X
 19.06.2015 Образование

Проф. Д-р. Горан Коевски е предложен за нов декан на Правниот факултет "Јустинијан Први"


Поранешниот продекан на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, д-р. Горан Коевски денеска од Наставно-научниот совет на факултетот е предложен за нов декан на катедрата. На денешното тајно гласање, Коевски доби 44 од вкупно 66 гласа.

Д-р Горан Коевски е роден на 28 април 1965 година во Скопје, Република Македонија. Основно и средно образование завршил во Скопје. На Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје дипломирал во 1988 година.

Во 1996 година магистрирал на Правниот факултет при Универзитетот во Нови САД, Србија на тема: “Долгорочни инструменти за финансирање на претпријатијата, со посебен осврт на обврзниците како долгорочна хартија од вредност во споредбеното право.” На истиот факултет докторирал во мај 2000 година на тема: “Договорот за дистрибуција на стока во споредбеното право.”

На Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје е вработен од 1989 година, каде што од 2010 година е избран за редовен професор на научната област трговско право.

Од ноември 2000 до октомври 2004 година ја вршел функцијата продекан за настава на Правниот факултет во Скопје.

Има објавено повеќе од седумдесет научни и стручни трудови во домашни и странски списанија. Самостојно и во коавторство објавил повеќе монографии, од кои поважна е неговата монографија “Компаративно корпоративно управување,” која во издание на Правниот факултет “Јустинијан Први” е објавена во октомври 2005 година.

Исто така, со свои излагања и презентации д-р Горан Коевски континуирано учествува на домашни и меѓународни симпозиуми, семинари, конференции и обуки.

Бил член на стручни работни групи за изработка на закони и други подзаконски акти во Република Македонија, како и член на тимови кои давале експертски консултации за потребите на правните лица во Републикава. Истовремено, д-р Коевски е член на повеќе стручни здруженија и асоцијации во земјата и странство.

На стручно и научно усовршување престојувал во Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Италија, Унгарија, Руската федерација, Германија и други. Од јануари до септември 2005 година бил Фулбрајтов стипендист на Правниот факултет при Универзитетот во Колумбија, Њујорк, а во текот на септември 2006 година бил стипендист на Max Planck Институтот за меѓународно приватно право во Хамбург, Германија.

Активно говори и се служи со англискиот и српскиот јазик.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование