X
 15.02.2016 Економија

Грците повлекоа десетици милијарди евра од банките и не планираат да ги вратат назад

Масовното повлекување пари ја доведува во прашање ликвидноста на банките во Грција, но тоа не ги загрозува двете македонски банки кои целосно се во грчка сопственост.



Од почетокот на финансиската криза во Грција, Грците повлекле десетици милијарди евра од тамошните банки. Речиси сите што си ги подигнале парите не планираат повторно да ги депонираат на сметките во која било грчка банка, покажа истражувањето на интернационалната финансиска корпорација „Морган Стенли“.

Оваа корпорација го спровела истражувањето во Грција кон крајот на минатиот месец, а во него биле вклучени 829 испитаници постари од 18 години. Според него, повеќе од 60 отсто од испитаниците се изјасниле дека имаат мала доверба во грчкиот банкарски систем, поради што не се чувствуваат сигурни да ги чуваат парите во тамошните банки. Дури 90 отсто од лицата што веќе си ги повлекле парите од сметките, односно девет од 10 испитаници, изјавиле дека не планираат повторно да ги депонираат на сметките.   

Покрај ова, еден од тројца испитаници одговорил дека во следните три месеци нема да биде во состојба да го исплаќа својот долг кон банките, а само 15 отсто од анкетираните се изјасниле дека планираат да бараат нови кредити.

- Нашето истражување ја подвлекува сериозноста на состојбата на грчките банки. Како што се одвиваат работите во моментов, голема е веројатноста ваквата состојба да се задржи и на подолг рок - пишува во извештајот на „Морган Стенли“ што го објавија грчките медиуми.

Истражувањето е спроведено само во Грција, а не и во земјите каде што грчки банки се сопственици на други банки. Во Македонија, Стопанска банка и Алфа банка се целосно во грчка сопственост. Сепак, раководствата на овие банки, па и гувернерот Димитар Богов уште од почетокот на кризата во Грција објавија дека тамошните случувања воопшто не претставуваат опасност за македонските штедачи. Гувернерот Богов пред неколку месеци изјави дека сите банки во земјава се ликвидни, а банкарскиот сектор е стабилен и оти не му се закануваат потреси поради финансиската криза во Грција.

Според податоците што ги објави грчкиот весник „Катимерини“, само во првите шест месеци од минатата година, од грчките банки биле повлечени 35 милијарди евра, при што најмногу пари од сметките повлекле физички лица и фирми.  

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија