X
 04.11.2015 Образование

Интервју со Даниел Божиновски, aвтор на македонско-португалскиот разговорник - "Добродојдовте во Португалија"

Даниел Божиновски е роден во Скопје, во 1983 година. Во 2006 година дипломира на Филозофскиот Факултет во Скопје, на катедрата за Историја на Уметноста. На истата катедра, во 2009 година се стекнува со титула Магистер по Поствизантиска Уметност. Од февруари 2010 година живее во Лисабон, Португалија, каде што од 2012 година работи на својата докторска теза од областа на музеологијата, на универзитетот УНЛ – Универсидаде Нова де Лисбоа.



Авантуристичкиот дух и големата љубопитност најдобро ги изразува преку изучување на јазици, со што тој денес ги владее англискиот, португалскиот и италијанскиот јазик, а има солидни познавања од шпанскиот и грчкиот јазик. Даниел верува дека најдобар начин да се запознае една култура е преку изучување на нејзиниот јазик.

1. За прв пат во Македонија ќе излезе македонско-португалски речник, на радост на сите оние кои го сакаат португалскиот јазик. Колку време работевте на неговата подготовка, и колку зборови ќе содржи?

Мислам дека не постои временско ограничување за изработка на еден речник. Речникот како дело е плод на многугодишен труд, како директен така и индиректен, и тешко би можело да се одреди кога точно започнува неговата изработка. Во овој случај, станува збор за разговорник кој содржи повеќе од 4000 зборови и 500 фрази, а неговата изработка би рекол дека започна со моето изучување на португалскиот јазик. Исто така, публикувањето, односно издавањето на еден речник или разговорник не значи дека делото е целосно завршено. Јазикот е жива материја, еволуира, се менува, па потребно е речникот постојано да се дополнува и ревидира.

2. Од каде желба и инспирација да подготвите ваков важен проект, кој ќе донесе многу на полето на македонско -португалската соработка, како и со сите оние земји во кои се зборува овој јазик? Кој се беше вклучен во изработката?

Првите идеи за едно вакво дело ги добив уште во 2010, набргу по моето преселување во Португалија. Непостоењето на македонско-португалски речник или разговорник на некој начин го отежнуваше моето изучување на португалскиот јазик. Токму затоа се одлучив да подготвам еден разговорник или речник, пред сè со зборови со кои што се сретнуваме при секојдневна комуникација, надевајки се дека на тој начин ќе придонесам за полесно совладување на португалскиот јазик од страна на идните изучувачи. Во изработката беа директно вклучени Љубица Саревска од Македонија и Vasco Rodrigues Lopes од Португалија, на кои им изразувам голема благодарност. Исто така би ги спомнал и моите португалски колеги и пријатели кои несомнено ми помогнаа при подготвувањето на овој разговорник, макар и на индиректен начин.

3. Дали станува збор за општ речник, и за кого е пред се наменет?

Не, не се работи за општ речник, туку станува збор за разговорник кој е наменет за сите оние кои патуваат или престојуваат во земја каде што се зборува португалски, започнуваат да го изучуваат португалскиот јазик или пак едноставно за љубопитните читатели кои сакаат да се запознаат со основните поими и фрази за секојдневна комуникација на португалски јазик. На оние пак, кои веќе имаат познавања од јазикот, верувам дека ќе им послужи како водич, потсетник, а во некои ситуации ќе им го продлабочи претходно стекнатиот вокабулар.



4. Колку овој речник ќе придонесе за популаризација на португалскиот јазик и култура, за зближување со македонската, и што тој ќе значи?

Разговорникот е несомнено еден придонес за доближување на португалскиот јазик кон македонската публика. Сепак, за поголема популаризација и зближување на двете култури потребна е голема соработка, превод на литературни дела од португалски на македонски јазик, па дури и вклучување на одредени образовни и културни институции.

5. Каде се се зборува португалскиот јазик?

Португалскиот јазик припаѓа на романската група на јазици, а потекнува од латинскиот јазик. Денес, како мајчин јазик се зборува од повеќе од 200 милиони луѓе во светот и од уште многумина како втор јазик. Официјален јазик е во Португалија, Бразил, Ангола, Мозамбик, Зеленортските острови, Источен Тимор, Гвинеја Бисао и Екваторијална Гвинеја, а е зборуван и во некои поранешни португалски територии како Гоа или Макао, со што тој со право се смета за еден од најзборуваните јазици во светот.

6. Дали очекувате со овој проект на некој начин и почеток на поинтензивна соработка на овие две култури?

Би било навистина убаво и корисно да постои поинтензивна соработка помеѓу португалската и македонската култура, кои во некои погледи се многу слични. Разговорникот е мал придонес за ова зближување, но се надевам дека ќе поттикне поинтензивна соработка особено на полето на лингвистиката. Исто така, издавањето на македонско-португалски речник, на кој што моментално работам, несомнено ќе го намали растојанието помеѓу двете култури. Постојат прекрасни литературни дела на португалски јазик кои за жал не се достапни на македонски јазик. Би ме радувало доколку еден ден македонските читатели би имале можност да читаат на македонски јазик дела од поетот Fernando Pesoa,, од писателот Eça de Queirós, од нобеловецот José Saramago или пак од бразилскиот писател Jorge Amado.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование