X
 08.01.2015 Образование

Професорски пленум испрати писмо до Еврокомесарите Тибор Наврачичи и Јоханес Хан

Денеска Професорскиот пленум испратија писмо до Еврокомесарите Тибор Наврачичи, Јоханес Хан, како и до шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Аиво Орав.

Тие во писмото укажуваат на апсурдноста на процесите за т.н. реформа на високото образование во Македонија и ги повикуваат да дадат поддршка во спречувањето на авторитарните обиди на власта да ја загрози автономијата на универзитетите и да го стави под своја контрола и овој сегмент од општеството.    

Во прилог целото писмо:


До

г. Тибор Наврачич, европски комесар за образование, култура, млади и спорт
г. Јоханес Хан, европски комесар за проширување на ЕУ

Сс: г. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија




Почитувани господине Наврачич и господине Хан,

    Ние, над петстотини професори од различни универзитети во Република Македонија, организирани како Професорски пленум, ви се обраќаме за да ви укажеме на апсурдноста на процесите за т.н. реформа на високото образование во Македонија и да ве повикаме да ни дадете поддршка во спречувањето на авторитарните обиди на власта да ја загрози автономијата на универзитетите и да го стави под своја контрола и овој сегмент од општеството.     

    Најновите законски измени, кои, според најавите на владините претставници, треба да го реформираат високото образование во Македонија „според европските текови“, всушност значат големо отстапување од Агендата за модернизација на високото образование,  ги напуштаат принципите на Болоњскиот процес и сериозно навлегуваат во автономијата на универзитетот. Тие се кулминација на апсурдните и недемократски осмислени мерки што власта во последните неколку години му ги наметнува на високото образование и покажуваат отсуство на визија и на осмислена и конзистентна национална политика во областа на високото образование.   

    Пакетот закони кои се веќе во фаза на усвојување во Собранието се подготвени на целосно нетранспарентен начин, со кршење на законската процедура, барање за изјаснување во бесмислено куси рокови, без јавна дебата и без учество на академската и на стручната заедница, студентите и другите субјекти вклучени во образовниот процес.

    На низата апсурдни мерки содржани во овие закони аргументирано се спротивставија речиси сите факултети и универзитети, вклучувајќи ја и Ректорската управа и Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, најстариот, и најголемиот универзитет во Земјата. Речиси сите универзитети ги отфрлија предложените законски измени како невозможни и апсурдни, укажувајќи ѝ на власта во своите заклучоци дека не може да се прави модернизација на високото образование и подигнување на квалитетот на наставата и учењето без широко учество на академската заедница.

    На најконтроверзните мерки во Законот за високото образование со масовни протести им се спротивставија и над десет илјади студенти од речиси сите универзитети и факултети, организирани во автохтон Студентски пленум. На овие протести јасно им беше порачано на властите дека не може да се прави реформа за квалитет во високото образование без учество на студентите како партнери во процесот на кокреирање на знаењето.

    На Студентскиот пленум спонтано му се приклучивме и Ние, професорите од различни универзитети и факултети ширум земјата, организирани во Професорски пленум, со што им дадовме целосна поддршка на барањата на студентите и се приклучивме на протестите против донесувањето на пакетот закони.        

    Почитувани господине Наврачич и господине Хан, вие најдобро знаете дека меѓу петте клучни приоритети на Агендата на ЕУ за модернизација на високото образование е и подобрувањето на квалитетот и релевантноста на наставата и на учењето.

    Една од најконтроверзните одредби во Законот за високото образование на која ѝ се спротивставија и студентите и професорите е обврската за воведување државен испит за студентите во сите високообразовни установи. Државниот испит студентите ќе го полагаат на крајот на втората и на четвртата година од додипломските студии, како и на крајот на последната година од нивните магистерски студии. Оваа мерка е замислена да се спроведува од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, чии членови ќе ги бира Владата на РМ и во кои ќе има и странски државјани. Ваквата мерка ќе биде спроведена надвор од редовното оценување на знаењето на студентите предвидено со студиските програми. Тоа најдобро илустрира дека властите сакаат да наметнат политика која не се грижи за развивање на повисоки нивоа на знаење и критички умствени процеси кај студентите, туку квалитетот на нивното знаење ќе го мери само според продуцирањето точни одговори.   

    Оваа мерка најмногу ги погодува студентите бидејќи ги демотивира, ги исклучува од образовниот процес и ги сведува на објекти, кои доколку не успеат да го положат т.н. „државен испит“ може и да го изгубат правото на студирање.  Потсетуваме дека оваа мерка е целосно спротивна на Препораките на Високата група за високо образование од јуни 2013 година, во кои се нагласува дека студентите треба да се партнери во дизајнот на наставните програми и во процесот на наставата и учењето.

    Друг пример е уште една исто толку спорна мерка, што се однесува на образованието на наставен кадар во предучилишното, основното и средното образование. Станува збор за предвиден психолошки „тест на личноста“ што државата би го спроведувала како селективен критериум при упис/прием на студентите на наставни студиски групи при педагошките факултети. Вакво психолошко „тестирање на личноста“ се предвидува и за сите наставници вклучени на сите рамништа на образовниот процес: од претшколска возраст до високо образование. Ваквата мерка јасно укажува на обид за државна контрола врз образованието, но врз критериуми чиишто смисла, релевантност и транспарентност се особено дискутабилни и никако не можат да бидат прифатени.

    Потсетуваме дека Високата група за високо образование во своите Препораки нагласува дека една национална стратегија за високото образование подразбира многу други фактори, а особено: постоење одржлива финансиска рамка за поддршка на напорите на високообразовните институции за подобрување на квалитетот на наставата и на учењето, и постоење систем на континуирана професионална поддршка на академските наставници и развивање на нивните способности за дизајн на курикулуми, за иновативни методи на настава и учење и  оценување на знаењето на студентите.  

       Почитувани господине Наврачич и господине Хан, Република Македонија, со Европското партнерство, презеде сериозни обврски во поглед на натамошното спроведување на Болоњскиот процес и унапредувањето на квалитетот на високото образование. Уште еднаш сакаме да нагласиме дека ова што се предлага со пакетот закони е отстапување од преземените обврски, отстапување од главните принципи на Болоњската декларација и од Стратегијата на ЕУ за модернизација на високото образование. Нагласуваме дека властите дури и јавно се изјаснија дека предложените реформи значат напуштање на Болоњскиот процес. Ако ова се случи, тогаш ќе се направи и првиот чекор кон формално напуштање на Европскиот академски простор, но и на самата идеја за eвроинтеграциите.
    
Ве повикуваме, со авторитетот на вашите позиции во Европската комисија, да се изјасните и да упатите повик до Владата на РМ да ги повлече предложените закони и да започне нова, широка и транспарентна дебата со учество на сите субјекти вклучени во образовниот процес.   


ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ


Во име на Пленумот:

д-р Гордана Силјановска-Давкова,
професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

д-р Абдулменаф Беџети,
професор на Универзитетот Југоисточна Европа и член на Македонската академија на науките и уметностите

д-р Никос Чаусидис,
професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“


Контакт адреса: profesorskiplenum@gmail.com

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование