X
 20.10.2015 Технологија

Ексклузивно интервју со Скот Делонг, основачот на ViralNova - "Денес човек може да започне бизнис со само 10 долари"

Доколку погледнеме подлабоко во денешните медиуми, не можеме а да не забележиме дека поголемиот дел од нив, особено оние кои се наоѓаат на интернет, изобилуваат со неточности, сензационализам, скандали, слабо пишување итн. Се чини како поголемиот дел од сопствениците на веб страните се обидуваат да го измамат читателот само за да профитираат.

скот


Но, се чини дека мал дел на страни нудат нешто навистина квалитетно, позитивно и вредно за читање. Една од овие страни е и ViralNova, страна од истиот калибар на Upworthy и Buzzfeed, која беше основана во мај 2013 година, а експлодира од популарност благодарение на содржината на статиите кои воглавно изобилуваат со емоции. За оние кои не знаат ViralNova.com е медиумска компанија која создава и пренесува значајни содржини од целиот интернет. 

Умот позади оваа позната веб страна е Скот Делонг кој дипломирал на универзитет во 2004 година. Популарноста на  ViralNova се должи благодарение на интересните наслови кои Скот ги измислувал. Во јули 2015 година, тој ја направил зделката на неговиот живот и ја продал ViralNova за 100 милиони долари. Доколку ве интересира како можете да заработите со помош на интернетот, посетете го Македонскиот Економски Самит  каде Скот ќе зборува на темите „How the Digital World is Transforming News and Media“ и „Entrepreneurs who Build from Zero to $100 million+ and Transform the World of Internet“.

Факултети:  Дали постои формула за вашиот успех?

Скот Делонг: Иако зависи од пазар до пазар, постои една универзална вистина: содржината е најважна. Успехот на сите мои веб бизниси е комбинација од одлична содржина и соодветен маркетинг. Голем број надежни претприемачи влегуваат во бизнисот со парите како примарна цел, наместо да го сфатат менталитетот на корисниците. Ако се погрижите за корисникот и му го дадете она што го сака, тогаш ќе имате успех. 

Факултети: Дали отсекогаш вашата намера беше ViralNova да стане толку масивна и голема?

Скот Делонг: Не. Пред ViralNova, продадов страна за видеа и планирав да започнам да патувам. Живеев во Шпанија околу 6 месеци и ми стана досадно без бизнис на којшто ќе можам да се фокусирам. Мислев дека ViralNova ќе успее да направи неколку милиони посети месечно и ќе биде нешто забавно на кое ќе можам да се фокусирам. Но во есента 2013 година, страната апсолутно експлодираше. Тајмингот беше одличен, особено поради тоа што Фејсбук започна да ги „турка“ издавачите (маркетингшкиот аспект на мојата формула) и содржината беше инспиративна и забавна, нешто што голем дел од корисниците не го виделе претходно. Се чинеше како повеќето објави на интернет да известуваат за „лоши“ работи, па токму ова беше добредојдена промена. Се разбира сега е почест фокусот на среќни, инспиративни вести. 

Факултети: Која е најважната лекција што сте ја научиле од вашето искуство како успешен претприемач? 

Скот Делонг: Најважната лекција што ја научив е дека е доста тешко човек да биде успешен а да не биде опседнат со својот бизнис. Мора постојано да размислувате во врска со бизнисот. Не можете да очекувате да има постојана стабилност- или растете или заостанувате. На лично ниво, исто така научив дека успехот не секогаш значи среќа. На крајот на краиштата, ниту бизнисот ниту парите не можат да и` донесат среќа на една личност. 

Факултети: Каков совет би им дал на луѓето на ваша возраст во Македонија кои сакаат да започнат свој бизнис?

Скот Делонг: Интернетот навистина ја изедначи индустријата. Пред 15 години, беше навистина тешко да се започне бизнис бидејќи тоа чинеше многу пари. Денес човек може да започне бизнис со само 10 долари интернет домен и страна на Фејсбук. Клучот е да читате сé што можете за успешни поединци и секогаш да бидете подготвени за следната можност. На интернет, работите се движат доста брзо, и јас гледам многу луѓе кои се обидуваат да реализираат некаква бизнис идеја која повеќе не функционира. Морате да ги следите трендовите и да бидете во чекор со нив и секогаш да го пронајдете вашиот уникатен начин за да го реализирате тоа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија