„Изнајмувам еднокреветна соба во стан со парно за студентки“, „Издавам стан во Центар наместен исклучиво за женски лица“, „Давам под наен двокреветна соба за студенти со бања, кујна и парно во Атмокоманда, само за машки“... Со вакви или со слични огласи кои се објавуваат на интернет или во печатените медиуми се бараат потстанари во куќи или станови во главниот град во земјава, но ситуацијата е слична и во другите студентски градови.
Селективното изнајмување во кое се нуди сместување или само за студентки или за машки лица не е реткост. Ако се отворат огласниците ќе се забележи дека тие се преполни со огласи во кои сопствениците наведуваат точно каков вид на потстанар бараат. Некои нагласуваат дека тоа мора да бидат млади женски лица, а други пак наведуваат дека нудат соби само за студентки, а поретко само на машки лица. Навидум нема ништо спорно во објавувањето на овие огласи бидејќи сопствениците имаат право да избираат кому ќе му го изнајмат просторот што го поседуваат, но според некои станува збор за класична полова дискриминација.
Сепак интересно е што многумина преферираат само студентки сметајќи дека тие се поподобни како потстанари. Контактиравме неколкумина од нив за да ни објаснат зошто во огласите навеле дека издаваат куќа, соба или стан само за женски лица.
- Сметам дека се помирни и дека подобро ќе го чуваат местото, ќе го чистат редовно и нема да прават забави или пак да пијат како што тоа често го прават машките. Не знам сметам дека многу е полесно да се справам со женски потстанари -ни вели скопјанец кој изнајмува стан во населбата Кисела Вода.
Со него се согласува и газдарица на куќа во Центар која изнајмува една од собите и бара исклучиво студентка.
- По правило женските потстанари се подобри и поодговорни. Сепак мислам дека нема правила, но најчесто е така - вели таа.
Од друга страна пак еден од оние кои бараат само машки лица го смета токму спротивното.
- Имав неколкупати сместено студентки во мојот стан кој го изнајмувам и никогаш повеќе нема да го нудам на женски лица оти лошо поминав. Првите ниту чистеа, ниту се грижеа и постојано ме викаа кога требаше да се смени дури и сијалица. Отсега го изнајмувам само на машки лица за кои ќе утврдам дека се на место и дека нема да ми прават проблеми-вели скопјанец од Карпош.
Студентот Мирослав Аврамовски, вели дека секоја година има проблем да најде стан како потстанар.
- Ова е класична дискриминација и страшно е што е масовна појава, а не станува збор за исклучоци. Секој втор стан кој се издава е наменет за девојки. До кога ќе бидеме жртви на вакви предрасуди. Демек девојките чистеле, биле поодговорни. Не се согласувам со тоа. Имам реален проблем секоја година додека најдам стан, со ова се соочуваат многу мои пријатели студенти – вели Мирослав.
Селектирањето оди некогаш дотаму што не се сведува само на избирање од кој пол ќе бидат потстанарите. Па така се среќаваат огласи каде се бараат само специјализанти, стажанти или пак исклучиво за млади вработени.