X
 18.02.2016 Образование

Стефан Андоновски, стипендист на МОН: Бидете иницијативни наместо пасивни критичари

Стефан Андоновски е добитник на стипендија од Министерството за образование и наука за своите студии на „Џонс Хопкинс“ во САД. По завршувањето на магистерските студии, го сретнавме овде, во Македонија. На прашањето зошто се вратил назад, тој одговара дека смета дека треба „да започне времето во кое ние нешто ќе направиме за нас како личности, за наш професионален развој, а и за општеството во кое што живееме.“ Моментално, тој е дел и од Центарот за европски иницијативи, кои работат на истражување за невработеноста во земјава. Во краткото интервју со него, дознаваме и какво било неговото искуство во САД.


Факултети: Беше добитник на државна стипендија за студии надвор од земјата. Што најмногу ти помогна во добивање на стипендијата – оцените, активностите за време на студирање, апликацијата...?

Стефан: Во текот на студиите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, започнав процес на апликација за магистерски студии на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД. По полагањето на тестови за англиски јазик, собирање препораки, пишување есеи и неколку циклуси на интервјуа бев примен на програмата за магистерски студии по меѓународни односи и меѓународна економија на престижната школа за напредни меѓународни науки Пол Х. Нитзе.

Што се однесува до државната стипендија, се работи за стипендија на Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија за студентите кои ќе бидат примени на 100те најдобри универзитети во светот според ранг листата на Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет. Со оглед на тоа што Џонс Хопкинс беше 17ти на ранг листата, добивањето на стипендијата беше едноставно, со поднесување на потребните документи до Министерството за образование и наука.

Во секој случај, далеку покомплексно беше аплицирањето на Џонс Хопкинс. Бидејќи се одвиваше во фази, целиот процес траеше околу 5 месеци. На почетокот, се бараше висока успешност на ТОЕФЛ тестот за англиски јазик. Потоа беше потребно да се достават две до три многу силни препораки од професори или успешни професионалци со кои сте работеле за време на вашите студии и практична работа. Во овој аспект, најмногу ми помогна успехот на студиите на Правниот факултет и воннаставните активности. Имено, дипломирав на Правниот факултет со просек 9,77, а во меѓувреме учествував во работата на бројни невладини организации, организирав и учествував во дебати, научни конференции, истражувања и обуки. Сето тоа ми помогна да имам силно CV, но и препораки од еминентни македонски професори и практичари. Дополнително, познавањето на странски јазици (течно зборувам англиски, италијански, српско-хрватски, а имам познавања и од грчки и германски јазик) имаше огромен учинок. По поднесувањето на препораките, доставив и два аналитички есеи, од кои едниот беше мотивациско писмо, а другиот беше есеј на тема од меѓународните односи. Во овие есеи имав можност да ги истакнам своите аналитички способности и капацитетот за пишување. По завршувањето на процесот, имав интервју со двајца претставници на Универзитетот, за кон средината на март 2013 година да ги добијам убавите вести. Бев примен на САИС на програма која вклучуваше една година студии во нивниот центар во Болоња и една во кампусот во Вашингтон, ДЦ.

  

Факултети: Како студент на македонски, а потоа и на американски универзитет, кои би ги навел како најголеми разлики меѓу нашиот тамошниот образовен систем? Што од таму би сакал да видиш овде?

Стефан: Најпрвин, не треба да се заборави дека студирањето во Република Македонија е скоро бесплатно, додека на американските универзитети годишната школарина изнесува од 40000 до 80000 долари. Тоа зборува за финансиската моќ која универзитетите во САД ја имаат. Па сепак, според мене постојат два аспекти кои се клучни за подобрување и динамизирање на процесот на студирање во Република Македонија, а можат да се извлечат од американскиот систем. Првиот аспект е активирање на универзитетот како посредник помеѓу студентот и потенцијалните работодавци, пред се, бизнис секторот. Универзитетот, преку своите контакти и преку организација на студентски саеми, треба да привлече претстставници на бизнис секторот и да функционира како линк помеѓу студентот и потенцијалниот работодавач. Ова, досега, е само процес кој функционира „на хартија“, додека во САД е најсилната карактеристика која го „продава“ универзитетот како атрактивен. Таму најдобри се оние универзитети кои најбрзо ги вработуваат своите студенти.

Вториот аспект е создавање на простор за градење на практични вештини во текот на студирањето. Оваа болест предолго го тишти македонскиот образовен систем. Како рецидив на некои минати системи, се уште имаме наставни програми од кои студентот не извлекува никакво практично применливо знаење или вештина. Иако постојат аргументи кои велат дека универзитетот не е место за градење вештини, мое мислење е дека треба да го слушаме пазарот. А тој е јасен и гласен – на македонските дипломци им недостасува практично знаење за да се снајдат во бизнис средината. Во ситуација кога универзитетите одбиваат да се прилагодат на пазарот, се плашам дека тие може да станат излишни.


Факултети: Зошто се врати во Македонија?

Стефан: Тешко прашање кое често го одговарам. Постоеја два клучни мотиватори – првиот формален, а вториот суштински. Формалниот е обврската која ја имам како стипендист од договорот со Министерството за образование и наука која бара од мене да се вратам во Република Македонија и да работам во јавниот или приватен сектор четири години. Но, оваа обврска е флексибилна во поглед на времето кое можам да го поминам во странство пред да се вратам и секторите во кои можам да работам.

По однос на второто, моите колеги од САИС имаат просечна плата од 60000 долари годишно. Во Република Македонија платите се далеку под овој просек, па свесен сум дека можеби полесно и попрофитабилно ќе беше ако останев да работам во САД или Западна Европа. Од друга страна, чувствувам дека сум и должник на Република Македонија за образованието кое ми го овозможила и можностите да се надградувам во странство. Искрено сметам дека со своето знаење и вештини стекнати во САД и Италија можам да придонесам за подобрување на состојбите и напредок во нашето општество. Оттаму, е мојот професионален ангажман во приватниот сектор како и основањето на здружението за граѓански и младински политики Центар за европски иницијативи Скопје. Сметам дека треба да застане времето во кое чекаме некој друг да направи нешто за нас и треба да започне времето во кое ние нешто ќе направиме за нас како личности, за наш професионален развој, а и за општеството во кое што живееме. Затоа, апелирам до оние млади кои се во можност, да го инвестираат својот интелектуален капитал во нашето општество, и да веруваат во еволуција наместо во револуција.

Факултети: Што би им препорачал на студентите овде?

Стефан: Би им препорачал да бидат иницијативни наместо пасивни критичари. Во изминатиот период се изнаслушав критики кон образовниот систем, општеството, економијата, итн. Ретко слушнав некој да се обидел да се надгради себе и да придонесе за позитивна промена преку иницијативи, активности и проекти. Дополнително, им завидуваме наместо да учиме од луѓето кои се изградиле себе си во ова општество, ги надминале предизвиците и се искалиле во потешкотиите, и излегле и го „освоиле“ светот. Ваквите идоли постојат и во науката, спортот, културата, уметноста, образованието, здравството. Најдобро за еден млад студент е да ги пронајде овие идоли во својата фела и да учи од нивните животни приказни. Затоа, со Центарот за европски иницијативи и работиме во ова поле. Во потрага сме и во промоција на успешни приказни кои ќе им ги покажат на младите вистинските правци за професионален развој.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование