X
 17.11.2015 Образование

Младите во Македонија имаат време за спорт, но многу часови поминуваат и на Фејсбук

Македонските ученици и студенти спортуваат, но многу часови во денот поминуваат и пред компјутер/телефон. Ова го покажа анкетата на „Факултети.мк” која беше спроведена изминатите неколку денови, а во неа учествуваа точно 811 лица. Целта беше да се види како тие го поминуваат слободното време и дали се грижат за своето физичко, а со тоа и ментално здравје.



Резултатите покажаа дека расте свеста кај младите за создавање здрави навики, но на нивното секојдневие влијае и современиот начин на живот.


Половина спортуваат, половина - пред компјутер

На прашањето дали вежбате нешто, дури 53,6 отсто одговориле потврдно, 18,4 отсто одговориле Не, а Ретко заокружиле 28 отсто од испитаниците. Од оние кои не вежбаат, 26,1 отсто рекле дека ги мрзи, 48,6 отсто рекле дека немаат време, а 25,3 отсто одговориле дека не го прават тоа бидејќи времето најчесто го поминуваат пред компјутер/телефон.

Речиси половина од анкетираните одговориле дека повеќе од три часа во денот користат компјутер/телефон (49,9 отсто), од еден до три часа тоа го прават 39,4 отсто, а помалку од еден час во денот компјутер користат 11,2 отсто од младите.


Сакаат јога, зумба и пилтес, но и трчање

Најголем број од студентите и средношколците кои практикуваат физички активности, дневно вежбаат повеќе од два часа (45,9 отсто). Од еден до два часа во денот користат за спорт 27,5 отсто од анкетираните, а 26,6 отсто тоа го прават помалку од еден час. Најмногу од испитаниците (39,4 отсто) рекле дека претпочитаат јога, зумба, пилатес или фитнес, 32,7 отсто рекле дека играат фудбал, кошарка, ракомет или тенис, а 27,9 отсто практикуваат трчање, планинарење или велосипедизам.


Еве што одговорија оние кои имаат слободно време а кои не се занимаваат со спорт:


„Јадење, спиење, јадење, спиење, компјутер, јадење, спиење”.

„Одам на школо се враќам, јадам,се вклучувам на Фејсбук, пишувам домашно, гледам турски серии, си легнувам.”

„Станувам, одам на училиште, се враќам, легнувам да одморам, станувам, учам, шетам, слушам музика, седам на телефон, си легнувам.”

„Mедитација, јога, читање книги, гледање филмови, прошетка низ природа/паркови.”



Aвтор: Антонија Поповска-Христов
antonija@fakulteti.mk
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование