X
 27.11.2015 Интервјуа

Интервју со Венко Андоновски: "Најдобро е кон студентите да се поставите човечки"


 
Професорот Венко Андоновски е избран од студентите во првите тројца најдобри универзитетски професори во Македонија. Тоа го покажаа резултатите од анкетата што ја спроведе неодамна Факултети.мк. Во ова интервју, професорот зборува за начинот на кој го привлекува вниманието на предавањата, како и за разликите меѓу некои минати генерации студенти и денешните.

Има една битна разлика, вели тој - денес студентите се, поради напредните технолошки достигнувања, многу повеќе склони кон shortcut знаење – „Википедија“ е Библија и Куран, таа е сè.

Факултети.мк: Македонските студенти, освен што ве изгласаа за еден од најдобрите професори во Македонија, имаа можност и да образложат зошто токму вас ве одбираат. Еден од коментарите гласеше вака: „Го избирам професорот Андоновски поради неговата креативност, иновативност и магија со која што ве плени за време на неговите предавања". Како успевате да им го задржите вниманието, имате ли некаков посебен метод кој го применувате или тајната е во нешто друго?

Андоновски: Нема никаква тајна, тоа е само љубов кон професијата здружена со знаење и лично искуство. Имено, за мене, секое предавање е мала драмска претстава. И треба да има структура на драма или филм. А без интрига, односно – енигма, нема ни филм, ни театар. Тоа значи дека на почетокот од секое предавање треба да профункционира меѓу вас и студентите енигматскиот код. „Тизер“, како што тоа сега популарно се вика. „Мамка“, кажано колоквијално. Не е исто пред преполн амфитеатар да кажете рамнодушно „Денес ќе зборуваме за институционалната моќ на говорот“, и истото тоа да го изведете со драмски средства, односно со вклучување на студентите како живи актери. Па така, наместо да ја изговорите таа реченица, барате, на пример, од еден студент да стане. Тој, нормално, станува. Потоа барате од друг студент, да ја бакне колешката до него, или да му удри шлаканица на колегата до него. Нормално, тоа тие најчесто го одбиваат (внимавајте – мора да следите сè будно, зашто и вие сте изложени на ризикот да не излезе сè според скриптот, сценариото!). Потоа ги прашувате зошто во првиот случај (станување од место) ве послушале, а во вториот (бакнеж или шлаканица) - не? Заклучокот на оние кои ја одиграле оваа мала драмска сцена е – професорот е говорна институција која има ограничена власт во своите заповеди. Секој говор е институционално заснован, и подразбира и овластувања и ограничувања. Со тоа сте ја избегнале здодевната реченица која ја најавува темата, а студентите веќе се заинтригирани.

Потоа поминувате на темата – политичкиот говор и неговите овластувања и ограничувања, па говорот на рекламите, па говорот на додворувањето и љубовниците... И, ете ви предавање. Уште ако, како во класичната драма дојде и до конфликт (различни мислења), мислете како ќе го завршите часот!

Забавно. Ама сè под контрола, иако изгледа шарлатански театрално и неодговорно. Луѓето полесно го примаат знаењето ако е драматизирано. И естетизирано. И ако самите учествуваат во предавањето. Како што читателот денес ја допишува партитурата на отвореното дело што му ја дал на увид писателот, така и студентот има своја, многу важна ролја во предавањата. Таа ролја треба да му се даде.

Факултети.мк: Какви според вас, се денешните студенти? Ако ги споредите со некои минати генерации, во што се разликуваат?

Aндоновски: Студентите отсекогаш биле исти по својата суштина, а различни според формата. Суштината на студентот е: тоа е човек кој сака да знае. Така било отсекогаш. Ако го отфрлиме оној процент на студенти кои се запишале само за стекнување на дипломата (за жал, денес има доста поклоници на таа партиска мода која ветува итни вработувања ако стекнете диплома, небаре се стекнува имот), тогаш го добивате здравото студентско јадро – тоа се навистина оние кои сакаат да знаат, не само да стекнат диплома. Посебно симпатични, во таа група вистински студенти (кои сакаат да знаат) се оние, најчесто ексцентрично малку на број поединци кои мислат дека веќе знаат сè, па уште од првиот час се натпреваруваат да бидат попаметни од професорот. Знам по себе, јас бев таков кога дојдов на студии – бидејќи уште во средно училиште читав книги предвидени за факултет, сметав дека вредам повеќе од другите и дека на рамна нога можам да разговарам со професорите за сè. Тоа се главно амбициозни и симпатични луѓе кои треба да ги спасите од суетата. Не да им противречите, туку да ги поддржите. Тие бргу, самите доаѓаат до идејата дека живеат во страшна илузија кога мислат дека знаат сè. Па ако знаат сè, зошто доаѓаат на факултет? Да бидат мудреци и да им ја вршат бесплатно онаа работа на професорите за кои тие земаат плата? Од таквите луѓе доста често, ако се спасат од самољубието, излегуваат исклучителни интелектуалци.

Споредено со минатите генерации, денешните вистински студенти се навистина загрозени од онаа маса која дошла само по диплома. Затоа што и едните и другите добиваат оценки од 5 до 10, без разлика на мотивот со кој дошле на студии. Порано тоа (студирање од гол интерес) го имаше, но во сосема мал број. Студиравме главно од љубов кон предметот на нашиот студиум.

Има и уште една битна разлика: денес студентите се, поради напредните технолошки достигнувања, многу повеќе склони кон shortcut знаење – „Википедија“ е Библија и Куран, таа е сè. Моите студенти го знаат мојот став кон тоа: и самиот користам електронски извори, но тоа не го сметам за знаење, туку за информација. Не е исто да ја прочитате дефиницијата на Умберто Еко за метафората на „Википедија“, и да ја прочитате целата книга за метафората на Еко. Затоа што треба да знаете дека некој пред вас ја прочитал таа книга, за да го издвои битното од небитното, да ја најде таа дефиниција (пред крајот на книгата) и „соџвакана“ да ви ја постира и сервира. Проблемот е во тоа што вие не сте ги прочитале сите тие стoтина страници пред дефиницијата да биде изведена, и не знаете како до неа е дојдено, кои примери се давани; го гледате резултатот, а не процесот и начинот на кој се дошло до резултатот. Затоа, велам: – „Википедија“ и сите други електронски сајтови се само информација. Информацијата е акумулација на факти. Знаењето е хиерархија (подреденост) на факти, при која еден факт произлегува логично од друг. Кај оние кои знаат, ќе го препознаете тоа во секоја семинарска работа – имаат личен пристап кон темата. Кај оние кои се само информирани – ќе го препознаете тоа дека се само информирани, исто така, во секоја семинарска работа, затоа што поради „копи-пејст“ методот сите семинарски личат една на друга.

Факултети.мк: Дали еден универзитетски професор треба да гради пријателски однос со студентите? Дали еден таков начин на комуникација може повеќе да користи или да штети?

Aндоновски: Ако спротивност на пријателството е непријателството, тогаш одговорот на вашето прашање е – да. Не сум од оние луѓе кои сметаат дека професорскиот авторитет се гради со избегнување на пријателски или, подобро речено – човечки односи со студентите (за пријателство, сепак е потребна построга селекција). Но, исто така, не сметам дека професорот треба да пие кафе со секој студент во студентското бифе. Најдобро е да се поставите човечки; понекогаш студентите имаат потреба да поразговараат со вас не само како со зналец на стилистика или јазици, или како со филозоф и теоретичар, туку како и со човек кој од искуство може да ги посоветува за некој приватен проблем. Тоа е онаа, за жал, кај нас запоставена страна на образованието – авторитетот на воспитанието. Ако така пристапите, ќе ви се случи најубавото нешто што може да се случи – студентите никогаш нема да се осмелат да ве излажат или измамат околу своето знаење. Имав еден студент, кој денес работи во еден наш театар, кого јас, како професор го бркав по коридорите со молба, конечно да се јави на испит по мојот предмет. Неговиот одговор беше – „Не професоре, треба да дочитам уште некои материјали“. Нема поубаво од тоа. Од таа морална свест дека не е убаво да лажеш пријател. А тоа наше „пријателство“ се роди од тоа што јас прочитав еден негов драмски текст и разговаравме како рамноправни за перспективите на денешната драма. Со една пијачка пред нас.

Факултети.мк: Која е вашата порака до студентите?

Aндоновски: Бидете свои. Личноста е целта на вашето академско образование, а не акумулацијата на факти. Денес секој има достап до таа акумулација на факти по електронски пат. Но нема секој способност да мисли. Гледајте ги работите од своја гледна точка, макар тоа се испоставило подоцна и погрешно. Сомневајте се во сопствените ставови како што се сомневате и во ставовите на вашите професори. Само тогаш верувате во себе. И во знаењето, затоа што вербата во вистинското знаење води преку сомнежот. Тој е основа на секое здраво мислење.

Автор: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа