X
 09.03.2015 Образование

Писмо од родители за поддршка на заложбата на средношколците за укинување на математика како дел од државна матура

Измените во законот за средното образование очигледно создадоа низа незадоволства. Особено прашањето за полагање на предметот математика како задолжителен за државната матура.

 

Безбројте разговори, мислења, консултации кои се разменуваа интензивно во изминатиот период меѓу учениците, наставниците и нас, родителите резултираа со конечниот заклучок дека оваа одредба во законот треба и мора да биде изменета. Да расчистиме на самиот почеток (ова особено е важно затоа што гледаме дека не се разбираме со Министерот) сите ние, меѓу нив и ние родителите Не сме против полагањето на државна матура. Против сме единствено предметот математика да биде задолжителен. Зошто? Ние сме родители на ученици кои се определиле за општествено хуманистичките науки. Тоа е пакетот кој нашите деца го одбраа. Овој пакет подразбира давање акцент на предметите филозофија, социологија, педагогија, психологија, етика… Не гледаме никаков смисол и издржана аргументација зошто овие деца би полагале математика кога поголемиот дел од образованието го посветиле на општествените науки, на читање, размислување, споредбено согледување и анализи во правец на себе изградување во општествената, хуманистичка сфера. Уште по поразителен е фактот што истите нема да имаат никаква корист од математиката во натамошниот нивен образовен процес, особено од аспект кога најголемиот дел од нив веќе го насочиле својот интерес за понатамошно образование. Уште понеразбирлива и особено небулозна е одлуката математика да полагаат само гимназијалците. Што е со останатите средни училишта. Ќе рече сега министерот, “Од следната година сите училишта ќе полагаат“. Што значи ова? Дека оваа генерација на средношколци треба да ја фрлиме по вода? Дека цела една генерација на млади луѓе треба да бидат дискриминирани, отфрлени од општеството, експериментални глувци, затоа што некој не знае што сака? Особено што тој некој ја има обврската, должноста да создава здрави генерации на млади луѓе, образовани, отворени кон предизвиците кои им ги носи животот. Ова ли е грижата која ја покажува МОН и неговите “стручњаци“ кои донесуваат лоши, неиздржани и неприменливи закони и најмногу од се закони кои се на штета на младите луѓе?

Ние сме родители. Ние сакаме нашите деца да бидат здрави, среќни, исполнети со животна радост. Сакаме нашите деца да се образуваат, да учат и да научат, да создадат вредности со кои ќе придонесуваат, да израснат во личности кои со своите човечки, интелектуални капацитети ќе работат за постојано подобрување на сопствената држава. Сакаме нашите деца да престанат да размислуваат под постојан притисок кој некој,( затоа што немал друга работа па смислил) постојано им го наметнува, а при тоа тој притисок е паушален, со сила наметнат без доволно аргументи за неговата вистинска смисла и бенефит. Сакаме нашите деца да почувствуваат дека нивното право на избор за сопствено образование и надградба се вистинскиот избор за нив. Само така ќе може да се равиваат со стабилни и почитувани личности. Само така ќе научат да разбираат, да сочувствуваат, да создаваат, да креираат, да придонесуваат…

Задачата на МОН е да овозможи солидна и стабилна основа за развој на овие млади луѓе. Да им овозможи квалитетно образование  во кое тие ќе бидат директни учесници преку креативни размисли и предлози, а не само статисти кои би требало само да спроведуваат нечии идеи, кои мора да признаеме не се секогаш најдобри. Таков е примерот и со последната идеа (добро, јасно ни е дека е веќе и законски регулирана) за полагање на математика како дел од  државната матура. Слушнете ги овие млади луѓе. Тие знаат. Овие млади луѓе ги знаат своите животни определби и сигурни се во тоа каде сакаат да ја насочат својата иднина. Не дозволувајте само, таа иднина да ја гледаат надвор од границите на својата држава.

Ние како родители на овие млади луѓе  даваме целосна поддршка во нивната борба за укинувањето на математиката како задолжителна при полагањето на државната матура. Нивната борба е и наша борба. За нашите деца се работи. За иднината на нашето општество се работи. А денес, имаме задача иднината заеднички да ја градиме.

 

Родители на IV5 клас,

Гимназија “Гоце Делчев“

Поддршка за укинување на математиката како дел од државната матура
Превземено од Наставнички пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование