Три илјади денари младински додаток ќе им се исплаќа на лица до 23 години со завршено најмалку средно образование и кои се во работен однос со задолжително социјално осигурување во производствена дејност.
Ова го предвидува предлог-законот за младински додаток кој беше усвоен од Владата, а сега ќе биде доставен на усвојување во Собранието.
Со законот три илјади денари се предвидени и за младите лица што се отстапени кај работодавач-корисник од производствена дејност од страна на приватна агенција за вработување, како и на млади индивидуални земјоделци со задолжително социјално осигурување, соопшти Владата.
Целта на законот за младински додаток е поттикнување на вработување на младите лица во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се придонесе за подобрување на нивниот животен стандард и задоволување на потребите на работодавците со соодветно квалификувана работна сила.
Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне растот на економијата, а со тоа ќе се придонесе за зголемен вкупен економски раст и развој во Република Северна Македонија, се додава во соопштението.
Извор: МИА