X
 15.01.2022 Наша тема

Венециското биенале ги преживеа поплавите, а сега и пандемијата

Прашањата што постојано се поставуваат се чини дека го доловуваат овој момент во историјата кога е загрозен самиот опстанок на видот, но исто така ги сумираат сомнежите што ги опфаќаат науката, уметноста и митовите за нашето време. Која е нашата одговорност пред планетата, другите луѓе и другите организми со кои живееме, ова е прашањето на кое ќе се фокусира 59. Венециско биенале, најпрестижната манифестација на современа уметност

Венециското биенале на уметноста, најпрестижната манифестација на современа уметност, годинава ќе се одржува од 23 април до 27 ноември. Изложбата ќе нè однесе на имагинарно патување низ метаморфозите на телото и дефиницијата за човештвото, како што најави уметничката директорка на Биеналето, Сесилија Алемани, објаснувајќи ги насловот и темата на 59. Биенале на уметноста во Венеција, кое беше одложено за една година поради пандемијата. Која е нашата одговорност пред планетата, другите луѓе и другите организми со кои живееме е прашањето на кое ќе треба да одговорат учесниците.

Претседателот на Венециското биенале, Роберто Цикуто, потсетува дека и насловот на 17. Биенале на архитектурата, беше исто така во форма на прашање: Дали можеме да живееме заедно? Тие два избора, како што рече, се производ на денешното време, во кое нема сигурност и го оптоварува човештвото со огромна одговорност. Претходното, 58. Венециско биенале на уметноста, кое заврши во 2019 година со големите поплави во градот, привлече речиси 600.000 посетители, а според концептот на уметничкиот директор Ралф Ругоф, се одржа на темата „Да живееме во интересни времиња“. На централната изложба учествуваа 79 уметници во 90 национални павилјони.

Венециското биенале на уметноста, како и досега, ќе вклучува меѓународна изложба и изложби во националните павилјони во Џардини и во Арсенале, како и на други градски локации.


Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска

Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска се наши претставници

Како што е објавено деновиве, проектот „Лендскејп експириенс“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, заедно со Националната галерија на Македонија, е годинашен претставник на Македонија на 59. Венециско биенале на уметноста. Во образложението на стручната комисија на Министерството за култура се вели дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи.

- Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерираат односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со преостанатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката (Ана Франговска) го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето „Млеко од соништата“ - се вели во одлуката.

На конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022, годинава пристигнале пет пријави. Една од нив не се разгледувала откако подносителот доставил писмено известување дека го повлекува проектот од учество на Конкурсот. Преостанатите проекти што биле пристигнати и разгледувани се: „Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје); „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (НУ Музеј на современата уметност – Скопје).

„Млеко од соништата“ е тема на годинашното издание

Венециското биенале на уметноста во 2022 ќе се одржи под насловот „Млеко од соништата“, тема што уметничката директорка на Биеналето, Сесилија Алемани, ја позајми од надреалистичката мексиканска сликарка и писателка Леонора Карингтон (1917-2011), инспирирана од моменталната состојба на човештвото и потребата за негово преиспитување. Според објаснувањето на Сесилија Алемани, Карингтон опишала магичен свет во кој животот постојано се преиспитува низ призмата на имагинацијата, каде што секој може да се промени, трансформира, да стане нешто друго или некој друг.


Сесилија Алемани: Фото: веб-страница на Венециско биенале

- Изложбата нè води на имагинарно патување низ метаморфозите на телото и дефиницијата за човештвото - вели Алемани.
Во 50-тите години, додека живеела во Мексико, Леонора Карингтон илустрирала мистериозни приказни, најпрво директно на ѕидовите на нејзината куќа, а потоа и во малата тетратка наречена „Млеко од сонот“.

- Раскажани во стил сличен на сон, кој ги плаши и младите и старите, приказните на Леонора Карингтон опишуваат ослободениот свет, полн со можности. Во исто време, тоа е алегорија од еден век што воспостави неподнослив притисок врз поединецот, принудувајќи го да живее во егзил, затворен во душевни болници, станувајќи предмет на фасцинација и желба, но исто така и фигура на зачудувачка моќ и мистерија, секогаш бегајќи од структури - вели Алемани, која беше кустос на италијанскиот павилјон на 57. Биенале во Венеција во 2017 година, на кое беше претставена изложбата „Волшебниот свет“, со дела специфични за локацијата од група уметници.

Концептот на 59. Биенале на уметноста се засновал на разговори со многу уметници во изминатите неколку месеци.
- Прашањата што постојано се поставуваат се чини дека го доловуваат овој момент во историјата кога е загрозен самиот опстанок на видот, но исто така ги сумираат сомнежите што ги опфаќаат науката, уметноста и митовите за нашето време. Каква е дефиницијата за човечки промени? Што го прави животот и што ги разликува животните, растенијата, луѓето и нелуѓето? Која е нашата одговорност пред планетата, другите луѓе и другите организми со кои живееме? И каков би бил животот на Земјата без нас – прашува Алемани, додавајќи дека изложбата на 59. Биенале ќе се фокусира конкретно на три теми: презентација на телата и нивните метаморфози, односот меѓу поединецот и технологијата и односот меѓу телото и Земјата.


Фото: Веб-страница на Венециско биенале
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Наша тема