За условите во кои работат македонските универзитетски професори и влијанието на истите врз нивната научно-истражувачка работа, за недоволното вложување на државата во науката, за недостатокот од млад кадар на факултетите, имапкт факторот, но и позитивните нешта кои се направени за приближување на нашата наука кон светската, Факултети.мк разговараше со универзитетскиот професор Виктор Стефов од Институтот за хемија на Природно математичкиот факултет на УКИМ.
Факултети мк: Професоре, долго време ја следите состојбата со научно-истражувачката работа на нашите научници и професори. Како ја оценувате во овој момент?
- Ситуацијата во научноистражувачката дејност кај нас во моментов не соодветствува на потенцијалот кој го поседува кадарот во оваа област и бара итни корективи.
Факултети мк: Ставовите на македонските професори и институциите секогаш се разликуваат во однос на прашањето, дали државата доволно вложува во науката? Имаме ли напредок на ова поле, издвојуваат ли надлежните доволно средства за научно-истражувачка работа?
- За жал, многу години наназад издовјувањата за научноистражувачката работа на нашата земја изнесуваат од прилика 0,1-0,2 % од БДП и се на самото дно во Европа. Долго време кај нас, особено од оние кои имаат клучно влијание врз креирањето и усвојувањето на буџетот, оваа област се третира исклучиво како потрошувачка и не и се посветува доволно внимание. Тоа според мене е погрешно и доведува до сериозни последици по развојот на државата. Во светот не постои консолидирана економија, без разлика дали е таа мала или голема, без притоа од државата да има и сериозни вложувања во науката и развојот. Пример за тоа нека ни биде Словенија каде што издвојувањата за наука изнесуваат над 2,5 % од БДП и се приближуваат или ја надминуваат цифрата од една милијарда евра годишно. Ете, тоа е држава споредлива според големината со нашата, имаше сличен образовен систем со нашиот но имаше и голема визија за развојот на нивната наука. Кај нас веќе 5 години МОН нема распишано конкурс за финансирање на научноистражувачки проекти и тоа претставува голема болка за научниците во РМ бидејќи се лишени од реално финансирање, а и други сегменти поврзани со науката малку или воопштио не се финансираат. Научниците немаат соодветен пристап до големите бази на научни податоци како што се например Web of Science и Scopus и со тоа практично е лимитирано пребрарувањето и набавката на соодветната литература, нешто што е првично и најнеопходно за било какво истражување. Сите се снаоѓаме кој како што знае и умее. Со тоа што треба да се истакне, дека кај нас во последните години е направен голем исчекор во набавка на нова опрема за разни лаборатории кои се користат во научноистражувачката и апликативната работа. Јас веќе и не се сеќавам кога била направена таква акција во нашата држава и овој чекор на соодветните институции е секако за голем поздрав. Но според мене требаше оваа акција да биде проследена со примање и на млад кадар кој ќе работи активно на оваа опрема. Имено, сите високообразовни и научни институции имаат хроничен недостаток на млад кадар. Ете за пример може да истакнам дека на нашиот Институт за хемија при Природно-математичкиот факултет моментално од 25 вработен наставен кадар нема ниту еден асистент. Секако дека оваа состојба е апсурдна и не е нормална. Но според мене за да се поправи сето ова мора да има интервенција во постоечкиот закон за високо образование и повторно да се воведе звањето асистент како што беше тоа во овој закон пред 2008 година. Според постоечкиот закон предвидено е да има асистенти докторанди, но што ако во дадена институција нема запишани невработени докторанди. Поради скапите докторски студии, кои чинат некаде помеѓу 4 и 8 илјади евра, најголем број од најдобрите кадри воопшто и не се запишуваат на докторски студии кај нас и одат во странство каде не само што нема да ги плаќаат овие студии туку и ќе добијат добра стипендија. Вака излегува дека и предавањата и вежбите треба да ги држат повторно професорите, нешто што е во светски рамки вистинска реткост. Имено, професорите треба да го пренесуваат своето искуство и знаење на студентите и на младите научни кадри, да носат и водат проекти итн., а не повторно да водат вежби нешто што воглавно треба да го прават млади кадри кои преку тоа и се обучуваат и се спремаат за повисоки звања.
Во секој случај сметам дека во државата може да се издвојат и треба да се издвојат значително многу повеќе средства отколку што е досега правено. Исто така, сметам дека е неопходно да се формираат и посебно финансираат, како што е скоро секаде во Европа, центри на извонредност. Сигурен сум дека на таков начин значително ќе се подобри и научноистажувачката работа и конкурентноста помеѓу научниците во државата.На крај од ова прашање сакам да исткнам дека според моето најдлабоко убедување за сето ова да се реализира треба под итно да се формира ново Министерство за високо образование, наука и развој кое ќе може многу поуспешно да се справи со сите посочени проблеми и во кое научната заедница ќе има свој удел во креирањето на научната политика, нешто што е пракса во земјите со развиена наука. На пример, сега во Чешка под итна постапка е во тек формирање на такво министерство. Едноставно, во креирањето на научната политика треба да се слушне гласот на научниците за нивните проблеми и идеи за излез и тогаш уверен сум неизбежно ќе се добијат позитивни резултати.
Факултети мк: За импакт факторот, односно објавувањето на научни трудови во реномирани списанија со фактор на влијание, се дебатираше многу во минатата година. Професорите се чини како да се поделија во однос на ова прашање, па за едните импакт факторот е важен во нивната дејност, а за другите не е. Каков е вашиот став во однос на ова прашање?
- За објавување на научноистражувачите резултати во списанија со импакт фактор (фактор на влијание) имаше многу полемики и отпори и пред десетина години кога МОН силно промовираше нашите научници што поактивно да објавуваат во таквите списанија. Времето покажа дека таквата тогашна политика во Министерството за образование и наука беше исправна и денеска се објавуваат и повеќе и во поголем број на области во таквите списанија. Треба да се каже дека списанијата со фактор на влијание (денеска ги има повеќе од 10 илјади на број) се практично најрепрезентативните и најдостапни списанија од сите области на науката. Објавувањето во нив значи дека вашите резултати се рецензирани и ставени на увид на целокупната научна јавност во светот, што на некој начин секако влиаје и на вашиот научен престиж. Затоа денес во светот научниците се стремат да ги објавуваат своите резултати во таквите списанија. Објавувањето во нив не е лесно и воглавно е со ригорозни рецензии и затоа ја зголемува релевантноста на резултатите. Секако дека има и исклучоци од ова правило. Веднаш сакам да истакнам дека не значи дека оние научници кои не објавувале во такви списанија и нивната работа се нерелевантни. Во многу институции кај нас едноставно немало традиција за објавување во такви списанија или се специфични по својата работа. За среќа, кадарот и во таквите институции почна или се обидува се поактивно да објавува во списанија со импакт фактори од нивната област. Од друга страна, за истакнување е дека и Министерството за образование и наука активно со парична помош го потикнува објавувањето на резултатите во списанијата со импакт фактор. Инаку, она со што можеме да се пофалиме е дека и во нашата држава има списание со импакт фактор, а тоа е Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering. На крај од ова сакам да истакнам дека кога законски се условува унапредувањето на професорите со објавување во списанија со импакт фактор тоа треба да се прави многу внимателно и со доволна временска рамка на прилагодување, и тоа само ако биде истовремено проследено и со значително подобрување на условите за научноистражувачката работа во државата.
Факултети мк: Предавате на институтот за хемија на ПМФ, еден од институтите кој предничи со бројот на трудови објавени во списанија со импакт фактор. Со оглед на тоа што редовно ги следевте напредувањата на македонските професори во однос на објавувањето на трудовите, имате ли сега информација кои се научниците на ниво на држава кои најмногу продуцираат научни трудови во меѓународни списанија?
- Неблагодарно е, иако ги знам, јас да ги кажувам имињата на научниците кои најактивно објавувале во списанија со импакт фактори. Но еве ќе се осврнам на институциите чии научници се најактивни во таа насока. Во списанија со импакт фактор од Македонија се објавуваат нешто над 300 труда годишно, што според мене и не е толку мала бројка ако ги имаме предвид вложувањата во науката и условите за работа. Најмногу се објавуваат резултати од природните и медицинските науки, а за среќа се поголем е бројот на објавени трудови и од техничките науки. Исто така, се зголемува бројот на објавени трудови и од биотехничките, општествените и хуманистичките науки. Ако се земе како институција тогаш во последните години сеуште предничи Институтот за хемија со објавени 15-20 % од вкупниот број на трудови на годишно ниво. Ако кон овие резултати се додадат и оние на Технолошко-металуршкиот факултет кои во голема мера на овој или оној начин се ориентирани со истражувања од областа на применетата хемија тогаш оваа бројка е уште поголема. Иако тука сакам да истакнам дека објавувањето од година во година од областа на хемијата почна да се намалува од веќе наведените општи причини, но и поради тоа што кадарот во последните години е намален за околу 30 %. Многу колеги отидоа во пензија, а млади немаше можност да се примат.
Факултети мк: Јавна тајна е дека имаме поделба на т.н „богати“ и “сиромашни факултети“, односно, оние кои располагаат со многу повеќе средства, а со тоа и нудат повисоки плати за наставниот кадар. Треба ли да постои ваква поделба и на што треба да се заснова таа за да имаме здраво високо образование кое ќе може да им одговри на потребите на студентите, а и на професорите?
- За да се тргне неприродниот поим богати и сиромашни факултети неопходно е да се направи мала и едноставна, но суштинска интервенција од страна на Министерството за образование и наука. Имено, треба да се укине финансирањето на студиите по број на студенти, кој доведува до тоа да имаме голема диспропорција на бројот на студентите на факултетите, а потоа завршените студенти не може да најдат работа. Кога факултетите не ќе мора да се борат за што поголем број на студенти по секоја цена, без разлика дали имаат соодветни услови за квалитетно студирање (простор, кадар и слично), тогаш тие ќе се ориентираат на модерни програми за студирање и ќе ги подобрат условите за студирање. Борбата по што поголем број студенти, бидејќи и средствата од партиципација ќе бидат поголеми, го уништува квалитетот на студирањето. Овие средства се далеку од доволни за студиските програми каде има практична настава како што се лабораториските вежби, кои во последните години се сé посиромашни и Министерството треба тука да интервенира. Од друга страна, според мене е недозволиво по било која основа партиципацијата на студентите да се искористува за зголемување на платите и хонорари на наставниот и друг кадар на факултетите. Средствата од партиципацијата на студентите треба да се искористуваат само за подобрување на условите за работа на студентите и за подобрување на научноистражувачката дејност на факултетите. Но притоа Министерството за образование и наука треба платите на наставниот кадар да ги доведе до пристојно ниво. Средствата кои сега МОН ги издвојува на пример за редовен професор се на ниво од околу 1,5 просечна плата во државата, што е еден од најниските такви односи во Европа и е на некаков начин деградирачки за оваа струка и нивото на образование.