X
 07.12.2015 Образование

Петиција до Министерот за здравство и писмо со обраќење до пратениците од лекарите специјализанти на Медицински факултет-УКИМ

Во текот на вчерашниот ден скоро сите медиуми беа преплавени со бомбастични наслови дека конечно е подобрен, па дури и решен статусот на лекарите специјализанти со уште една нова револуционерна реформа во здравството.

Поради ова сакаме да Ве информираме дека ние, група на лекари специјализанти и идни специјализанти, пред два месеци се обративме до Министерот за здравство преку Петиција потпишана од 350 лекари со конкретни барања за решавање на нашиот статус. Поради игноранскиот однос од страна на Министерот за здравство, бевме принудени помош да побараме и да се обратиме до сите релевантни институции, до сите пратеници во Собранието на РМ и до Премиерот на РМ.

После ниту една одржана средба или пак воопшто обид за контакт од страна на Министерот за здравство за да се слушнат нашите аргументи, сега е најавенo петто по ред за годинава дополнување на Законот за здравствена заштита со нови законски решенија, кои повторно, ниту одблизу не ги исполнуваат нашите барања, ниту ги решаваат нашите проблеми, туку напротив, дополнително го комплицира и хаотизира и онака целосно распарталениот систем на специјализирање и претставува само обид за една нова популистичка кампања, а не реално соочување со проблемите.

Предложената мерка на Министерството за здравство не е ништо ново, туку обид преку нова реклама со потполно ист, веќе постоечки и неуспешен метод, да се пополни дефицитот со специјалисти во одредени општини. Она што Министерството за здравство го нуди за приватните специјализанти е само непопуларниот лихварски договор кој веќе ги принуди да го потпишат најголемиот дел од државните специјализанти, а против кој истотака гласно се бориме месеци наназад.

Бараме конечно да бидеме слушнати.

Бараме веднаш да се стопира донесувањето на новите прелог законски измени во ЗЗЗ и наместо со преодни и парцијални решенија конечно да се пристапи кон трајно решавање на статусот на СИТЕ СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ, со соодветна валоризација на нашиот труд преку исплата на реална и чесно заработена плата за сите лекари на приватна специјализација и менување на договорите на државните специјализанти со сооднос 1:1 во однос на годините кои треба да ги одработат во јавното здравство и финанските средства за школарина со кои го гарантираат исполнувањето на таа обврска. Ние не сме ниту волонтери, ниту робови за да бидеме максимално експлоатирани, а притоа да не добиваме ниту денар плата. Во денешно време срамота е за една современа земја која тежнее да стане ЕУ членка вака да ги третира своите лекари специјализанти, на најдолното општествено скалило.

Со почит,

Лекари специјализанти на Медицински факултет-УКИМ




Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование