X
 16.07.2015 Интервјуа

Интервју со Хајан Селмани: "Добар претприемач се грижи за тоа што го создава"


 
ХАСЕЛТ е ИТ компанија за развој на софтверски апликации која постои две и пол години на македонскиот пазар. Нејзин сопственик е Хајан Селмани, човекот кој од неодамна се закити со сертификат Добитник на Microsoft MVP за Web технологии, документ кој единствено тој го има во Македонија. За Факултети.мк, Селмани зборува за претприемништвото, како и за идните планови на компaнијата која постојано расте и се развива.

Вие сте сопственик на компанијата ХАСЕЛТ. Колку време постои и со што се занимава оваа компанија?

ХАСЕЛТ е ИТ компанија за развој на софтверски апликации со фокус на иновативни решенија во веб, мобилни и cloud решенија. Компанијата воглавно работи и иновира во едни од најнапредните држави и пазари во светов кадешто напредокот на технологијата е на врвот. ХАСЕЛТ постои скоро две и пол години, што значи дека е се` уште многу млада компанија, но во овој момент броиме веќе 30 професионалци во тимот во Скопје и уште околу 20 други коишто работат со нас преку партнерски компании или имаат бизнис, маркетинг и продажни улоги во странските земји кадешто настапуваме.

Во описот на компанијата на вашата веб-страница, нагласено е дека претприемничкиот дух е клучот за квалитет. Кој е вашиот став, дали генерално во Македонија се работи доволно за зајакнување на претприемништвото?

Во последниве неколку години претприемништвото се` повеќе и повеќе зема замав во Македонија. Да си претприемач значи да не се плашиш да ризикуваш финансиски и со она што го имаш стекнато со цел да создадеш бизнис, да креираш и иновираш во индустријата. Знаејќи го генералниот пристап и начин на размислување на повеќето овде, имаме одредено подобрување но, се` уште не е доволно разгорено. Јас кога започнував со компанија многумина ми ги кажуваа сите проблеми што ќе се случат, сите причини зошто потенцијално нема да успее, сите блокери што евентуално ќе се појават. Но, секогаш гледав кој ми го кажува тоа и колку-што направил и постигнал претходно, во кое време и на кое поле. За да бидете добар претприемач, треба да се грижите за она што го создавате вклучувајќи ги и луѓето, тимот кој е дел од истото. Како што и на моите говори за лидерство многу често спомнувам: Добар претприемач трбеа да биде и добар лидер. Лидерот е човек, а секој човек има свои стравови. За да бидете добар лидер, грижата за другите треба да ви биде поголема од стравот кој го имате од неуспех или било што кое што може да ви изгледа како потенцијална причина за да не се впуштите во претприемачки води. За да го зајакнеме претприемаштвото во Македонија, треба да поработиме на себеси и да не се плашиме да преземаме ризици притоа имајќи на ум дека за секој проблем постои решение, вие треба само да го најдете и да чекорите понатаму.

Добитник сте на Microsoft MVP за Web технологии - сертификат кој единствено вие го имате во Македонија. За што поточно станува збор?

Microsoft MVP (Most Valuable Professional) е почесна титула којашто Microsoft ја доделува на технолошки лидери и експерти низ цел свет со цел да им се заблагодари и да покаже почит и внимание кон нив за достигнувањата и залагањата коишто ги прават во заедницата пред се` со фокус на технологијата за која што се наградени со оваа титула. Јас сум веќе пет години по ред Microsoft MVP за Веб технологии (ASP.NET/IIS). Оваа титула е, како што и самите во Microsoft велат, најпрестижна којашто Microsoft ја доделува и со тоа Microsoft јавно ги идентификува најдобрите од цел свет во тоа поле. Во мојата продукт група има нешто повеќе од 200 MVP-a низ целиот свет, кои ја добиле титулата во изминативе 20 години.

Што е она на што вие и вашата компанија ќе се фокусирате во иднина?

Како компанија пораснавме многу побрзо отколку што моите проекции иницијално предвидуваа. Во овој момент активно работиме во повеќе од 10 странски земји и сме сериозно влијателни и присутни на некои од тие пазари. Бидејќи тимот се шири, а имаме извонредни идеи за создавање на иновации и во услугите коишто ги нудиме но, и во продукти коишто веќе полека ги пласираме, еден од моменталните фокуси ни е проширување на бизнис потенцијалот на странски пазари коишто ги идентификувавме како клучни регионални центри за делување. Токму тоа во наредниве неколку месеци се очекува да биде нешто интересно што ќе се случува на ниво на компанија, планираме отварање канцеларии (веќе сме во тек) на две локации во Европа и соодветно да го прошириме и тимот таму. Со тоа ќе започнеме посистематски и побрзо да се шириме низ два клучни региони во Европа. Од аспект на иновации и технологии, како компанија доста ја подржуваме стартап сцената и претприемништвото па разгледуваме потенцијални можности за инвестирање во други помали бизниси и иновативни идеји. До крајот на годинава очекуваме да започнеме и отворена производна линија на наши производи коишто се веќе во завршна фаза и за коишто имаме голема база на заинтересирани клиенти. Ова се целите на кои се фокусира ХАСЕЛТ како компанија периодов, а мојот личен фокус е тие цели да бидат постигнати на најдобар можен начин.

Издвојуваме

Интервјуа