X
 15.01.2021 Наша тема

Бионичката рака се составува за 1 час, а луѓето без подлактница можат сами да си ги купат деловите, велат средношколците што ја создадоа

Орхан вели дека тие што имаат недостиг на горен екстремитет, поточно недостиг на подлактница, ќе можат да ја посетат нивната веб-страница www.ebionics.org., каде што ќе има листа на делови со линкови од онлајн-продавници од каде што може да се купат истите, и потоа да ја состават целата бионичка рака за само еден час, без никакво претходно искуство, со помош на дадените инструкции на веб-страницата

Орхан Багашов е 17-годишен средношколец од Тетово кој заедно со уште тројца негови соученици го сочинува тимот „Ебионикс“, кој пред извесно време стана глобален победник на светскиот натпревар „Generation Unlimited Youth Challege“ со идејата „ВенусАрм“, односно бионичка рака печатена со 3Д-печатач, наменета за лицата со недостиг на подлактница од раката.

Натпреварот бил во конкуренција на 180 тимови од 36 земји, во категоријата на натпреварувачи под 18 години. Како победник на овој глобален натпревар, тимот добил 10 илјади долари, пари кои исклучиво се наменети за понатамошно усовршување на нивниот производ и тоа во период од една година, зашто такви биле пропозициите на натпреварот.

Орхан го изработил хардверскиот дел од бионичката рака и вели дека секој од членовите во тимот има определено задолжение, што е доказ за нивниот успех. Борис Ночески е задолжен за односи со јавност, Анамариа Илиева за маркетинг, Тео Китановки го изработи софтверскиот дел од раката.
Сите четворица учат во средното училиште ,,Јахја Кемал“ во Скопје. Така се запознале и станале тим пред една година, а оттогаш имаат изработено неколку верзии на бионичката рака.



- Сите од тимот имаат искуства во своите области, успеси по натпревари, по олимпијади. Сепак, ова беше прво искуство да работиме во тим, да менаџираме со одреден буџет, да направиме конкретен производ. Сега сме среќни што се стекнавме со вакво искуство - објаснува тој.
Вели дека веќе размислуваат како понатаму да го развиваат овој производ.
- Во 2021 планираме да ја направиме финалната верзија на бионичката рака, со цел понатаму да почнеме со комерцијализација на продуктот, но сепак тоа најмногу зависи од инвестициите - додава тој.



Орхан не може да каже од каде му се желбата и љубовта кон ова со што се занимава, но уште од мал имал интерес за мехатроника и правење машини кои би им помагале на луѓето во секојдневниот живот.
- Сега мотивот што ме движи повеќе да се надградувам во оваа област се луѓето што имаат потреба од овој производ - додава Орхан.

Корисникот сам може да ја состави раката


Вели дека нивната цел е секој што има потреба од оваа бионичка рака да може да си ја дозволи, пред сè, од финансиски аспект.
- Тие што имаат недостиг на горен екстремитет, поточно недостиг на подлактница, ќе можат да ја посетат нашата веб-страница www.ebionics.org, каде што ќе има листа на делови со линкови од онлајн-продавници од каде што може да се купат, и потоа да се состави целата бионичка рака за само еден час со помош на дадените инструкции на нашата веб-страница, без никакво претходно искуство - посочува Орхан.

Според него, нема потреба корисникот да има 3Д-печатач поради тоа што тие се партнери со компанија за 3Д-печатење. Вели дека можат онлајн да се нарачаат 3Д-печатените делови, како и останатите делови.
Тоа овозможува бионичката рака да биде 30 пати поевтина од другите.



- Оваа верзија чини 250 долари, наместо за ваква протеза некој да плати до 7.000 евра колку што е цената во продавниците за ортопедски помагала - додава средношколецот.

Денешната напредна технологија, особено сè поголемата употреба на 3Д-печатачите, овозможува изработка на вакви комплицирани предмети и делови.
Но, Орхан не бил задоволен со 3Д-печатачи што можеле да се набават на пазарот, па решил да направам еден по негова замисла.

- Овој печатач се движи со ротирачки оски и тоа му овозможува да печати многу побрзо. Ако на друг печатач му требаат 20 часа да отпечати еден дел, со мојот работата се завршува за 15 часа - вели Орхан.




Помагала и за лица со друг вид попреченост

Пандемијата го спречила тимот заедно да го следат настанот. Финалната церемонија на прогласувањето на победниците ја следеле онлајн.

- Идните проекти ќе бидат поврзани со помош на лица кои ги загубиле горните екстремитети или имаат друг вид попреченост. Исто така, планираме изработка на бионичка рака, но со различен вид контролирање. Оваа бионичка рака е за подлактница и се контролира со мускули, но би сакале да работиме и на други видови контролирање на движењата на раката. Исто така, сакаме да направиме протеза и за кога недостига целиот екстремитет и тоа ќе биде еден голем предизвик за нас по изработката на бионичката рака - додава Орхан.

Според него, првпат добиле финансиска поддршка од институција и имале можност да го прикажат најкреативното и иновативното од себе.

- И пред сè, чест ни е да бидеме наградени на светски натпревар од УНИЦЕФ - вели Орхан.
Започнавме да работиме уште пред првите работилници организирани од Смарт-ап, како дел од предизвикот Генератион Унлимитед.

- Професорот д-р Иван Чорбев ни беше ментор во првите фази на предизвикот - вели Орхан.




Иднина на европските универзитети

Би сакал своето образование да го продолжи на некој од универзитетите во европските земји зашто смета дека можат да понудат многу повеќе услови за негов развој и квалитетно образование во овие технички науки.
Сепак, посочува и дека во земјава има многу талентирани млади, но и квалитетни професионалци во различни области.
- Но, за да останат тука, да се развиваат и да бидат мотивирани, треба да се платат достојно и треба да се почитуваат. Секако, треба и повеќе да се инвестира во опрема за развој - додава Орхан.

Фото: Зоран Андонов
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Наша тема