Во Тузла неделава беше организирана конференција наречена „Секогаш постои избор“. На неа учествувале млади од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Германија. На конференцијата се дебатирало за минатото и сегашноста, а епилогот е јасен - младите се незадоволни со моменталната состојба во своите земји и би промениле многу работи.
Виктор Талески од Македонија на конференцијата го покажал своето незадоволство од тензијата и етничката поделба во земјава.
- За тоа најмногу се одговорни нашите политичари кои и понатаму продолжуваат да ги раздвојуваат луѓето за да бидат на власт. Но, како што минува времето, можевме да го видиме тоа и со примерот од Куманово кога таму еден ден беше војна. Тогаш Македонците и Албанците стоеја заедно и не дозволија повторно да бидат раздвоени, ниту да се случи војна. - кажа Виктор.
На прашањето што би променил Виктор, тој одговорил дека би ги променил партиите да не бидат етнички, ами граѓански.
„Не“ за етничките поделби кажа и учесникот од Босна и Херцеговина, Ермин Дедиќ, кој живее во град кадешто живеат Хрвати и Бошњаци, кои живеат заедно во добри односи.
Во Србија, младите не се задоволни од економијата. Милан Бујшиќ смета дека земите кои некогаш биле една држава и денес ги имаат истите проблеми.
Сите млади се согласуваат дека во овие земји секоја политика се гради врз основа на шаблон од минатото, а Томислав Калашников од Хрватска смета дека ова е причината поради која од Хрватска си заминуваат толку многу млади луѓе.
Во Црна Гора, проблемот е тоа што гласот на младите едвај се слуша, велат Мирха Тахировиќ и Горан Лалевиќ.