Истражувач од Русија овозможил 48 милиони статии да се појават онлајн бесплатно. И сега, таа одбива да ја затвори веб страната и покрај судската забрана и тужбата од „Elsevier“, една од најголемите издавачки куќи во светот.
Станува збор за страната „Sci-Hub“ и всушност е еден вид на „Pirate Bay“ во светот на науката. Страната била основана во 2011 година од страна на неврологот Александра Елбакијан, а причината поради која се одлучила да ја основа страната била нејзината фрустрација поради тоа што не можела да си дозволи да ги плати статиите кои и` биле потребни за нејзиното истражување. Страната стана доста позната, а стотици илјади трудови биле симнувани во еден ден. Меѓутоа на крајот од минатата година, било наредено страната да се поништи од њујоршкиот окружен суд - одлука против која Александра одлучила да се бори, предизвикувајќи дебата околу тоа кој навистина ја поседува науката.
„Плаќањето 32 долари е вистинска лудост кога треба да се читаат стотици вакви трудови. Ги добив овие документи преку пиратство. Секој треба да има пристап до знаењето без разлика на нивната плата или припадност. И тоа е апсолутно легално“, вели таа.
И не се само сиромашните оние кои немаат пристап до научните трудови - претплатата на весници стана толку скапа што водечките универзитети како Харвард и Корнел признаа дека повеќе не можат да си ги дозволат. И истражувачите зазедоа став - 15.000 научници ветија дека ќе ја бојкотираат издавачката куќа поради прекумерното наплаќање на трудови.
Се` поголем број на луѓе започнуваат да ги доведуваат во прашање издавачките куќи и дали воопшто тие помагаат во развојот на науката. Всушност, во некои случаи, создава повеќе проблеми отколку решенија со растењето на бројот на грабливи издавачи кои им наплаќаат на истражувачите за да ги објават своите трудови - без соодветен процес на резенција, ниту уредување.
„Истражувачите се под притисок. Ако истражувачите сакаат да бидат признати, и да направат кариера тие треба да имаат публикации во вакви списанија“, вели Александра.
Токму тука настапува „Sci-Hub“. Веб страната работи во две фази. Најпрво, кога пребарувате одреден труд, страната веднаш се обидува да ја преземе од друга пиратска база на податоци. Доколку ова не функционира, тогаш страната наоѓа пристап благодарение на клучеви за пристап кои биле донирани од анонимни академци. Ова значи дека страната веднаш има пристап до некој документ објавен од издавачка куќа вклучувајќи „JSTOR“, „Springer“, „Sage“ и „Elsevier“ и ви доставува бесплатна верзија во неколку секунди.
„Мислам дека бизнис моделот на „Elsevier“ сам по себе е незаконски. Секој има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата, да ужива во уметноста и да го споделува научниот напредок и придобивките од него“, вели таа.
Таа објаснува дека академското објавување е сосема поразлично од музичката или филмската индустрија, во кои пиратеријата всушност ги „осакатува“ уметниците.
„Сите тие трудови на нивните веб страни се напишани од истражувачи, а истражувачите не добиваат пари од она што издавачката куќа го наплаќа. Тоа е многу различно од музичката и филмската индустрија, во која уметниците добиваат пари од секоја продадена копија“, вели таа.
Она што најмногу ја штити е фактот што се наоѓа од Русија и нема никакви средства во Америка, па дури и ако биде тужена, би било прилично тешко за издавачката куќа да ги добие парите.