Уморна сум веќе од ова што ни се случува. Сите сме уморни. Се преминаа сите граници. Сите, освен оние на ограничените умови. Мојата чаша е одамна прелеана и не престанува да се излева. Ова е само цедење на потопениот чаршаф.
Сè е кажано и прекажано. Моите зборови нема ништо да сменат, нема ништо да направат подобро одошто е, и веројатно малкумина ќе допрат. Мојот крик, сам, е само шепот. Ама нашиот заеднички, е моќен глас и заслужува да биде слушнат. Нема да повторувам сè што досега беше кажано, а го кажаа многу покомпетентни од мене.
*
Ми ги распарчуваат соништата уште пред да почнам да ги сонувам. Со кое право, некој ќе ни ги краде и уништува соништата? Со кое право ќе ни забрани да сонуваме, дури и кога сме свесни за огромната можност, никогаш да не го живееме својот сон? Со кое право ни поставувате сопки уште на прагот? Цврсто верував дека „ Можат сè да ти земат - богатството, најубавите години, радоста и сите заслуги, дури и кошулата од грбот - но секогаш ќе ти останат соништата за одново да го создадеш светот кој ти го украле.”. Сега веќе не знам во што да верувам.
Не ја сметам оваа борба за донкихотовска. Не сум песимист. Да бев, немаше да ја вложам сета оваа страст и љубов, за добивање парче хартија, кое ќе ме квалификува како уште еден суфицит на пазарот на трудот. Тоа го знаев уште пред да се запишам на катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Ама, соништата не знаат за суфицит. Нецела година пред да се запишам, имаше предлог за поставување во мирување на студиските програми за македонски јазик и за македонска книжевност, националните (и најстарите) катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тогаш за прв пат ми се сруши светот. Со тоа „ќе ѝ се нанесе(ше) долготрајна штета на нацијата и државата, која ќе треба да се срами од самиот факт што ги прогласила за суфицитарни оние што со својата професионална определба искажале цврста решеност поголемиот дел од животниот век да му го посветат на она што е нејзин најголем интерес.”* Толку за тоа, бесмислено е, исцрпено е. Да се случеше , сега со сигурност не ќе бев овде. Со уште поголема сигурност, не ќе се откажев од сонот. Ќе го сонував на друго место. Но сега, нема да ме избркате. Не лесно. Не само мене. Не ни е на сите целта да заминеме од државата. Да ни беше, немаше да излегуваме по улиците. Протестираме затоа што сакаме да останеме овде, во подобро овде. Лесно е за заминување. Треба да постои нешто многу силно, што во време кога и Константин не би барал крила за назад, не нè пушта да одиме. Ете за среќа или не, постои.
Ова што ни се случува последниве два-три месеци, е најмалку борба против екстерното, државниот, пилотот (поправете ме ако во меѓувреме има нешто ново). Најмалку! Да сакавте да нè слушнете, ќе видевте дека ние многу повеќе од вас , сакаме квалитетно високо образование. Тоа не се постигнува со пет, однапред дадени прашања, со четири понудени одговори. Јас лично (а верувам дека и секој друг, буден студент) државниот испит го сфаќам како навреда. Знаењето стекнувано со толку труд, љубов, непреспиени ноќи, непреведени книги , некој да ми го проверува со, повторувам- пет прашања, со четири понудени одговори. Однапред познати. Лесни, се бара минимално знаење за поминување. Се срамам од ова. Нас на факултет така НЕ НÈ ОЦЕНУВААТ! Не ни бараат минимално знаење, не заокружуваме понудени одговори на однапред познати прашања. Попусто објаснувате колку ќе биде лесен испитот. Тоа уште повеќе нè иритира. Понекогаш полагаме повеќе од четири часа, со одговори на повеќе од пет страници А4 формат. ИМА РАЗЛИКА! Понекогаш полагаме во амфитеатри додека на тестовите ни капи дожд од плафонот кој протекува. Ама тоа е друга, исто толку болна тема.
