X
 12.01.2016 Образование

За една деценија сме произвеле три пати повеќе доктори на науки

Бројот на високообразован кадар и лица кои се здобиваат со титули, во Македонија е во постојан пораст. Дека е тоа така, доказ се податоците кои редовно ги објавува Државниот завод за статистика.

Ако се анализира последната публикација која ја објавила оваа институција пред неколку дена, може да се види дека во 2004-тата година доктори на науки станале 67 лица, а во 2014 година, 10 години подоцна, овој број пораснал на 206 лица, што претставува зголемување за цели три пати.

Од друга страна пак, месечните извештаи на Агенцијата за вработување, покажуваат и дека паралелно со „производството" на доктори на науки, расте и бројот на невработени доктори на науки кои седат дома без работа.

Најмногу доктори имало во 2013 година

Според публикацијата, во 2005-тата со највисоката титула се закитиле 92 лица. Следната година овој број се намалил на 85, во 2007-та - 82, па потоа пораснал на 87. Позначајно зголемување има во 2009-тата кога доктори станале 119 лица, за да веќе во 2010-тата имаме 157 доктори, во 2011 - 197, а во 2012 бројката била 146. Најмногу доктори во последниве 10 години имало во 2013-та година - 219.

Ако се погледнат статистичките податоци за возраста на докторите на науки, може да се забележи дека во 2014 година, од вкупно 206 лица со оваа титула, најмногубројни се лицата што докторирале на возраст над 40 години (96 лица). Вкупно 54 лица кои станале доктори на наука биле на возраст од 30-34 години, а по нив, најмногубројни се оние кои со оваа титула се стекнале на возраст од 35-39 години. Седумнаесетмина докторирале на возраст до 29 години.

Општествените науки водат пред сите останати



Најмногу ги има оние кои својот докторат го одбраниле во областа на општествените науки - 86 лица, 48 се од економските науки, 32 лица станале доктори во областа на медицинските науки, а 36-мина се стекнале со титулата во областа на техничко-технолошките науки. Други триесетимина пак, докторирале во хуманистичките науки.

Невработените доктори на науки, според статистиката на Агенцијата за вработување, покажува дека според профилот на образование, работа чекаат доктори по филозофија, доктори по економски науки, доктори по политички науки, доктори по педагогија, доктори по социјални работи доктори по медицински науки.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование