X
 19.10.2015 Настани

Организирана панел дебата на тема "Компетенции за успешна кариера во техничките занимања"

Асоцијацијата на советници за развој на кариера организираше панел дебата на тема  „Компетенции за успешна кариера во техничките занимања“ на која присуствуваа истакнати експерти од областа на човечките ресурси.


 Во рамките на саемот ТЕХНОМА  2015 и како дел од програмата на Фондот за Иновации,   Асоцијацијата на советници за развој на кариера организираше панел дебата на тема КОМПЕТЕНЦИИ ЗА УСПЕШНА КАРИЕРА ВО ТЕХНИЧКИТЕ ЗАНИМАЊА.

Покрај претставниците на Асоцијацијата на дебатата пред присутните земаа учество и експерти за човечки ресурси од Американската стопанска комора во Македонија, Факултетот за електротехника и информациски технологии и повеќе успешни компании од приватниот сектор.
Главни теми на кои се дебатираше на настанот беа праксата и критериумите за вработување во компаниите, начините како се идентификуваат и развиваат талентот и компетенциите на вработените и нивото до кое македонските компании држат чекор со техниката.

„Соработката помеѓу компаниите и факултетите е постојана. Преку заеднички средби и работни групи успеваме да излеземе во пресрет со подготовка на кадар каков што им е потребен на компаниите. Имаме потпишани договори со над 200 компании за извршување на задолжителното практиканство во текот на школувањето и нашите студенти се барани и лесно наоѓаат работа како во државата така и во странство“ – истакна проф. д-р Снежана Чундева, раководителот на центарот за кариера при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)
Во однос на видот на вештини кои им се најбитни при вработување Ивана Дојчиновска - Стојановиќ од Вабтек МЗТ АД Скопје и Мишел Османли од  Американската стопанска комора се согласија дека најважно е кандидатите да бидат подготвени за континуирано учење, тимска работа и да поседуваат комуникациски вештини,  односно така наречените „меки“ вештини кои во нивните компании се и прв праг на селекција на кандидатите по што следува тестирањето на техничките знаења.

„Малите и средни компании најчесто се подготвени да вработат млади луѓе без некакво претходно  формално работно искуство кои сепак за време на студиите биле дел од некаква програма за практиканство, покажале желба и интерес да се стекнат со некакви работни искуства во текот на летниот период и покажуваат интерес за постојано учење.“ - изјави  Биљана Велевска, експерт за човечки ресурси во Самеримпекс импулси. Со ова се согласи и Васил Буралиев од компанијата Сингулар кој нагласи дека нивната компанија има постојан отворен оглас за вработување и дека грижата за вработените им е на прво место.

„Задачата на Асоцијацијата е подигнување на свеста за придобивките од кариерното советување кај ученици, наставници, родители и невработени. Оттука организацијата на вакви и слични настани се значаен дел од нашата работа и ја отсликува нашата општествена одговорност.“ изјави претседателот на АСК, Мирјана Пехчевска Поп-Илиев
---

Асоцијацијата на советници за развој на кариерата (АСК), е прва од ваков вид во Македонија, основана од група ентузијасти – професионалци кои во 2009/2010 ја посетуваа сертифицираната програма за  обука на советници за развој на кариера развиена од NBCC од САД под името Global Career Development Facilitator (GCDF). Работата на Асоцијацијата опфаќа индивидуално и групно советување, сертификација и поддршка на професионалци кои го практикуваат кариерното советување, преку спроведување истражувања и анализи, изработка на стандарди, обезбедување обуки и лобирање кај клучните чинители

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Настани