X
 01.06.2015 Образование

Нашите универзитети ни се добри за по дома, во светот - ги нема

Додека чекаме некој македонски универзитет, односно нашиот најдобар „Св. Кирил и Методиј" да се најде меѓу најквалитетните високообразовни институции во светот, Универзитетот во Белград за првпат се пласира високо во светски рамки и тоа во областите математика и физика

 

На ранг-листата на најдобри 500 универзитети во светот, која ја прави шангајскиот Џио Тонг Институт, нема ниту еден македонски универзитет. Последното академско рангирање направено лани покажа дека најдобро рангираниот универзитет во Македонија “Св. Кирил и Методиј” ниту овојпат го нема на познатата и призната Шангајска листа.

На врвот е Харвард, па следува Стенфорд, па Масачусетс институтот за технологија, Универзитетот во Калифорнија Беркли и петти е британскиот Кембриџ.

Белградскиот и љубљанскиот универзитет, најдобри од земјите во регионот

Од земјите во регионот, во првите 500 најдобри се единствено белградскиот универзитет како и Универзитетот во Љубљана. На листата нема ниту еден универзитет од соседна Бугарија, ниту пак, од Хрватска, Црна Гора, Албанија. Белградскиот универзитет е рангиран меѓу 301 и 400 место.

На Шангајската листа нема универзитети од осум членки на ЕУ

Осум држави членки на Европска Унија немаат свои универзитети на оваа влијателна ранг-листа, а од земјите од Југоисточна Европа, подобар пласман од Белградскиот универзитет имаат само рускиот Ломоносов во Москва и Карлов универзитет во Прага.

Инаку Универзитетот во Белград за првпат се пласира високо во областите математика и физика. Така, од областа физика рангиран е меѓу 151 и 200 место во светот, а во областа математика, втора година по ред се наоѓа на листата меѓу 200-те најдобри.

Вложувањата во наука - клучен индикатор


Методологијата според која рангираат Кинезите е јасна. Тие оценуваат според бројот на нобеловци, според вложувањата во наука, во научно-истражувачка дејност, а важен критериум е и бројот и квалитетот на научните трудови. Во Македонија, буџетот за наука иако секоја година расте, но тоа не е доволно за да може некој наш универзитет да се мери со сродните универзитети во светот.


УКИМ прв само во Македонија

Пред неколку години, Министерството за образование и наука првпат ги рангираше сите 20 македонски приватни и државни универзитети, за што потроши 100.000 евра. Рангирање имаше и минатата година, а тоа покажа дека скопскиот универзитет е најдобар во Македонија, по него следува “Гоце Делчев” во Штип, па Универзитетот на Југоисточна Европа, на четврто место е “Св. Апостол Павле” во Охрид, а петти по квалитет е битолскиот универзитет.

Подготвил: Факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование