X
 13.09.2019 Здравје

Научниците открија зошто е важно да дремнете во текот на денот

Повремените дневни дремки, еднаш до двапати неделно, може двојно да го намалат ризикот од срцев или мозочен удар, покажа швајцарско истражување.

Научниците ја истражувале врската помеѓу просечното траење на дневниот сон и неговата зачестеност и ризикот од срцев удар и мозочен удар. Во истражувањето објавено во магазинот „Харт“ биле следени навиките за спиење на 3.462 избрани кандидати, на возраст од 35 до 75 години, и нивната здравствена состојба во период од пет години.

Повеќе од половината изјавиле (58 отсто) дека не спиеле во текот на денот, во последните седум дена, 19 отсто изјавиле дека спиеле во текот на денот еднаш до двапати неделно, додека 12 отсто спиеле три до петпати неделно. 11 отсто спиеле шест до седумпати во текот на денот.

Во истражувањето е заклучено дека повременото спиење во текот на денот, еднаш до двапати неделно, е поврзано со двојно помал ризик од срцев удар, мозочен удар или друга срцева болест, во споредба со оние што немале ваква навика.

Д-р Ју Ленг и д-р Кристин Јафи од Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Франциско изјавија дека истражувањето ветува многу затоа што потенцијално може да има значајно влијание врз здравјето.

- Иако остануваат повеќе прашања отколку одговори, време е да почнеме да ја откриваме важноста на дремките за здраво срце - велат авторите.

- Иако точните физиолошки патишта што ги поврзуваат дремките со кардиоваскуларниот ризик не се јасни, ова истражување придонесува во дебатата за влијанието на дневниот сон врз здравјето и посочува дека можеби не е важно само неговото траење, туку и неговата зачестеност - додаваат тие.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Здравје