X
 14.05.2015 Образование

Се` потешко до виза за македонскиот студент преку Work and Travel... Истражувавме за вас!


 
До редакцијата на „Факултети.мк”, стасуваат писма од студенти кои реагираат дека биле одбиени за американска виза што им е потребна за работа во САД, иако ги исполнувале условите за тоа. Една студентка тврди дека само 15 секунди била на интервју и експресно била одбиена, иако ги исполнувала сите потребни критериуми за да ја добие работата.

Во врска со овој проблем разговаравме со неколку наши агенции кои посредуваат за работа во странство и кои ја работат програмата Work and Travel, а одговори побаравме и во Американската амбасада. Агенциите за „Факултети.мк” потврдуваат дека во последниве години не е лесно да се стаса до виза иако сите услови се исполнети, а во амбасадата не ни одговорија прецизно на поставените прашања. 

- Да, проблемот постои. Ние во агенцијата ги селектираме кандидатите врз основа на критериуми кои ни се дадени од амбасадата. Тие мора да се редонвни студенти на акредитиран универзитет во Република Македонија, да имаат активност со положени испити, да зборуваат средно или напредно ниво на англиски јазик и да немаат запишувано „квадрати”. Сите студенти кои ги избираме, сето ова го исполнуваат. Ситуацијата со доделени откази е далеку под просекот во споредба со другите држави, а нам не ни е јасно на што се должи високиот процент од 15 до 30 отсто доделени откази? Дали нашите студенти не зборуваат убаво англиски јазик, дали тој процент се должи на злоупотреба на визата и останување таму? Се случува на студенти кои се редовни и имаат извонреден бекграунд да му да дадат отказ - изјави еден од вработените од агенција за посредување за оваа програма. 

Во една друга скопска агенција која исто така ја работи програмата Work and Travel,потврдуваат дека Американците ги имаат заострено критериумите за избор на македонски студенти. 

- Оваа година се` уште немаме случај студент да биде одбиен, ноинтервјуата за ова лето се одвиваат неделава. Следната недела можеме да ве информираме како поминале кандидатите. Точно е дека во последниве години има тенденција да ни одбиваат кандидати - велат во агенцијатa.

Во Американската амбасада прашавме зошто кандидати со исполнети услови се експресно одбивани за виза, зошто за студент од Македонија е тешко да добие виза за привремен престој и работа во САД и зошто се заострени критериумите за избор. Оттаму не ни одговорија прецизно на поставените прашања, но го велат следново: 

- Сите апликации за виза ги разгледуваме поединечно во согласност со барањата на Законот за имиграција во САД. Пријавите се одбиваат ако барателот е неподобен според одредбите на Законот за имиграција. Критериумите за Work and Travel за сите кандидати во светот се исти. Студентот мора да знае солидно да комуницира на англиски јазик, да студира на акредитирана програма, да има завршено најмалку еден семестар, да докажат дека имаат намера да се вратат по завршувањето на прогрмата – информираат во амбасадата. 

Инаку на Work and Travel програмата, земаат учество повеќе од 100.000 студенти од целиот свет секоја година и е најпопуларна програма помеѓу студентите во целиот свет. Целта на програмата е да им се овозможи на студентите да престојуваат за време на летниот студентски одмор во Америка, да се запознаат со културата на Америка, да стекнат нови пријателства и да го усовршат англискиот јазик. Студентите имаат можност да работат студентски работи од областа на туризмот, угостителство, продажба на сувенири  и други видови на услужни дејности.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование