларин настан или од венска тромбоемболија (MACE/VTE) кај мажи со СДУТ со и без историја на употреба на алфа-блокатори. Студиите покажаа дека додавањето на тадалафил за третман на СДУТ може да обезбеди кардиоваскуларен бенефит.

Контраиндикации за користење на лекот се истовремена примена на лекови кои содржат нитрати, нестабилна ангина пекторис, тешка срцева инсуфициенција, хипотензија (TA помала од 90/50mmHg), неодамнешен мозочен или срцев инсулт, пречувствителност на тадалафил или било која помошна состојка, лица помлади од 18 години и жени. Најчести несакани ефекти се главоболка, диспепсија, болки во грбот и мускулите.

Од претходно кажаното можеме да заклучиме дека долготрајната употреба на Тадалафил од 5 мг освен што влијае на подобрување на еректилната дисфункција со задржување на спонтаноста во сексуланиот живот, влијае и на подобрување на уринирањето, а, исто така, делува и кардиопротективно со намалување на ризикот од голем несакан кардиоваскуларен настан и е одличен лек од избор кај пациенти СДУТ и ЕД.

Издвојуваме

Здравје