X
 31.03.2015 Образование

МОН го објави конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2015/2016 година

Врз основа на член 27 од Законот за ученичкиот стандард (“Службен весник на Република Македонија” број 52/05, 117/08, 17/11, 135/11, 15/13 и 41/14) и Правилникот за начинот и постапката за прием на учениците во јавните ученички домови („Службен весник на Република Македонија“ број 55/10, 49/11 и 50/15), МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА распишува

К О Н К У Р С
за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија
за учебната 2015/2016 година

Во учебната 2015/2016 година во јавните ученички домови ќе се примаат за сместување и исхрана ученици од средното образование и тоа:

tabela-Udomovi-15-16

• Приоритет при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во I, II или III година во експерименталната програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис кои ќе се реализираат во следните градови: Скопје (во домот под реден број 11), Битола, Велес, Гостивар, Охрид, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Куманово и Штип.

I. УСЛОВИ ЗА ПРИЕМ

Право на прием во јавните ученички домови имаат ученици кои ги исполнуваат следните услови:

1. Да се запишани како редовни ученици во средното образование во учебната 2015/2016 година;

2. Да се државјани на Република Македонија;

3. Да се запишани на наставен план и програми кои не се застапени во општината, односно град Скопје каде ученикот има постојано место на живеење;

4. Училиштето во кое ученикот е запишан да е одалечено најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и да има организирано јавен превоз;

5. Училиштето во кое ученикот е запишан да е одалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

 

II. НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Учениците, кои конкурираат во првиот уписен рок, комплетната документација ја доставуваат од 26.06.2015 година до 06.07.2015 година во домот каде што бараат сместување.

Учениците, кои конкурираат во вториот уписен рок, комплетната документација ја доставуваат од 25.08.2015 година до 30.08.2015 година во домот каде што има слободни места после првиот уписен рок.

Учениците кои од претходната учебна година престојувале во ученички дом, комплетната документација треба да ја достават најдоцна до 01.07.2015 година до соодветниот дом.

Учениците, кои од претходната учебна година престојувале во домот, а се упатени на поправен испит, комплетната документација треба да ја достават најдоцна до 31.08.2015 година до соодветниот дом.

 

III. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

1. Пријава;

2. Потврда од училиштето за средно образование дека е редовен ученик;

3. Копии од свидетелства за завршено образование од претходните учебни години (учениците кои се запишуваат за прв пат во задолжителното средно образование доставуваат копии од свидетелствата од VI, VII, VIII и IX одделение);

4. Изјава од родител-старател на ученикот за бројот на членови во семејството;

5. Потврди за сите остварени приходи на членовите во семејството (потврда за последно исплатена месечна нето плата, последен чек од пензија или решение за остварување на правото за користење на социјална помош), умреница за починат родител, доколку се невработени родителите да достават потврда од Агенцијата за вработување од надлежната општина; Потврда за брат/сестра (доколку е ученик/студент се доставува потврда од училиште/ факултет, доколку се вработени се доставува потврда од Агенцијата за вработување од надлежната општина, за предучилишна возраст се доставува копија од извод на родените);

6. Медицинска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на ученикот;

7. Изјава од родител-старател на ученикот дека во целост ќе ги подмири трошоците за евентуално направените штети од страна на ученикот и

8. Копија од уверение за државјанство на Република Македонија.

Потребните документи-обрасци (за точките 1, 4 и 7) за учество на Конкурсот, кандидатите може да ги добијат во јавните ученички домови и на официјалната интернет страна www.mon.gov.mk, каде е објавен Конкурсот.                            
    

IV. НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА ПРИЕМ

Начинот и постапката за прием на учениците во јавните ученички домови, како и условите за сместување и исхрана се регулираат согласно Законот за ученичкиот стандард и Правилникот за начинот и постапката за прием на учениците во јавните ученички домови.

Комисијата од член 10 став 2 на горенаведениот Правилник е должна да:

- утврди дали наставните планови и програми на кои се запишал ученикот-кандидат се изучуваат во општината од каде што доаѓа ученикот-кандидат (со исклучок на учениците со посебни образовни потреби);

- изготви ранг-листа на пријавените кандидати со точно пресметани бодови (со исклучок на учениците со посебни образовни потреби), при што максималиот број на бодови да изнесува 100, од кои кандидатот може да оствари најмногу 40 бодови за остварениот успех од претходните учебни години (за ученици од I година се зема остварениот успех од VI, VII, VIII и IX одделение), до 25 бодови за оддалеченоста од местото на живеење до местото на школување, до 10 бодови за примерно поведение на кандидатот од претходните учебни години, до 25 бодови за вкупно остварените приходи од потесното семејство на кандидатот (последна исплатена месечна плата, пензија или социјална помош на родителите-старатели на кандидатот и слично, во однос на просечно исплатената месечна нето плата по вработен во Република Македонија за последните три месеци утврдена од Државниот завод за статистика);

- изготви решенија со образложение за одбиените кандидати и истите да ги достави до кандидатите и

- изготви конечен список на примени ученици, согласно доставената комплетна документација до Министерството за образование и наука, врз основа на која се добива одобрение-согласност од Министерството за образование и наука за конечен список на примени ученици.    

 

Резултатите од Конкурсот по првиот уписен рок ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 16.07.2015 година.

Резултатите од Конкурсот по вториот уписен рок ќе се објават на огласната табла на домот најдоцна до 31.08.2015 година.

На домот може да му се издаде одобрение-согласност од Министерството за образование и наука за конечен список на примени ученици најмногу до три пати.

Учениците, кои ќе бидат примени за сместување и исхрана во дом, сами ќе ги подмируваат трошоците за превоз од-до постојаното место на живеење.

Доколку предвидените места од II година, III година или IV година не се пополнат со ученици од соодветната година, истите може да се пополнат со ученици од I година доколку ги исполнуваат условите од овој конкурс, и обратно доколку предвидените места од I година не се пополнат со ученици, истите може да се пополнат со ученици од II година, III година или IV година доколку ги исполнуваат условите од овој конкурс.

Доколку слободните капацитети во јавните ученички домови не се пополнат и заради економска оправданост, конкурсот останува отворен за пополнување на слободните места со студенти во согласност со Правилник за начинот и постапката за прием на студентите во државните студентски домови („Службен весник на Република Македонија“ број 89/13 и 98/13).

Вселувањето на примените ученици започнува од 31 август 2015 година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование