X
 06.04.2015 Интервјуа

Интервју со Даниел Кајмакоски: Поддршката од дома е најбитна - таа ми дава сигурност и основа

Даниел Кајмакоски еден од ретките пејачи кој со својот глас успеа да ја импресионира публиката во Македонија и Балканот, деновиве ги почести своите фанови со два видео записи од кој едниот е наменет за евровизиските потреби. Во интервјуто за факултети.мк Даниел Кајмакоски зборува за евровизиските планови, откривајќи ги модните креатори кои што ќе се погрижат за неговиот изглед на сцената од Виенската градска сала, која е со капацитет од 16.000 места.



Сунаи Сабриоски: На самиот почеток честитки за прекрасниот видео – запис за песната „Autumn Leaves“ (Лисја есенски) кој што ни го пласираше пред  неколку денови.Дали би сакал да ни споделеш чија беше идејата за спотот, и кој се беше инволвиран во процесот на подготвување на комплетната англиска везрија?

Даниел Кајмакоски: Најпрво благодарам
Првичната замисла за спотот беше поинаква, но временските услови не ни дозволија да ја реализираме. Оваа идеја се роди случајно низ разговор со тимот, како начин како најдборо може да се претстави емоцијата и приказната на песната. Спотот е изработен од продукцијата Storyteller, кои се потрудија тоа да изгледа оригинално.
Крајната верзија на песната беше работена од рацете и во студиото на Роберт Билбилов,  во постојана комуникација со авторот на песната, шведскиот продуцент Јоаким Персон.

Сунаи Сабриоски: Тоа што е интересно а е врзано за самиот видео – запис е немањето на класичен крај, што многу потсетува на спотовите на Бруно Марс како и многу други светски ѕвезди. Дали самиот крај си има и своја цел да ги обедини своите фанови во еден видео запис кои што ќе ја надополнат незавршената приказна?

Даниел Кајмакоски: Да бидам искрен, додека се работеше спотот имаше неколку можни краеви. Се одлучивме за неодреден крај и на тој начин да ја започнеме нашата приказна и кампања за Евровизија.

 

Сунаи Сабриоски: По промоцијата на англиската верзија на евровизиската песна со која ќе не претставиш на 19 мај во првата полуфинална вечер на 60. издание на популарниот музички фестивал Евровизија, песната наиде на многу критики, како позитивни така и негативни. Дали сметаш дека песната имаше потреба да подлежи на измени и истата да биде изведена на Англиски јазик?

Даниел Кајмакоски:
Финалната верзија на песната се разликува од првичната верзија од Скопски фестивал. Оригиналната песна мораше да се адаптира на правилата и условите на Скопски фестивал, затоа сега ова доаѓа како сосема нова песна да слушате.  Но, мислам дека има време фановите да се навикнат на новиот аранжман. Мислењата се поделени, мене ме радува тоа што најчесто се спомнува дека е квалитетно изработена.

Сунаи Сабриоски: До самиот евровизиски настан не делат уште неколку недели – како течат подготовките во однос на целиот настап кој што треба да го видиме на сцената од Виенската градска сала, која е со капацитет од 16.000 места?

Даниел Кајмакоски: Подготовките се веќе започнати и се работи секојдневно. Не можам и не сакам да откријам пред време што спремаме за на сцена. Пратете ги нашите подготовки на нашиот блог за евровизија.

Сунаи Сабриоски: Важиш за еден од пејачите кои што ги поседува сите потребни квалитетиза еден комплетен музичар,  меѓу кои и танцувачки способности. Дали можеби оваа година ќе те видиме во тоа издание?

Даниел Кајмакоски: За сега немам понуди за некој проект каде можам овој дел да го покажам, но има уште време од оваа година, не се знае . . .


 

Сунаи Сабриоски: Колку твоето присуство на овој музички настан сметаш дека ќе придонесе за твојата музичка кариера на Европско тло па и пошироко?

Даниел Кајмакоски:
Евровизија е одлична платформа за промоција. Има бројна публика, многу медиумско внимание. Се надевам се ова ќе биде од корист за промоција и ќе даде простор за соработки по Евровизија.

Сунаи Сабриоски: Дали мислите дека промоцијата на евровизиската песна пред – натпреварот придонесува за придобивање на европската публика, како и за успех при самото натпреварување?

Даниел Кајмакоски:
Промоцијата на евровизиската песна мора да ја има пред самиот настан – полуфиналето. Евровизија има бројни фанови кои секојдневно пратат за сите претставници и мора да најдеш начин да им привлечеш внимание. Во моментов работиме на привлекување на евровизиски фанови.

Сунаи Сабриоски: Бројот на држави кои што земаат учество на овој музички настан од година во година варира заради економската состојба на државите. Оваа година ќе учествуваат вкупно 39 држави со свои претставници – колку од нив имаше можност да ги слушнеш, и дали имаш некоја песна која што посебно ти остави впечаток?

Даниел Кајмакоски: Да, секоја година варира бројот, но публиката станува се поголема. На големо изненадување Австралија оваа година ќе биде учесник на финалето во Евровизија. Оваа година има доста балади и квалитетни песни. Очекувам доста од нив да се вртат и по евровизија.

Сунаи Сабриоски: Секоја година на Евровизија можеме да видеме најразлични модни креации кои знаат да остават без здив, но има и такви кои што изгледат запрепастувачки. Кој ќе се погрижи за тебе оваа година во однос на твојот аутфит, и дали сметаш дека истиот е потребен за целокупниот пласман?

Даниел Кајмакоски:
Даниел Кајмакоски, Fashion&Friends и Ивана Рабреновиќ ќе бидат заедно оваа Евровизија. Тие ќе се погрижат за мојот изглед додека траат сите евровизиски настани.

Сунаи Сабриоски: Ти посакувам пред се добра забава на овогодинешниот натпревар, и секако одличен пласман во топ 5. Да се надеваме дека негативните коментари кои што ги следат нашите претставници секоја година нема да те следат и тебе. Исто така да се надеваме дека македонската музичка естрада неизмерно ќе ти ја даде целата поддршка. За крај што би им порачал на твоите фанови – што да очекуваат а да не бидат изненадени?

Даниел Кајмакоски:
Благодарам, благодарам. Поддршката од дома е најбитна, таа ти дава сигурност и основа. На моите фанови би им порачал да учествуваат во повикот и да ми се придружат на 19ти Мај во Виена !

Автор: Сунаи Сабриоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа