Тин Голубовиќ на прв поглед изгледа како сосема обичен средношколец. Сака да се дружи, сака филмови и серии исто како поголемиот број млади луѓе.
Она по кое тој се разликува од останатите е љубовта кон магијата и триковите. Започнал кога имал само пет години, а 12 години подоцна, неговите видеа на YouTube ги имаат прегледано над 2 милиони луѓе.
„На 5 години брат ми ми го покажа првиот трик со карти, а јас бев воодушевен. Кога ми ја кажа тајната на трикот сфатив дека трикот може да го направи секој, па одлучив да им го покажам на сите кои ги познавам. 3 години подоцна, кога бев второ одделение, мојот татко ми купи DVD со магични трикови за почетници и тогаш се роди мојот интерес за тоа, такашто започнав да вежбам секој ден. Главната поддршка ми беше брат ми кој постојано ме поттикнуваше да учам и да измислувам нови трикови“, вели Тин.
Како што вели, знае како се изведуваат повеќето трикови, но ги специјализирал оние со картите бидејќи така може во било кој момент и било каде да ги воодушеви пријателите. Некои трикови ги научил од интернет, а некои ги измислил сам.
„Откако ја сфатив основата и поголемиот дел од техниката, започнав да учам потешки трикови кои ги нема на интернет, а почнав дури и да измислувам сам. Другите ги научив од DVD-то што ми го испрати мојот чичко од Америка. За да научам еден трик потребни ми се 15 до 20 минути, бидејќи ги знам скоро сите техники - единствено што треба да запомнам е кога и што да направам и тоа да го извежбам“, вели тој.
Освен што изведува трикови, младиот магионичар и ги снима. Тој има канал на YouTube со 130 видеа и 5.000 следбеници и 2 милиони прегледи. Како што стојат работите, се чини дека му претстои огромен успех.
„Планирам да се занимавам со магијата како хоби и да заработувам од тоа, но секако, со вистинска работа настрана“, завршува Тин.