Зошто протестираме кога нас овој Закон не нè фаќа, кој нè тера да протестираме? Како прво- нè фаќа! Второ- од каде идејата дека човек треба да се залага само за нешта кои лично го засегаат? Престанавме да трошиме енергија на докажување дека зад нашата борба стоиме само ние- студентите и нашите професори. Само како студенти и професори. Имаме други нешта кон кои ќе ја насочиме. Да, точно е, има и други нешта кон стојат зад нас, пред нас, со нас и нè тераат на оваа борба. Тоа е поривот што во себе си го носиме, тоа е должноста што ја чувствуваме, тоа е желбата за подобро утре, ако не наше, на оние по нас. Зад нашата борба стојат нашите недосонувани соништа.
Поголема навреда, поголемо омаложување, понижување, обезвреднување, немав почувствувано. Никој досега не зборувал со таков потсмев, за мене, моите колеги и професори, за сите оние кои излегоа на улица да нè поддржат. “Студентите не сакаат да учат, па затоа се бунат”. Знаете ли Вие воопшто за радоста на сознавањето, узнавањето, стекнувањето на нови знаења? Не учиме сите, затоа што мораме. Професори за кои изјавувате дека „ се плашат од обврската за објавување трудови во светски реномирани списанија и затоа ги поддржуваат студентите...” можат да предаваат на светски реномирани универзитети. Како се дрзнувате така да понижите такви интелекти, наместо да им бидете благодарни што сè уште се во државава. Знаете ли за уживањето во она што се работи, во страста со која се работи она што се сака? Не знаете! Од каде да знаете?
Ама ете пак јас, за среќа знам. Имам предавања, на кои ми доаѓа да станам и да аплаудирам. Предавања кои со подотворена уста ги слушаме, затоа што имаме професори кои со огромна љубов и жар си ја работат работата. Истите оние кои јавно, со потсмев, ги омаловажувате и навредувате. Нема да молчиме додека некој така се однесува со оние од кои учиме да бидеме, пред сè Луѓе, а потоа секој за онаа професија за која се определил. Нема да молчиме затоа што тие
Ќе бидам искрена. Во еден момент на очај, помислив да си ги соберам документите од факултетот и да си одам. Ете до толку ми е дојдено! Ама мојата предлог-одлука , падна на првото „читање”. Се срамам од самата себе за помисленото. Ужасно се срамам. Најмногу од детето што бев и детето што живее во мене, кое на прашањето: Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?- секогаш имаше еден, единствен одговор.
Со „пакетот реформи”, меѓу другото се обезвреднува дипломата која треба да ја добијам. Само со неа, иако ќе го имам звањето: „Дипломиран професор по...”, никогаш нема да можам да бидам професор. Истата, веќе не ми е ниту цел, ниту мотив. Ама мотивот што го имам е посилен. Верувале или не, постојат студенти на кои знењето му е поважно од дипломата. И професори чија цел е да пренесат што повеќе знаење. Професори во вистинска смисла на зборот. Моите, освен она предвиденото со студиските програми, ме научија многу повеќе. Достоинство, неапатичност, борбеност. Тој испит со задоволство ќе го полагам, одново и одново.
*
Немам толку капи колку што имам потреба да симнувам периодов. За сите храбри луѓе, за сите текстови, писма, колумни, говори, транспаренти. За сите кои ни студот, ни мразот, ни снегот не ги спречи да излезат на улиците во одбрана на своите права и автономијата на универзитетите. За сите будни, за сите кои се разбудија. За сите што докрај ќе ја тераме работата. За сите кои, да не ни се случуваше ова , можеби никогаш не ќе ги запознаев. За сите, поради кои, решив да продолжам да ги крпам, докрпувам и закрпувам моите соништа, додека имам конци. Додека не ми го одземат и последниот. Во име на недосонуваните соништа- ќе се бориме!
Пишува: Моника Илкова
Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.