X
 18.09.2015 Култура

Вечерва светска премиера на "Лазар" и свечено отварање на фестивалот на филмската камера "Браќа Манаки"

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и официјалниот партнер Вип оператор го најавуваат почетокот на 36. Издание, закажано за вечерва во 19.30 часот, во Битола со светската премиера на филмот „Лазар“, во режија на Светозар Ристовски. Ни претставува особена чест што наградуваниот режисер по речиси 11 години ќе ѝ се претстави на македонската публика, и тоа токму со премиера на Фестивалот „Браќа Манаки“. Филмот ќе го промовира режисерот Ристовски, директорот на фотографијата Дејан Димески, актерите Дејан Лилиќ и Наташа Петровиќ, како и продуцентката Корнелија Ристовска. По проекцијата, екипата на „Лазар“ ќе се поклони на сцената, а пред проекцијата на „Лазар“ ќе биде прикажан краткиот анимиран филм „Кружното патување на Марето“ од Жарко Иванов.



Режијата за отворањето и затворањето на Фестивалот, годинава му се доверени на познатиот костимограф и режисер Благој Мицевски. Водител на церемонијата на отворањето е еден од најангажираните актери во Народниот театар од Битола, Огнен Дранговски.

Мицевски открива дека режијата на церемонијата за свеченото отворање и затворање на 36.  издание на Фестивалот ќе ја определат два значајни настани. Едниот од нив е 110-годишнината од првата филмска камера на Балканот, а другиот се неколку филмови кои со својот визуелен идентитет прераснаа во култни филмови за цели генерации, и претставуваат трајна инспирација во нашиот уметнички живот.

- Токму неколку автори од такви филмови се и гости и добитници на наградите на годинашното издание на Фестивалот. Покрај воведната церемонија на црвениот килим, во Големата сала на Центарот за култура ќе има настан кој што е инспириран од еден култен светски филм, а ќе го изведат млади уметници од Македонија. На крајот, ќе проследиме и една нова македонска филмска премиера. Како и животот така и филмот е убав – вели режисерот Мицевски.

И годинава за телевизискиот пренос ќе се погрижи Македонската радио-телевизија. Покрај славните актери Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков ─ на кои ќе им биде доделена Специјалната „Златна камера 300“, за особен придонес во филмската уметност ─ на црвениот килим ќе продефилираат и двајцата кинематографери, лауреати на Наградата за животно дело – „Златна камера 300“, Ришард Ленчевски и Божидар-Бота Николиќ. На третиот добитник, Јаромир Шофр, наградата ќе му биде врачена на свеченото затворање, на 27 септември.

По црвениот килим, церемонијата ќе се префрли во салата на Центарот за култура, каде директорот на Фестивалот, Димитар Николов - Таки ќе ја поздрави публиката. Наградата на Алексеј Серебрјаков ќе му ја врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Честа да му ја врачи Специјалната „Златна камера 300“ на Бруно Ганц ќе ѝ припадне на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на Фестивалот, ќе му ја врачи наградата на Ришард Ленчевски.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ која Друштвото на филмските работници на Македонија годинава му ја додели на Дарко Марковиќ , во негова чест ќе ја прими неговиот син Филип Марковиќ, од рацете на претседателот на Друштвото, Роберт Насков.

Освен Ленчевски и Николиќ─како членови на жирито на Официјалната програма─со нас ќе биде и македонскиот режисер Митко Панов. На свеченото отворање ќе присуствуваат и двајца од тричленото жири на новата програма „СЕЕ камера“: Маја Богоевиќ и Мирослав Момчиловиќ.

Под мотото „Филмот е убав“, Фестивалот и официјалниот партнер – Вип оператор годинава најавуваат 13 програмски категории во кои ќе бидат прикажани 215 филмови. Во десетте филмски дена, Фестивалот ќе биде домаќин на безмалку 700 најавени гости ─ еминентни филмски работници, критичари и студенти, а згора на тоа ќе понуди уште 75 придружни настани на четириесетина локации. Како гости во Битола ќе дојдат седумдесетте најдобри студенти од факултетите за драмски уметности од 13 универзитети од ЈИЕ со кои Фестивалот годинава потпиша меморандуми за соработка. На програмата се одлични наслови од големите филмски фестивали - од сите континенти, и од повеќе од 40 земји. 103-те филма кои ќе бидат прикажани во Битола од 18 до 27 септември се во различни категории, од кои три се натпреварувачки категории (Официјална, Нов европски филм и СЕЕ камера). Останатите 111 се студентски филмови.

Има две нови натпреварувачки програми:

1. Нов европски филм - посветена на првите или вторите играни филмови на режисери од Европа; ќе бидат прикажани 10 филма, селектирани од Дејан Трајкоски;
2. СЕЕ камера - ќе бидат прикажани осум наслови, по избор на Саша Станишиќ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура