X
 25.09.2015 Образование

Средношколскиот пленум бара од МОН да се укине екстерното тестирање и концептот на полагање на државна матура

Средношколски Пленум ги достави своите барања до Министерство за Образование и Наука и Биро за развој. Во прилог ви ги презентираме барањата:

Од:Средношколски пленум

До:Биро за развој на образованието
Министерство за образование и наука
12 септември, 2015 година

БАРАЊЕ 

Предмет: Укинување на екстерното тестирање

Почитувани,
Ние, членовите на Средношколскиот пленум, посочуваме на нелогичноста, и несоодветните резултати од спроведувањето на екстерното тестирање, воведено со измените на законите за основно и средно образование од 2010 година, кои стапија во сила од учебната 2010/2011 година. Образложението на тогашниот министер за образование и наука, Никола Тодоров, за оправданоста на ваквото тестирање беше дека квалитетот на учениците треба да се мери со екстерно тестирање поради, како што тој велеше „зголемениот број на одлични ученици“. Според тогашните изјави на министерот, екстерното тестирање всушност би претставувало само алатка за јасно и прецизно утврдување на квалитетните ученици, а не средство за "наградување" или "казнување". Дополнително, тој додаде дека резултатите од ова испитување нема да влијаат на општиот успех на ученикот и нагласи дека овие измени имаат за цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјава.

Потсетуваме дека според стандардите за оценување во средните училишта пропишани од Бирото за развој на образованието, нивото на знаење и способности кај ученикот се оценува преку следните параметри:

• Помнење
• Разбирање
• Применување
• Анализа, синтеза и вреднување

Со екстерното тестирање акцентот е ставен на првиот параметар-Помнењето, кој воедно се вреднува најниско. На тој начин, оцената на ученикот добиена од предметниот професор (претходно заснована на сите четири горенаведени параметри) еднакво се вреднува со оцената стекната преку екстерното тестирање, заснована единствено на меморијата на ученикот. Крајната оцена што ученикот ја добил од предметниот професор е заснована на сите претходно добиени оцени по дадениот предмет, како и на целокупната активност на ученикот во текот на школската година. Оттаму, се прашуваме која е оправданоста истата да биде еднакво вреднувана со оцената добиена од екстерно тестирање?!

Доколку ученикот ја добие најниската оцена-недоволен (1) на екстерното тестирање, таа ќе биде впишана во неговото сведителство со што тоа истото станува невалидно, и не може да биде признато во огромен број на странски земји. Потсетуваме дека според чл. 45 од Законот за средно образование сите оценки се преодни освен оценката Недоволен (1) која НЕ МОЖЕ да стои како финална оцена во свидетелството на ученикот, кратејќи му го на ученикот правото на натамошно образување.

Фаворизирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година, а притоа не се проверува критичкото знаење и квалитет. На овој начин, се девалвира успехот кој ученикот претходно го стекнал, а се анулира и трудот на Наставникот кој му помогнал на ученикот да го постигне тој успех. Сметаме дека резултатите добиени од овој вид на тестирање влијаат негативно на општиот успех на ученикот, и ја поразуваат целта поради која екстерното тестирање е првично воведено.

НИЕ, Средношколскиот пленум, укажуваме дека екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, е неспроведливо и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година НЕ МОЖЕ, и НЕ СМЕЕ да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа.

Поради тоа, Средношколскиот пленум бара итно и неодложно укинување на екстерното тестирање!

Со почит,
Средношколски пленум


До:
Министерство за образование и наука
Биро за развој на образованието


БАРАЊЕ

Од: Средношколски Пленум
Предмет: Концепт на полагање на државна матура


Почитувани,

Ние, претставниците на Средношколскиот Пленум, сметаме дека е несоодветно и неприфатливо надлежните институции да ги активираат евентуалните промени во концептот на полагање на државна матура за тековно запишаните ученици во средно образование, како што беше предложено за матурантите во учебната 2014/2015 година. Би сакале да напоменеме дека согласно Уставот на Република Македонија чл. 52 ст. 4, законите и останатите прописи не смеат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните. Дополнително, минатогодишното одложување на предложените промени и секое наредно одложување не ги решава проблемите и не го подобрува образовниот систем, туку треба да се пристапи кон суштински реформи со учество на сите засегнати страни. Понатаму, сметаме дека воведување на било кој втор задолжителен екстерен предмет го ограничува правото на избор на матурантот да избере предмет соодветен на неговите афинитети и желби за понатамошно образование. Претходното воведување на државната матура како замена за приемниот испит значи дека секој матурант би избрал предмет неопходен за рангирање при уписот на факултет. Затоа, од горенаведениот наслов бараме:

1. Полагањето на државна матура за сите веќе запишани средношколци да се изведува според концептот на полагање кој опфаќа полагање на три екстерни предмети, од кои првиот задолжителен (мајчин јазик), вториот изборен (математика или странски јазик) и третиот изборен (од група предмети, во зависност од видот на средното образование), еден интерен изборен предмет и проектна задача.
2. Средношколскиот Пленум да биде рамноправно вклучен доколку се пристапи кон изготвување на нов концепт на полагање на државна матура.
3. Секој нов концепт на полагање на државна матура да важи за учениците кои што ќе се запишат во средно образование по негово донесување и стапување во сила. Повторно, повикуваме на доследно почитување на Уставот на Република Македонија и забраната за ретроактивно важење за законите. Секој ученик има право да го заврши своето средно образование според правилата кои важеле во моментот на неговото отпочнување.
4. Средношколскиот Пленум да биде активен учесник во носењето на било какви промени поврзани со средношколското образование.



16 септември, 2015

Со Почит,
Средношколски Пленум

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование