X
 23.11.2015 Образование

Казни за учениците што пцујат професори и за професорите што тепаат ученици



Ако еден основец или средношколец недолично се однесува додека е на училиште, има законски уредена процедура како се постапува со него во таков случај. Во недолично однесување спаѓа тепањето, пцуењето, навредувањето ученици и професори и недисциплина за време на наставата.

Речиси во секое училиште за средно образование (па и во основните) има ученици кои се сметаат за проблематични. Постојат начини за справување со нив, а училиштните раководства и институциите преземаат законски мерки за да ја држат ситуацијата под контрола.

Професорката Р.З. од едно скопско средно стручно училиште вели дека лично не ѝ се случило некој ученик да ја навредува, но информира дека во таков случај училиштето презема соодветни мерки.

- За недолично однесување се казнува со опомена од директор, од советот на родители, од наставничкиот совет, опомена од директор пред исклучување или последната непопуларна мерка - јавно гласање од сите професори за исклучување. Овие мерки се спроведуваат иако сега е малку потешко да се исклучи од наставата бидејќи средното образование е задолжително и ученикот мора да го заврши - вели професорката за „Факултети.мк”.

Казни за родителите што не соработуваат

Родителите на проблематичните деца во училиштата, од пред околу две години, мора да одат на советувања во училиштето со цел да соработуваат со надлежните за да се подобри однесувањето на нивните деца. Ако не одат на тие сотаноци, се соочуваат со парична казна која достигнува 700 евра. Дали дава резултат советувањето на родителите? Индивидуално е и главно зависи од интересот и волјата на родителот да му помогне на ученикот.

- Учениците во средно училиште се запишуваат со веќе стекнати навики кои ние секако се трудиме да ги промениме ако не се добри. Отсуства има, како и слаб успех, но ситуацијата полека се подобрува со родителските школи. Оние родители кои ни се најпотребни да дојдат, сепак не доаѓаат. Не се интересираат за постигањата и односот на нивните деца - вели Ефтим Пејовски, директор на училиштето „Михајло Пупин“.

Дури 4.000 евра казна за професор што ќе истепа ученик

Глоба во износ од 3.500 до 4.000 евра ќе му се изрече на средното училиште, ако професор телесно казни ученик или психички го малтретира. Ова стои во законски измени на Законот за средно образование усвоени на 1 септември 2010 година.

Кај нас се случувало многупати досега професори физички да се пресметуваат со ученици поради различни причини. Такви случаи имало во Тетово, Кичево, во Скопје и во други градови.

Во кој случај родител мора да оди на советување во училиште?

Ако ученикот има повеќе од 10 неоправдани
Ако има повеќе од три единици
Ако има повеќе од 100 оправдани
Ако ученикот е недисциплиниран
Ако се тепа со други ученици и ако навредува професори

Автор: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование