X
 19.06.2015 Интервјуа

Интервју со Димитар Ѓеорѓиевски: 10 години јубилеј - Дирекција за заштита на личните податоци

Со Законот за заштита на личните податоци од 2005 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 7/2005), предвидено е основање на Дирекција за заштита на личните податоци, која ќе биде надлежна за вршење надзор над законитоста на преземените активности при обработување на личните податоци и нивната заштита на територијата на Република Македонија. Дирекцијата за заштита на личните податоци е основана на 22 јуни 2005 година, кога е именуван првиот директор со Одлука на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/05). Дирекцијата е самостоен и независен орган со својство на правно лице. Ваквиот статус и обезбедува независност во однос на органите на извршната, законодавната и судската власт, како и во однос на органите на локалната власт.



Во моментов со неа раководи г. Димитар Ѓеорѓиевски, со кого остваривме интервју по повод 10 годишниот јубилеј на Дирекџијата за заштита на личните податоци.

1. 10 години успешна работа и функционирање на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Што значи да се прослави јубилеј?

Димитар Ѓеорѓиевски: На 22 јуни Дирекцијата за заштита на личните податоци одбележува јубилеј - 10 години постоење. Законот за заштита на личните податоци е донесен 2005 година, со што за прв пат во Република Македонија и правно се регулираше оваа материја. Во Уставот на РМ членот 18 го гарантира правото на заштита на личните податоци, но Законот поконкретно ги дефинира обврските што ги имаат контролорите, т.е. фирмите, компаниите, институциите, приватниот и јавниот сектор којшто врши обработка на личните податоци. Воедно ги дефинира и правата на граѓанинот како физичко лице чии податоци се обработуваат.

Дирекцијата за заштита на личните податоци е основана на 22 јуни 2005 година, кога е именуван првиот директор со Одлука на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/05). Дирекцијата е самостоен и независен орган со својство на правно лице. Ваквиот статус и обезбедува независност во однос на органите на извршната, законодавната и судската власт, како и во однос на органите на локалната власт.

Да се прослави јубилеј од 10 години постоење не е мала работа, особено кога се работи за институција која секојдневно комуницира со граѓаните и институциите/контролорите и работи на подигање на јавната свест за правото на заштита на личните податоци. Во рамки на своите надлежности Дирекцијата е креатор на политики за доследно спроведување на прописите за заштита на личните податоци на национално ниво и во таа насока потребни се и дополнителни напори за континуирано следење на развојот на оваа материја на меѓународно ниво, новите развои во технологијата, новите услуги на интернет, користењето на социјалните мрежи, итн.

2. По повод одбележување на јубилејот организирате меѓународна конференција. Кои се Вашите гости и темите за кои ќе зборуваат?

Димитар Ѓеорѓиевски: Оваа јубилејна година ја одбележуваме со повеќе активности. Само пред неколку дена потпишавме меморандум за соработка меѓу ДЗЛП и органот за заштита на личните податоци на Република Австрија, што е уште еден показател за институционално препознавање и признавање на нашата работа. Истиот е во насока на размена на најдобри практични искуства и знаење од експертите од двете институции, како и со цел воспоставување на еднообразна примена на постојните закони за заштита на личните податоци во различни земји.

Меѓународна конференција која се состои од два дела: првиот дел е на 21 јуни и е од затворен карактер на барање на претставници од Гугл, каде што ќе се дискутира заедно со претставници од органите за заштита на лични податоци од Европа и претставници од институции од Република Македонија за насоките и препораките кои треба да се преземат за соодветно почитување на заштита на личните податоци од сите засегнати страни.

3. Имате посебен панел за колегите од регионот – каде се наоѓа ДЗЛП во Балкански рамки и имате ли предлози за унапредување на регионалната соработка?

Димитар Ѓеорѓиевски: На меѓународната конференција, „Конференција за едукативниот пристап кон предизвиците од заштита на приватноста”, која е со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, учество ќе земат претставници од органите за заштита на личните податоци на неколку ЕУ земји, како и од државите во регионот. Во регионална смисла главни двигатори сме на полето на иницирање соработка и размена на искуства, па во таа насока токму сега ќе се означи и почетокот на проектот „Континуирана поддршка за зајакнување на капацитетите на органите за заштита на личните податоци“.



На 22 јуни настанот е од отворен тип и сите граѓани кои имаат интерес може да присуствуваат. Присуството на Конференцијата на 22 јуни од 09-16 часот е од отворен тип. Доколку постои интерес за присуство најавете се на: education_conference@privacy.mk или да се јават на телефон 3-230-635.

Овде ќе се посветиме малку повеќе на едукацијата како главен сегмент на подигањето на јавната свест за ова право на заштита на личните податоци. Се разбира, регионалната соработка е неодминлив чекор за градење на општество ослободено до предизвиците што ги носи со себе користењето на новите технологии.

4. Како единствен национален орган надлежен за спроведување на прописите во областа на заштита на личните податоци колку граѓаните се свесни при оставањето на личните податоци на социјалните мрежи, а колку институциите соодветно ги применуваат прописите за заштита на личните податоци?

Димитар Ѓеорѓиевски: Инспекцискиот надзор над законитоста на заштита на личните податоци е една од основните надлежности на Дирекцијата за заштита на лични податоци како самостоен и независен државен орган. Како основен инструмент за имплементација на оваа надлежност на Дирекцијата утврдена со член 37 од Законот за заштита на лични податоци се инспекциските надзори кои ги вршат инспекторите од Секторот за вршење инспекциски надзор.

Во 2014 година беа извршени вкупно 404 инспекциски надзори, од кои 314 редовни, 81 вонреден (вкупно 395) и 9 контролни инспекциски надзори. Најголем дел од овие надзори беа спроведени во сектор образование. Длабоко сме убедени дека на ваков начин сите констатирани состојби ќе бидат надминати со цел спроведување на прописите на заштита на личните податоци, особено во областа образование, каде што се трите основни групи на воспитно-образовниот процес: професорите, учениците, а и родителите.

5. Најавувате и Водич за родители за заштита на личните податоци на децата на социјалните мрежи – неопходно ли е повеќе родителите да бидат запознати и/или професорите исто така?

Димитар Ѓеорѓиевски: Овој Прирачник произлезе како потреба, согледувајќи ги анализите што ги направи Дирекцијата за заштита на личните податоци во 2014 година, како и истражувањето што беше направено во рамки на проектот ЧАС ПО ПРИВАТНОСТ во 2015 година, каде што беа воочени следните резултати:

- Дури 64% од родителите мислат дека нивните деца не се запознаени со политиките на приватност на социјалните мрежи кои ги посетуваат,

- Социјалните мрежи најмногу ги плашат родителите, па 68% од нив мислат дека ова е најголемата закана;

- 60% од родителите сметаат дека поважна улога во едуцирањето имаат самите тие како родители

Сето ова за нас беше индикатор дека е и повеќе од неопходно да се пристапи кон изработка на ваков Водич каде што ќе се разработат темите за заштита на приватноста, заштитата на личните податоци, како и безбедноста на интернет на децата и сите можни предизвици што ги носи со себе користењето на интернетот. Убедени сме дека на ваков начин ќе ја доближиме информацијата до секој родител и дека ќе делуваме превентивно за подигање на јавната свест за заштита на личните податоци при користењето на социјалните мрежи. Воедно, се надеваме дека ќе им служи како упатство со корисни препораки, промовирајќи ги и механизмите за пријава кои им се на располагање на граѓаните.

6. И за крај задоволни ли сте од тоа колку ве препознаваат луѓето како надлежна институција за заштита на личните податоци?

Димитар Ѓеорѓиевски: Во Дирекцијата досега се обратиле над 5.000 илјади граѓани во овие 10 години. Се повеќе расте бројот на оние кои бараат не само помош при злоупотреба, туку и консултација за тоа дали е злоупотреба или не, особено земање фотокопија од лична карта. Неодамна направивме анализа, која ќе биде објавена на 22 јуни исто така, каде што дури 63% од испитаниците знаат дека постои Дирекција за заштита на личните податоци, а 84% од нив знаат дека доколку имаат проблем со личните податоци може да се обратат до Дирекцијата за постапување.

Нам ни преостанува да работиме напорно и во континуитет на активности за подигање на јавната свест за правото на заштита на личните податоци, но и обврската на граѓаните да се заштитат соодветно.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа