Скопје (05.02.2016) Повеќе од илјада деца од неколку скопски градинки имаа можност да бидат дел од едукативната театарска претстава „Органската фарма на фармерот Марко“ која во изминатиот период беше вистински хит во нашиот главен град. Имено, по една градинка од сите скопски општини беа во улога на домаќини на едукативната претстава која е проект на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. Проектот е дел од кампањата на Владата на Република Македонија за подигнување на свеста за консумација на органска храна. Оваа претстава за имаше за цел да им го разубави секојдневието на дечињата и притоа на интересен начин и лесен пристап да ги едуцира нашите најмили за органските производи и нивното значење.
Актерите во претставата, Марко Новески и Бојан Бошковски, едниот во улогата на фармер, а другиот како органско јаболче, им појаснуваат на децата кои се придобивките од исхраната со органско овошје, зеленчук, млеко и другите органски производи. Фармерот Марко има за задача на интересен начин да им појасни на децата како огледува органско овошје, зеленчук, месо и млеко и дека откако тој и неговото семејство консумираат органска храна се многу поздрави. Маскотата изработена во форма на органско јаболче на децата од градинките им раскажува колку е поубаво да се расте на органски начин отколку на конвенционален и колку е важно консумирањето на органско овошје и зеленчук за нивното здравје.
Целиот проект има за цел да создаде корелација помеѓу двата поима “здравје” и “органско” и користењето на органската храна да се разбере како потреба за здрав живот и долгорочна виталност. Кога мислиме за органско производство се мисли на специфично производство на храна, без употреба на пестициди и други хемикалии. Во проектот беа вклучени градинките:, „Весели Цветови“ - Кисела Вода, „Буба Мара“ - Аеродром, „Росица“ - Ѓорче Петров, „Снежана“ - Чаир, „11 Октомври“ - Бутел, „Пролет“ - Карпош, „13-ти Ноември“ - Центар, „25-ти мај“ - Гази Баба и Интернационалната приватна градинка „Пиколини“.