X
 08.10.2015 Образование

Македонски студенти во посета на градот од иднината - во истражувачкиот центар на Хуавеи


 
Во втората половина на месец септември Катерина Трифуноска - апсолвент и Билјана Цветкоска - дипломиран инженер од Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид, престојуваа во НР Кина поточно во седиштето на кинескиот гигант во областа на телекомуникациите - компанијата Хуавеи. Со нив разговараме со желба да ги дознаеме нивните впечатоци од двонеделниот престој на далечниот исток.

Ф: Кои беа целите и како дојде до вашата посета на Кина?

Катерина: Целите на посетата беа запознавање со кинеската култура и следење на развој на телекомуникациски технологии, мобилни и фиксни мрежи и „cloud“ решенија претставени од компанијата Хуавеи.. Ние бевме дел од група на 10 студенти по информатика од 5 македонски универзитети кои на покана од компанијата Хуавеи престојувавме во двонеделна посета на Пекинг и Шен Жен. Тука би сакале да му се заблагодариме на Ректорот Нинослав Марина за укажаната можност за наше учество на овој студиски престој.

Билјана: Би сакала да додадам дека ние бевме дел од програмата на Хуавеи наречена „Seeds for the Future” Преку оваа програма Хуавеи работи со универзитети и други локални организации од повеќе од 20 држави низ целиот свет, со цел да им овозможи тренинг за технологиите за комуникација на студентите од овие држави.

Ф: Какви се вашите впечатоци од посетата на компанијата Хуавеи?

Катерина: Хуавеи е водечки лидер во обезбедување ИКТ решенија, нивниот систем на управување се води со интегритет и усогласеност, притоа овозможувајќи огромни предности на своите потрошувачи и информатичкото општество. Седиштето на компанијата се наоѓа во 14 милионскиот Шен Жен, располагаат со сопствен универзитет и истражувачки центар во рамките на кој функционира еден цел мал град кој служи како полигон за развивање и тестирање на најнови трендови од телекомуникациските технологии, фиксни и мобилни мрежи и „cloud“ решенија како концептот „смарт сити“ или град на иднината во кој се користат најсовремени технолошки достигнувања со цел да ја подобрат ефикасноста и квалитетот на животот на неговите жители.



Ф: Би можеле ли да ни дадете конкретни примери за некои од функциите на градовите на иднината?

Катерина: Возилата се самоуправувани со помош на навигациските уреди и безжичната комуникација кои им помагаат да се движат по зададената траекторија без опасност за судар со друго возило. Мобилните телефони комуницираат со домашните уреди, постои софтвер кој ги регистрира навиките на корисникот. Покрај тоа корисниците имаат пристап до информации за јавен превоз во најблиска оддалеченост на корисникот во реално време, креирање на најкраток пат базиран на место на поаѓање и пристигнување, и откривање на слободни паркинг места. Исто така може да се направи пребарување на локали низ целиот град, пронаоѓајќи ги најблиските до зададената локација на корисникот и да се пристапи до сите нивни понуди, настани и промоци.



Билјана: Интересен е примерот со паметните огледала и паметните уреди. Една од визиите на Хуавеи е користењето на паметни огледала кои ви овоозможуваат да праќате пораки додека се спремате да одите на работа. Исто така паметните маси кои се користат за појадок би функционирале како екран од таблет или компјутер. Паметни огледала би се користеле и во бутиците со цел да се види како би ви стоела облеката која сакате да ја купите.

Ф: Кои се вашите размислувања во однос на прекумерното воведување на технологијата во нашите животи и нејзиното влијание врз луѓето?

Билјана: Прекумереното воведување на технологијата во нашите животи има позитивно и негативно влијание врз човекот. Со технологијата човечкиот живот се олеснува и сѐ се движи побрзо. Технологијата му овозможува на човекот да постигне работи кои без неа не би биле возможни. Од друга страна пак, негативното влијание е намалената приватност и намалената безбеност. Исто така технологиите бараат постојано одржување и модернизирање. Без разлика дали технологијата е прекумерено воведена во опшеството или не, сî додека е безбедна и се користи правилно таа ќе влијае позитивно и ќе го олеснува секојдневниот живот на човекот.

Ф: Дали и други студенти ќе имаат можност во иднина да учествуваат на оваа програма?

Катерина: Се надеваме дека програмата ќе продолжи и во иднина бидејќи претставува одлично искуство за нас младите инженери, а добиените сознанија ни даваат корисни насоки за актуелните трендови и правецот во кој треба да ги развиваме нашите специфични вештини во областа.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование